Молкот на нашите пријатели

28.01.2015 11:57
Молкот на нашите пријатели

Иако глобалниот колапс на социјалистичката идеја од деветнаесеттиот век, што се случи во последниве три децении, имаше масивни последици коишто сè уште не може ниту да се согледаат, веќе денес е јасно дека тие се главно негативни за целиот свет. Исчезнувањето на левичарската мисла и политичката енергија што ѝ даваа смисла на идејата за слободата, еднаквоста и братството, остави вакуум кој беше секавично исполнет со неолибералистичкиот триумфализам и неконтролираниот глобализациски капитализам. Поради ова, глобалниот брод веќе опасно се навали вдесно, а темните води на растечките нееднаквости и непријателства, на поделбите на пребогати и сиромашни и на „наши“ и „други“, веќе се преливаат на неговата палуба. Овие состојби што засилено нè носат како темна плима во длабочините на 21-от век, застрашувачки наликуваат на геополитичките и општествените тенденции од првата половина на минатиот век – времето на најстрашните катастрофи во човековата историја. Навистина, периодот после Првата светска војна во Европа по многу карактеристики наликува на раниот почеток на веков пред 25 години, на ерата на создавањето на нови независни држави од труповите на социјалистичките федерации. И тогаш и денес новите држави беа создавани во духот на победничкиот триумфализам на неолиберализмот и слободниот пазар. И двата триумфализми, во различни форми и размери, но како според некоја мрачна историска законитост, набргу донесоа изненадувачки изопачени и регресивни појави: драматични економски кризи и депресии, кои пак доведоа до укинување или замирање на демократиите и будења на демоните на етноцентризмот, национализмот, расизмот и фашизмот.

За нас Македонците, крајот на добата на катастрофите од првата половина на дваесеттиот век заврши со среќен Почеток - со создавањето на нашата држава и култура, кои процутија и ги дадоа своите највредни плодови во „златните времиња“ на дваесеттиот век кои следеа. Кој можеше да сонува дека денес – по четвртина век од независноста на Република Македонија, повторно ќе се најдеме во неслобода, како да сме сè уште во предмакедонско доба, во младиот дваесетти век? Десничарскиот бран на авторитаризми што се создаваат на многу места во Европа, Азија и Африка – кој неверојатно наликува на катастрофалната плима на фашизми и нацизми од дваесеттите и триесеттите години од минатиот век - како да нè втурна во процес на пребрзо распаѓање, во општествена агонија која нè држи во постојан шок и несвесност за природата на нашата несреќа. Паралелите со историските сличности, можеби нема да ни донесат утеха (особено ако се споредуваме со Добата на катастрофите), но секако можат да ни помогнат да го разбереме она што ни се случува. За нас, повторно неслободните Македонци, особено „интересни“ се таканаречените „органски“ диктатури, кои во минатиот век беа карактеристични за католичките земји, како што се Португалија, донекаде Шпанија, и голем број на средно и јужноамерикански земји. Зашто, сличноста на Груевски со некој „каудиљос“ или „хефе де ла хунта“ е фрапантна, но и смртоносна за македонските перспективи.

Зошто смртоносна, ќе прашате, а не само загрижувачка или забавна, или конечно, урнебесно комична, каква што сигурно им изгледа на дистанцираните набљудувачи? Па, затоа што најкарактеристичниот пример за ваквата „органска“ корпоративистичка диктатура што се прска со ексклузивната тоалетна водичка „Aqua di fascismmo”, беше тивката но злосторничка диктатура на Оливеира Салазар, којашто среде Европа траеше во „тишина и пасторала“, врз крвта и коските на уништените комунисти и другите непомирливи инакумислечки слободари, практично од 1926 (номинално од 1932) до 1974 година. Од оваа веќе заборавена парафашистичка диктатура со капиталистички економски систем и слободен пазар, која погубно потсеќа на авторитарниот режим на Груевски, произлегува поразното сознание дека на големите сили на либералниот капитализам (коишто ја отелотворуваат таканаречената „меѓународна заедница“) не им пречела антидемократската и нехумана, профашистичка диктатура во срцето на Европа цели 48 години! Ужасна потсетка на непријатното тивко толерирање или премолчена подршка што режимот на Груевски денес ја ужива од истите меѓународни фактори! Има уште многу други – исто така депресивни - историски примери на таа толеранција на големите либерално-демократски сили кон десничарските авторитарни режими, кои за таа толеранција на меѓународната заедница за возврат ѝ испорачувале регионален мир и стабилност (во замена за внатрешното угнетување и неслобода).

Прегледот на историјата на 20-иот век води до уште пострашен заклучок дека безмалку сите десничарски диктатури од профашистичка, корпоративистичка или друга провениенција од почетоците на векот до денес, биле директно или индиректно поддржувани од либерално - демократскиот свет. Сето ова време, либерално-демократската алијанса како да е „осетлива“ само на социјалистичиот тоталитаризам, а десничарскиот тоталитаризам и фашизмот како да ги чувствува за „свои чеда“, за легитимни и бенигни капиталистички „проблеми“ кои со време – како детски болести – сами ќе поминат. Оваа толеранција, меѓутоа, никогаш не ги зема предвид ненадоместливите историски штети, а ниту пак честиот смртен исход на болното општество. Тогаш, таа подршка била оправдувана со антикомунистичка реторика, а денес таа е резултат на необнародените поместувања на геополитичките тектонски плочи и спомнатото стрмно навалување вдесно на современата неолиберална глобална арка. Овие општи негативни тенденции се најмногу „виновни“ не само за формалната легитимација на авторитарниот режим на Груевски од страна на меѓународната заедница, туку и за нападното „слепило“ на светот за фашистичката природа на овој режим. А, општото „слепило“ кон фашизмот не може да е случајно - и тоа е налошата вест за нас: фашизмот на Груевски не е изолирана појава, туку е дојден како наплив од еден интерконтинентален бран. Ете, пред неполни две недели, во текот на својата посета на Берлин, украинскиот премиер Јацењук дал интервју на германската телевизија АРД, каде што изјавил дека „сите многу добро го паметиме советскиот упад во Украина и Германија“, „што денес мора со сите сили да се одбегне“, мислејќи, се разбира, на победоносното напредување на Црвената армија до Хитлеровиот Берлин во Втората светска војна. Може да се рече дека е ова најотвореното оправдување и афирмирање на хитлеризмот и нацизмот од војната до денес, на толку високо „премиерско“ ниво. Но, немаше никаква реакција на овие зборови на Јацењук, ниту во германската јавност, ниту во европскиот дипломатски дискурс. Исто како што нема реакции за подемот на украинскиот неонацизам и фашизам, коишто клучно партиципираат во одржувањето на украинската нова „демократија“.

Се работи, значи, за континентален политички амбиент во кој виреењето на фашизмот веќе не предизвикува антифашистичка или барем елементарна слободарска, хуманистичка или демократска реакција. Ова активно одбивање на либерално-демократската меѓународна заедница да го идентификува и делегитимира новиот фашизам клучно му погодува на режимот на Груевски непречено да се одржува - да се богати и јакне, крадејќи ја татковината и уништувајќи ја македонската цивилизација, претворајќи ја во некултурен, ниско организиран и аморфен биолошки остаток, заглавен во релјефните набори на ограбената балканска вукојебина. Или, како што рекол Мартин Лутер Кинг: „На крајот, ние нема да ги запаметиме зборовите на нашите непријатели, туку молкот на нашите пријатели.“

Извор: Слободен печат
Слики: Scott Scheidly

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото