Поданичко новинарство

30.01.2015 02:15
Поданичко новинарство

„Ласкањето е легален вид корупција. Законот за тоа не предвидува казна“

Шарл Бодлер

 

Оваа мисла на Бодлер, еден од најголемите и највлијателните француски поети на XIX век (9 април 1821 - 31 август 1867), ми прелета низ главата, гледајќи ја емисијата „Јади бурек“ (23.01.2014), во која водителот со таква сервилност се обраќаше кон премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, што на секој негов збор кимнуваше со главата со блажен израз на лицето и со понизна насмевка. Дури и неговите „потпрашања“ завиткани со неизбежните извинувања во стилот „да не биде погрешно разбран“, беа во истиот дух: умилкувачки воспевајќи го гостинот, кој беше прилично спокоен во студиото.

ОЛИЦЕТВОРЕНИЕ НА НЕВКУС

Какви карактерисктики треба да има еден новинар, и воопшто еден човек, за да може на премиерот да му каже дека работи напорно, и, колку тој повеќе работи, опозицијата и народот сѐ повеќе врескаат!

„Еве, колку вие отварате нови инвестиции, опозицијата постојано вика. Иако за овие десет години се уверивме колку е тешко да се донесат. Десет големи компании влегоа во Македонија, 'Дрекслмаер' на пример… Знаеме колку е тежок тој процес некого да го убедиш, особено поради конкуренција од соседните земји. Но, колку повеќе вие носите, се ангажирате, толку повеќе има врескање: сиромаштија, глад, беда, ниски плати…“ (0,40 – 1,16 минута од видеоснимката)

Да се каже вакво нешто во ситуација кога државата ни е рангирана меѓу најсиромашните земји на Балканот и во Европа (според годишниот извештај „Светска книга на фактите“ што го објавува ЦИА), кога се одржуваат маршеви против сиромаштијата, бидејќи секој трет човек во Македонија живее во беда, а неколку стотини илјади луѓе ја напуштиле земјава во изминативе две децении во потрага по подобар живот, во најмала рака е олицетворение на невкус.

Згора на тоа, во еден поданички манир и без никаква задршка, како неприкосновена, апсолутна вистина да се прифатат хвалоспевите на премиерот за економска и за инвестициска преродба на државата, e навистина непрофесионално и неодговорно.

ЛАЖНА БЛИСКОСТ

Полтронството се рашири како опасна болест во македонското новинарство. Медиумските владини мегафони немаат минимум одважност и храброст да кажат макар некој збор кој не е по мерка на владејачката елита. Пропагандата, спинувањето, понизното однесување, делењето комплименти, се продаваат како стандард во професијата. Притоа не се штедат зборови на почит и на поклон кон власта, особено кон премиерот, а на недоличното (лигаво) однесување му се дава тежина на искрен национален занес и патриотизам.

Во такво извитоперено новинарство, станува нормално да се демонстрира лажна блискост со шефот на Владата, во стилот: еве, со премиерот сме на „ти“. Како во петочната емисија „Јади бурек“, која се сведе на едно карикатурално ниво. Тамам си помислил дека не може да се оди подолу, стигнува демантот дека, сепак, можело и пониско.

Па, во една целосно изместена ситуација, изгледа дури логично премиерот да држи лекции и да му поставува прашања на водителот!

„Е па ајде нека не се гради, да застанеме и да не се гради… Кога се спортува не е лошо да се крене точакот и тоа е вежбање, не е само возењето… Колку пати ти вежбаш неделно“, (Груевски)

И, откако тој вака му се обрати на водителот, потоа како на мало дете му рече „браво“, бидејќи вежбал исто како него „секој ден по 40 минути“!

Но, тоа не е сè. Умилкувањето од домаќинот изгледаше уште поразочарувачки:

„Доцна се сетив, ти цел живот тоа го правиш (вежбање) и во добра форма си, добра препорака е спорт рекреација, здрава храна, кампања.“

Што да се каже за ваквите проблесоци, од кои човек останува фрапиран! Па постојат, нели, професионални норми на однесување, а има и непишани правила кои мора да се константа како: професионалната чесност, интегритет, достоинство и углед.

