Државниот удар е веќе изведен!

31.01.2015 16:33
Државниот удар е веќе изведен!

Значи, Зоки Заев ќе одговара за државен удар, во обид!?

Кога би биле основани сомневањата на власта правилно би било да се каже дека Зоки Заев планирал државен удар против веќе извршениот државен удар од страна на власта; но проблемот изгледа е во тоа што во Уставот и во Кривичниот закон ние немаме инкриминација „државен удар против државен удар“ или „државен противудар“, да не речам „контраудар“! Ниту имаме инкриминација „извршен државен удар“, „перфектен државен удар“, „перманентен државен удар“ или „уставен удар со помош на Уставот, Уставниот суд и Владата“!

Средствата што се пронајдени кај првоосомничениот Верушевски, значи 2 (со зборови: два) пиштола, 4 ( четири) компјутери и 6 (шест) мобилни телефони, покажуваат дека групата имала максимално сериозни намери!

Идејата, пак, на обвинителството, да ги користи како инкриминирачки за Заев неговите ставови, позиции и аргументации во разговорите со Груевски, независно од каков карактер биле неговите излагања во средби тет-а-тет, спаѓа во редот на куриозитетите кои кога на некој феноменален начин би станале стандард на светската политика или на фамилијарното и љубовничко живеење, човештвото би морало да се затвори самото себе, без остаток - ако не го сметаме Надвојводата Шарло, нормално! Не би била можна цивилизацијата, Зврле, цивилизацијата, дали ти знаеш за што јас зборувам!?

Не можам тука да одолеам и да не кажам дека инфантилноста на Зоки, неговата блесава идеја дека ќе го совлада крокодилот на режимот со муабети и со расипаните јајца на аферите со кои би го натерал да се задави или да се повлече, па тоа бескрајно парадирање со најавите за бомбите, беа некој вид боринка со која тој си го осветли патот до челуста на крокодилот бидејќи одбиваше паметни совети: дека со тоа животно не смее така да постапува!

Апсолутно сум убеден дека кривичната пријава против Заев ќе го карикатуризира режимот на чипираните идиоти; таа пријава е жилетче со кое Груевски, легнат во топлата миризлива када, си ја сече вената! Заедно со другите брички на својата беспардонна репресија, всушност - терор! Но, ај да не јадам многу гомна оти и гомното може да биде средство на државен, ако го наместиш така за на него да се лизне и да си ја скрши главата тој што треба!

Треба да се знае дека човекот или групата што ќе испланира и изведе државен удар против чудовиштето на вемерето, ќе влезе во историјата како најзначајната фигура во историјата на Македонија, а јас верувам дека нема да го заобиколи и Нобеловата награда за мир!

Слика: Свирачиња
Извор: Фејсбук профилот на авторот