1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:35
Критичарите на институционалната демократија често се жалат дека изборите по правило не донесуваат промени. Главно сè се сведува на избор помеѓу десниот и левиот центар со речиси иста политичка програма. Грчките избори покажаа дека тоа не е секогаш така. Уште од 27 јуни 2012 грчките гласачи направија избор: владејачкиот поредок од една страна и Сириза, коалиција на радикалната левица, од друга.
Во време на суштински избори владејачкиот поредок обично запаѓа во паника. Се повикуваат слики од социјален хаос, сиромаштија и нереди кои ќе настапат ако се избере погрешната страна. И самото навестување на победата на Сириза предизвика потреси на пазарите и доведе до вообичаената идеолошка персонификација на пазарите кои „проговорија“ како да се човечки суштества: „изразија грижа“ за иднината, ако на грчките избори изгуби гарнитурата која ја застапува политиката на строго фискално штедење.
Во реакцијата на европскиот поредок на можната победа на Сириза се препознава образец кој најдобро го опиша Гидеон Рахман во својот коментар во Фајненшал Тајмс: „Најслабата алка на еврозоната се нејзините гласачи“. Во идеален свет, еропската бирократија, таа „најслаба алка“, се укинува и експертите непречено ги спроведуваат неопходните економски мерки. Ако воопшто дојде до избори, тие служат само за да го потврдат експертскиот консензус.
Од таа перспектива изборите во Грција се ноќна мора. Како е можно да се избегне оваа катастрофа? Очигледен начин беше заплашувањето на грчките гласачи со пораката: „Велите дека сега ви е тешко? Чекајте да победи Сириза, па ќе ја барате благосостојбата на изминативе години“.
Алтернативата е истапување на Сириза (или нејзино исфрлање) од европскиот парламент, со несогледливи последици, или „валкан компромис“ со кој двете страни ќе ги ублажат своите барања. Тоа предизвикува нов страв: не од ирационално однесувње на Сириза после победата, туку страв дека Сириза ќе прифати рационален валкан компромис кој ќе ги разочара гласачите и чие обновено незадоволство повеќе нема да биде под контрола на Сириза.
Колкав е маневарскиот простор на владата која ќе ја формира Сириза? Да го парафразирам претседателот Буш, не треба да се потценува разурнувачката сила на меѓународниот капитал, посебно кога е во спрега со саботажите на кои е спремна корумпираната клиентелистичка грчка бирократија.
Дали новата влада во такви услови може да спроведе радикални промени? Замката која се крие тука е јасно изразена во книгата на Томас Пикети „Капиталот во 21 век“. Според Пикети, капитализмот е нужност, па единствената изводлива алтернатива е да се пушти неговата машинерија да дејствува во својата сфера, а принципот на еднаквост да се спроведува по политички пат - со демократска власт која ќе го регулира економскиот систем и ќе врши дополнителна распределба на добрата.
Таквото решение е утописко во најстрога смисла на зборот. Пикети добро знае дека моделот кој го предлага би можел да функционира само глобално, над суверенитетот на националните држави (инаку капиталот би бегал во земјите со понизок данок). Тоа подразбира постоење на светски сили со доволно моќ и авторитет да го спроведат. Меѓутоа, таква глобална сила е незамислива во рамките на денешниот глобален капитализам и политичките механизми кои тој ги подразбира. Накратко, ако постои таква сила, основниот проблем веќе би бил решен.
Какви дополнителни мерки би биле потребни за да се спроведат на глобален план високите даночни стапки кои Пикети ги предлага? Единствен излез од тој маѓепсан круг е да се пресече Гордиевиот јазол и да се дејствува. Совршени услови за акција не постојат - секоја акција по дефиниција е избрзана. Но, мора да се почне од некаде, со една поединечна интервенција. Притоа треба да се води сметка за понатамошните компликации до кои таа ќе доведе.
Но што со огромниот долг? Европската политика кон тешко задолжените земји како што е Грција е extend and pretend - продолжи го рокот на отплата и преправај се дека веруваш дека долгот ќе биде вратен. Зошто тогаш не се престане со концептот на продолжување на рокот на отплата на долгот? Причината не е само додворувањето на германските гласачи, ниту стравот дека отписот на грчките долгови би предизвикал слични барања од Португалија, Ирска и Шпанија. Станува збор за тоа дека оние кои ги влечат конците всушност не сакаат тие долгови некогаш да се вратат.
Доверителите на задолжените држави се обвинуваат за недостиг на чувство на вина - им забележуваат затоа што се чувствуваат недолжни. Нивниот притисок совршено се вклопува во она што психоаналитичарите го неракуваат супер-его. Парадоксот на супер-егото, како што Фројд убаво објасни, е во тоа што колку повеќе се покорувате на неговите барања, толку повеќе расте вашето чувство на вина.
Замислете пакосен наставник кој на учениците им поставува само невозможни задачи, а потоа садистички се насладува кога тоа кај нив предизвикува страв и паника. Вистинската цел на позајмувањето пари не е враќање на долгот со камата, туку продолжување на задолжувањето во бескрај, кое ги доведува должниците во состојба на постојана зависност и подреденост.
Да ја земеме за пример Аргентина. Кога пред десетина години таа земја одлучи да ги отплати своите долгови кон ММФ пред рокот (со финансиска помош на Венецуела), ММФ (или поточно, неговите водечки кадри) изразија загриженост дека Аргентина ќе ја искористи својата слобода и финансиска независност од меѓународните монетарни институции за да ги напушти фискалните мерки и да се посвети на неодговорно трошење.
Долгот е инструмент на контрола и регулација на должниците и како таков се стреми кон сопствено ширење и умножување.
Јасно е што е единственото можно решение: сите знаат дека Грција никогаш нема да го врати својот долг и треба да се собере храброст и да се отпише. Тоа е можно да се изведе по прилично поподнослива економска цена, со проста политичка волја. Во тоа лежи нашата единствена надеж да излеземе од магичниот круг на бриселската неолиберална технократија и лажните расистички страсти. Ако ние не ги преземеме тие чекори, ќе ги направи некој друг, од грчката Златна зора, до британскиот UKIP.
Во својата книга „Белешки за дефиниција на културата“ големиот конзервативец Т.С. Елиот забележува дека понекогаш единствениот избор кој го имаме е оној помеѓу ересот и безверјето, т.е. дека некогаш единствен начин на зачувување на верата е секташкиот раскол. Тоа е нашата денешна позиција во врска со Европа. Само нов „ерес“ (кој во овој момент претставува Сириза) - отцепување на Грција од Европската унија - може да го спаси она што е вредно за спасување во европското наследство: демократијата, вербата во луѓето и солидарната еднаквост.
Извор: In These Times, 22.01.2015.