АПЛАУЗ ЗА ПРЕМИЕРОТ

Само, за каков новинарски интегритет и достоинство може да се зборува кога за да му се угоди на премиерот, се напаѓа секој кој не мисли како власта – опозицијата, експерти, новинари. Што е пострашно, со потценување се говори за колега кој беше во затвор поради напишан текст. Уште се глуми и неопитност дека, наводно, не било јасно „како сега тоа станало пресметка на власта со Кежаровски“ (4,54 минута од видеоснимката).

„…полицијата и обвинителството вршат акција, ги апсат сторителите и истовремено го приведуваат и судот му дава притвор на Кежаровски. И така јас дознавам дека тој човек постои на оваа планета…“ (премиерот) (4,40 минута од видеоснимката)

„Кога му го видов ликот, јас реагирам емотивно, викам леле греота човекот пуштете го! Но, од вас се бараше да бидете над законот, над правото, над државата и со акламација да кажеш, да свртиш телефон пушти го детево. И затоа сте прикажани како кољач од ИСИС (Исламска Држава во Ирак и Сирија) кој ја убива демократијата, дека ги контролирате и владеете медиумите, дека нема демократија. И тоа се збори, се збори, па на протести цела опозиција се дигна и успеаја 1.500 души да се соберат…“ (водителот) (1,00 -1,58 минута од видеоснимката)

Не е за верување дека на некој македонски новинар не му е јасно зошто постои сомнеж дека власта се пресметува со Кежаровски. Напротив, не само новинарската, туку целата јавност знае дека новинарот Кежаровски беше уапсен во мај 2013 година, три месеци откако главниот сведок за случајот со убиството во Ореше, Златко Арсовски („Бреза“) призна (февруари 2013 година) дека бил присилен да биде лажен заштитен сведок.

Исто така, сосема е јасно зошто „дури и госпоѓа Дуња“, изјавила дека „ќе го следи одблиску процесот“ (0,29 до 0,37 минута од видеоснимката). Ама, несомнено, попрагматично е да се аплаудира на секоја реченица на премиерот, да се ламентира дека народот има конкретни животни проблеми по болници, шалтери, администрација(!) и без ронка срам и почит кон колегата да се каже „а ние тука се занимаваме со Кежаровски“!

„Мене, како човек и како татко, ми е жал за Кежаровски. Ама јас господине премиер секоја вечер сум тука и сосема десетти се проблемите на народот…“ (9,20 минута од видеоснимката)

Ваквиот исказ, вклучително и драматиката на водителот, изгледаат дегутантно и кај неутралниот гледач предизвикуваат чувство на непријатност поради туѓиот срам.

ПРЕСОЛЕНА ШЕГА

Но, зарем може еден новинар кој држи до своето реноме и углед на секоја реченица од премиерот да вели: „да, така е“, „во право сте (си)“, „убаво го кажа ова“…

Па, новинарот по дефиниција нештата треба да ги прифаќа со одредена резерва, да биде сомничав, да изгради една критичка дистанца. А, не да го воздигнува премиерот до небесни височини и да ужива кога тој етикетира „новинари декларирани против Владата кои говорат со омраза и злоба“, и, се разбира, „примаат кеш од СОРОС!“

Меѓутоа, во таквиот наплив премногу да му се ласка на премиерот, се прават и гафови. Како оној со белиот лист хартија што го доби премиерот кога рече дека „ги сожалува одредени новинари и им посакува да се повеќе среќни“ (5,30 минута од видеоснимката)

„Усреќете ги, еве потпишете оставка, повлечете се и пуштете ги на власт. Ете, што да ви кажам друго. Па, нема друго!“ (6,38 минута од видеоснимката).

Предлогот требаше да прозвучи смешно, но киселата насмевка на премиерот покажа дека ефектот е спротивен. Беше очигледно дека не му се допадна шегата, која, сепак, беше пресолена за неговата суета.

Зошто некои новинари, водители, медиумски куќи се согласуват и буквално се ставаат на располагање на одредени политички елити со што го деградираат професионалниот морал? Имаат ли, навистина, целосна доверба во нивната исправност, непогрешливост и визионерска моќ? Или причината, можеби, лежи во професионалната некомпетентност, одењето по линија на помал отпор како најбезболен модел на новинарско-конформистичко, поточно, кукавичко однесување?

Гледано од поинаков агол, поданичкото новинарство има и своја прагматична заднина – корумпираноста, пред сѐ, од морален аспект. Феномен кој подеднакво ги зафаќа новинарскиот професионален и морален профил, како и власта која ја сервисира.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Свирачиња