1003 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:59
Во Полска денес се одбележува 70-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор Аушвиц. На истиот датум кога Црвената армија во 1945 го ослободила Аушвиц-Биркенау, симболот на масовното страдање на луѓето - повеќето од нив Евреи - во Втората светска војна, во светот се одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот, кој на 1 ноември 2005 година го установи Генералното собрание на ОН.
Ширум светот денес ќе биде одбележан Меѓународниот ден на сеќавањето на жртвите од холокаустот, кога на 27 јануари 1945 советските единици го ослободиле логорскиот комплекс Аушвиц-Биркенау во кој, како што се смета, се убиени повеќе од еден милион луѓе.
Се проценува дека за време на Втората светска војна во склоп на нацистичкото т.н. „конечно решение“ се убиени шест милиони Евреи, што отприлика претставувала една третина од припадниците на тој народ. Во голем дел од централна и источна ЕВропа, еврејската популација практично исчезнала, или била сведена на сосема незначителен број.
„Конечното решение“ на нацистите започнува со нацистичката инвазија на Полска во септември 1939 година. Потоа уследиле првите масовни убиства на Евреи и нивно изгладнување до смрт, а меѓу првите жртви биле и советските војници заробени во Послка и на балтичките и советските територии.
Еден од најмоќните луѓе на Третиот рајх и командант на ослогласените СС трупи, Хајнрих Химлер, набрзо согледал дека ваквиот метод е „многу ограничувачки“, зашто не можел да се примени на поголема територија во западна Европа. Со својот заменик Рајнхард Хајдрих осмислил друг метод на истребување на Евреите во вид на гасни комори, техника која во Германија е користена врз лица со попреченост.
Химлер, творецот на холокаустот, го осмислил планот за отворање концентрациони логори во Полска во кои би требало да се убиваат луѓе со пуштање на отровниот гас „циклон Б“, чија употреба првпат почнала во Германија во почетокот на 1920-тите. Аушвиц станал најголем логор во кој нацизмот ја остварил страотната замисла за масовно уништување луѓе.
Првично замислен како затвор за полските политички затвореници, изграден е на југот на Полска во близина на Краков, во градот Освјенчим, а неговата изградба ја наредил Химлер во 1940 година.
Во близина на главниот логор се изградени уште 40 други. Три километри понатаму, во селото Бжежинка, во 1941 година е изградена огромната фабрика на смртта Биркенау, а тука се уште и логорите Белзец, Собибор и Треблинка.
Се знае дека тие три логори се изградени врз основа на „Операција Рајнхард“, која е покрената со цел „конечно решение“ за еврејското прашање, а според податоците од вашингтонскиот Меморијален центар посветен на холокаустот, во таа операција се убиени 1,7 милиони Евреи.
Во логорот Биркенау се изградени повеќето машини за масовно уништување, а се издвојуваат четирите крематориуми со гасни комори. Командант на логорот Аушвиц бил Рудолф Хес.
Меѓутоа, сите жртви во Аушвиц не умреле од отровниот гас. Непосредно пред доаѓањето во сточните вагони, заробениците биле „селектирани“ кај рампата за истовар, како што ја нарекувале нацистите. Лекарите и СС ги разделувале затворениците на оние кои веднаш ќе бидат убиени и на оние кои ќе го преживеат доаѓањето. Еден од лекарите е и Јозеф МЕнгеле, наречен и „Ангелот на смртта од Аушвиц“. Покрај „селекцијата“, Менгеле спроведувал и ѕверски експерименти - некои од нив и врз деца. Бројот на жртви од концентрациониот логор Аушвиц никогаш не е утврден.
Нацистите официјално регистрирале 405.000 затвореници од кои 340.000 се убиени со тешка работа, глад, болести и „медицински експерименти“. Во логорите за масовно уништување, доведени се и стотици илјади луѓе, најмногу Евреи, кои се убиени, но за кои не постои никаква евиденција.
Според некои проценки, во периодот од 1940 до 1945 животот го загубиле околу 1,1 милион луѓе, убиени во гасни комори или од глад, болести и тешка принудна работа.
Светските новински агенции пишуваат дека проценката на бројот на жртви во Аушвиц се движат околи 1,5 милиони па сè до 3,5 милиони, што е податок кој најчесто се среќава во различни енциклопедии, со забелешка дека официјално се искажува број од околу 2,5 милиони мртви.
Црвената армија го ослободила Аушвиц на 27 јануари 1945 гоина. Германските единици пружале очајнички отпор. Во ослободувањето на логорот загинале 231 црвеноармеец, а преживеаните заробеници, околу 7.500, изгледале „повеќе мртви отколку живи“.
Врз основа на одлука на полскиот парламент, логорот Аушвиц добил статус на државен музеј и претставува единствено такво место кое се наоѓа на листата на светското наследство на УНЕСКО.
Поранешниот концентрационен логор на смртта годишно го посетуваат повеќе од милион луѓе. Минатата година бројот на посетители достигна околу 1,5 милион луѓе, од кои барем 70% се млади.
Извор: e-novine