Келнскиот карневал без Шарли

30.01.2015 16:49
Келнскиот карневал без Шарли

Организацискиот Комитет на Карневаот во Келн ја повлече одлуката во карневалската поворка да има место и за колата наречена „Шарли“. Според првичниот план, на колата требало да биде прикажано како еден карневалски „шут“ со пенкало ја затнува цевката од пушката на терорист. Комитетот соопшти дека се откажува од овој план затоа што му се јавиле „загрижени граѓани“, не наведувајќи конкретно за каква „грижа“ станува збор, но со забелешка дека ги сфаќа тие граѓани „многу сериозно“. „Не сакаме во поворката да има кола која ја ограничува слободата и леснотијата на карневалот“, пишува понатаму во соопштението. Во продолжение следува избор од коментарите кои по тој повод беа објавени во германскиот печат.

Рајн-некар цајтунг: „Нападот на редакцијата на Шарли Ебдо се одигра пред три недели. И веќе покрај повиците кои се залагаат за слобода на печатот израсна и хорот страшливци кои не се осмелуваат на еден ваков безопасен начин да го карикираат судирот. Нападот во Париз ја постигна целта.“

Лаузицер рундшаус (Котбус): „Дали келнските карневалисти потклекнаа пред исламизмот? Мораме да ја протолкуваме така одлуката на карневалскиот Комитет да се откаже од колата со мотиви од нападот врз Шарли. Пораката на таа кола гласеше: слободата на мислење е посилна од силата на оружјето. Ако организаторите веднаш изнесеа став дека крвавиот терор не е соодветен мотив за карневалската поворка, тоа би го разбрал секој. Но тоа што тие се правдаат со безбедноста на посетителите, звучи како страв.“

Зидкурир (Констанц): „Нешто не штима овде... Келн даде пример за избрзана послушност и автоцензура... Притоа, оваа карневалска кола, така како што е замислена, беше уште и безопасна: ниту ја навредува исламската слика за бог, ниту пророкот, ниту девиците. На колата само требаше да биде прикажан еден џихадист кој е напрвавен бесопасен. Пенкалото е посилно од оружјето - тоа е прекрасна слика од еден виц. Келнскиот комитет прерано потклекна. Ако не се осмели на вакво нешто, тогаш поминаа најдобрите времиња на политичкиот карневал. Со ножици во главата, смеата не е можна.“

Ное рур/ Ное рајн цајтунг (Есен): „Одлуката за повлекување на карневалската кола со мотиви од Шарли Ебдо од карневалската поворка е кукавичка и глупава. Заинтересираните кругови сега повторно ќе скокнат и ќе изразат огорчување поради исламот, обвинувајќи го дека ја укинува слободата на мислење во Германија. А Келнскиот карневал всушност самиот се цензурираше. Повеќето муслимани нема да имаат разбирање за оваа одлука зашто се знае дека повторно ќе бидат ставени под генерален сомнеж. А и затоа што го презираат тероризмот во име на исламот. На келнскиот карневалски комитет може да му се каже само: симнете ги карневалските капи. Вие не сте никакви карневалисти. Само сте кловнови.“

Ное вестфалише (Билефелд): „Порано карневалот имаше нешто со критиката на владејачките прилики. Политичарите беа влечкани низ калта, карикиран е затворот Гвантанамо, тематизирана е ситуацијата во Либија. Еден од најстарите обичаи на учесниците на карневалот е да им се потсмеваат на моќниците. Сега тие очигледно само се плашат дека нема да можат безгрижно да се прошетаат.“

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото