Лукративни параспури

30.01.2015 13:32
Лукративни параспури

1.

Значи, не дај боже на човек да му падне на глава некој од споменициве од скопскиот кич, или пак на улициве од централното градско подрачје да налета на оној Минхаузенон и да добие уплав, не ќе знаевме дека имаме и синдикат за култура! Каде ли беше тоа чудо до вчера, и завчера, каде се криеше? Што сè низ годиниве виде оваа жална македонска култура, а не разбра дека имала и синдикат – божем да ја штити. Од што и од кого? Од себе самата? Па од толку „грижа“ на државата, зарем уште има за нешто да се грижиме? Та нели културата ни е приоритет, нели е наш амбасадор во светот, му доаѓа нешто како помал брат на помпезноно министерче за надворешни работи. Она кое држи „меѓународни“ конференции (со дипломатскиот кор!) среде Скопје. Значи, министерката за култура некако му доаѓа – сестра, или барем полусестра?!

Како и да е, никако да се сетам каде и кога, последен или прв пат, сме чуле за овој синдикат? Или – зошто не сме чуле? Да не е тоа некаква тајна организација во рамките на македонската култура, толку тајна што никој и не знае дека постои? Нешто во стилот на онаа историскана тајна организација? И таму ли седат такви војводи, и тие ли дискутираат за кревање на некакво културно востание? Ќе нè информираат ли барем на време, да не биде пак преурането, задоцнето, вакво и онакво, и сè да оди по ѓаволите?

2.

Подеднакво интригантно е зошто сега се огласува ова таинствено синдикално организирано тело? Навистина ли е време за востание? Договорено ли е со оние што ги држат бомбите подготвени и чекаат некаков сигнал за напад? Да не е ова сигналот – сигналот од моќната македонска култура која што едвај чека да се крене на нозе против окупаторот? Цврц!

Знам, не ќе да е баш така. Овие очигледно излегле од ладовината зашто надвор веќе се стопли, кокичињата излегоа па можат и тие, а и целата земја се буди. Заради што? Па заради пари, што друго би ја мотивирало културата? Оставете ги без хонорарите, земете им ги тезгите, и – ете ви востание во културата. Инаку, за ништо друго не ги боли. Само тогаш се заборава и татко и брат, и партија и лидер, никој на културата не смее да ѝ чепка во парите. Како според народнана: брат за брат, или партија за партија, ама сирењето (културата) за пари!

И ете, осмелувајќи се да чепне таму каде што не смее, но бидејќи веќе и ѓаволот ја батали шегата и мора да се прибирааат пари од секаде, еве овие „патриотиве“ се дрзнаа да стават рака и на хонорарниот културен денар. И тука нема милост. (Не)културниот синдикат не го интересираат законите за високото школство и студентските протести, уште помалку го интересира распределбата на буџетските пари низ т.н. „квака 22“ во Министерството за култура, него не му чуе што институциите пропаѓаат, што имаат полуписмени директори, што награди и пензии добива веќе секоја шушимига која била чистач во некоја институција, што ова… што она. Овој синдикат се грижи само кога нему ќе му брцнат во џебот. Е тогаш настанува државен проблем. Види богати: два оркестра веќе престанале да работат! Ма не е можно? Значи тоа била најавената пропаст на светот, а?!

А тоа што целата македонска култура престана одамна да постои, тоа нив не ги загрижува? Или ова што го гледаат денес им се чини култура?

3.

Како е можно тој ист синдикат уста да не отвори кога пред пет-шест години сепаратно им се делеа плати во театарот со директно брцање во џебот на сите останати културни работници? Како е можно никој од нив глас да не пушти за континуираните малверзации со т.н. национални а всушност теснопартиски интереси во годишните програми? Зарем не им боцка(ше) очи очигледниот конфликт на интереси кај оние културни „работници“ членови на Советот на Министерството за култура кои себеси, со години, си делеа капом и шаком? Зарем баш никој не им ја дошепна вистината кој до вчера беше директор на Националната галерија; кој сè уште е директор на Музејот на современата уметност, кои се директори низ македонскиве театри, библиотеки, културни центри… пушти ли некој од тоа синдикалистите глас за дупката од 800.000 илјади евра по филм, или за парите што ги инкасираат директно од Владата другине lap-dog режисјори во македонската култура; гледа ли тој слеп и глув синдикат што и како се презентира низ светот под името „македонска култура“…? А каде беше тој мизерен, пардон – мистериозен, синдикат кога неговите (не)културни членови минатата година протестираа со таламбаси против опозицијата низ скопските улици? И има ли тој синдикат да каже нешто за Универзалната сала алијас „Аце Македонски“?

Или навистина е најбитно тоа што, ете, два оркестра престанале да работат заради даноците на хонорарите? А за синдикалнине бруки низ институциите – за тоа не знаат? И како тоа сега им текна дека со измените во Законот за култура се прави папазјанија во звањата и платите во културата? Знаат ли тие шушумиги кога поминаа измениве на Законот? И навистина, во кое време, во која земја ни на небо ни на земја живеете вие, шутраци?

4.

И впрочем, како тоа овој (не)културен синдикат уста не отвори толку години за сите минхаузеновштини токму на оној лакрдијашон од почетокот, а кој сака да се претставува и како Ацо „Рембрант“? Јавнат онака најпростачките на грбот на Министерството за култура, со катагодишни слалом и велеслалом партии низ македонските културни буџети – малку за изложби, малку за странство, малку за филм … И секогаш му е малку, па сега запнал и да прави историски портрети, од Адама од Говрлево до Хорхета Величествениот. Малку им беше оној лукративен параспур резил со „12-те апостоли“ на ВеМеРоТо на „прославениот“ ни сликар Анастасов (кој, патем, а и не само тој, си ја упропасти кариерата со такви ниски партиски спреги!), па сега (одново) ќе ги сликаат портретно, па допојасно, па цела фигура … сите славни македончиња низ историјата. Колку да се најдат во работа, де, и да капне уште од некоја страна. Нема ли тука синдикатов што да каже?

Додуша, се чини дека Ризаов му кажа на Минхаузенов сè што треба за овој негов предлог, ама тој професионално е тврд на уши, а лесен на џеб. Ги слуша само звуците на сребрениците што тропкаат на внатре. Ама, ми текнува што му е задната намера на предлогот. Поточно – предната. Зашто, кога ќе завршат со портретирањето на „патриотиве“ од сите агли и ракурси, ќе преминат на – детали. Па ќе дојдат и до интимните делови, таканаречените гениталии. А тој е тука мајстор. Еееј, што такви и онакви ќе испонаслика. Во различни големини. (Само не знам „видеастката“ што ќе сработи? Ќе ги „видеализира“ можеби историските седници на Парламентот, и Владата?)

Затоа будалава не сака да дојде до „… ретроактивно одбележување на историјата на македонската нација и држава …“. Тој сака сега, веднаш, и тука. Сè тој / тие да направат, по можност да се почне уште утре, рано посабајле „…синхрониски да се зафатиме со оваа задача“, да не биде некој друг да се намерачи на парите. Да се осигураат уште денес, не знаат што доаѓа утре! Или знаат? Ама знаат и други!

И нема ли, повторно, „синдикатов“ нешто да каже (и) по овој повод, и за ваквите предлози за пљачкосување на македонскиот културен денар? А за „величенственион“ кич низ главниот град што однесе над шест-седум стотини милиони евра, и за тоа ли немаат што да кажат? Колку оркестри ќе свиреа со тие пари?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото