Бернардес: заборавената ѕвезда на бразилската архитектура

29.01.2015 11:43
Бернардес: заборавената ѕвезда на бразилската архитектура

Серхио Бернардес бил ѕвезда на бразилската архитектура во шеесеттите години на минатиот век. Водел возбудлив, гламурозен живот, проектирал куќи и хотели за елитата. Бил современик на Оскар Нимаер, а пријатели му биле Кенедиеви и Брижит Бардо. Една средба со Бакминстер Фулер во САД го променила Бернардс, кој потоа полека ја губи својата гламурозна позиција во општеството.

Бернардес е роден 1919 година, а починал во 2002, речиси сосема заборавен. Сега неговиот внук Тијаго Бернардес, кој и самиот е архитект, истражува како неговиот славен предок исчезнал од историјата на архитектурата. Заедно со режисерите Пауло де Барос и Густаво Гама Родригес снимил филм за Бернардес. Преку разговори со луѓето кои го познавале и преку историски снимки и нацрти, филмот ја документира кариерата на архитектот од славните денови и популарноста до целосен заборав.

Познат по тоа дека можел да направи и 24 проекти за куќи во еден месец, Бернардес зад себе оставил повеќе од 6.000 проекти. Првата куќа која ја направил уште на 15-годишна возраст, за Бразил е значајна зашто ја воведува челичната конструкција. Бил познат по грубата естетика и емоционалниот пристап кон архитектурата. Еднаш изјавил дека „архитектурата не треба да се заврши, туку да се живее“. Кога го споредуваат со Нимаер, неговите современици велат дека куќите на Нимаер се убави, а дека во оние на Бернардес добро се живее.

Palácio da Abolição

Casa Lota de Macedo Soares

Прекинот со бонвиванскиот живот, па така и со архитектурата, уследил по средбата со Бакминстер Фулер. Бернардес од САД му се јавил со писмо на своето семејство и рекол дека му е доста од глумата, и дека сака да го промени начинот на кој живеат луѓето. Потоа исчезнал. Кога конечно се вратил во Брзил, државата била под воена диктатура. Опседнат со идејата дека го менува светот со архитектурата, Бернардес верувал дека можел да го промени режимот одвнатре и соработува со него. Во филмот јасно се гледа дека соговорниците избегнуваат да го коментираат тој период. Поради соработката со режимот Бернардес ја изгубил својата популарност, но не и жарот кој и понатаму го терал да работи, „да го менува светот“.

Во периодот што уследил безуспешно се обидел да се кандидира за градоначалник на Рио де Жанеиро и проектирал некои мегаломански проекти кои никогаш не ги реализиал. Тука спаѓаат неверојатно големите згради кои требало да го решат недостигот од станбен простор, и десетици илјади километри долгиот аквадукт кој би требало да го реши недостигот од вода во североисточен Бразил итн.

Hotel Tropical de Manaus

Неговата помалку позната фаза филмот ја претставува како период во кој архитектот остварил целосна слобода, исполнување на желбата на архитектот да биде она што е. Сепак, делата по кои би требало да биде запаметен се оние настанати порано, токму поради вниманието кое го насочил на контекстот во кој настанале. Така павилјонот Сао Кристовао е пионерско дело на инженерството од тоа време, хотелот Тропикал Тамбау, кружен објект кој опфаќа и плажа, е проектиран така што исчезнува од видикот. Бетонските решетки не само што ја распрснуваат силата на брановите, туку го прават нивниот звук составен дел од архитектурата.

Hotel Tropical Tambaú in João Pessoa, Brazil

Неугледната позиција која ја добил бразилскиот павилјон за Експо Брисел во 1958 година, Бернардес ја решил со интересен балон кој се издигнува над отворот на покривот и зависно од временските услови, овозможува вентилација или го оневозможува снегот да влезе внатре. Визионерскиот пристап кон архитектурата во овие дела навистина се остварил.

Brussels Pavilion

Целта на филмот е да поттикне расправа за архитектот чиешто дело навистина било визионерско и кој заслужува свое место во историјата на модерната јужноамериканска архитектура. Иако можеби тоа не била интенција на авторот на филмот, документарецот „Бернардес“ исто така нè тера на размислување за односот меѓу архитектурата и политиката и позициите од кои се пишува историјата на поновата архитектура. Прашањето кое тука се наметнува е како да се однесуваме кон значајните архитектонски остварувања кои настанале во склоп на омразени режими. Одговорот на тоа прашање на овој сега веќе историски пример во голема мера би помогнал во формирање став во таквите случаи кои се појавуваат денес.

Извор: pogledaj.to