Психолошки албум на Македонија (2)

02.02.2015 03:50
Психолошки албум на Македонија (2)

Првиот дел од психолошкиот албум на Македонија ја оживеа следната приказна: Во македонската реалност сочинета од паралелни димензии насекаде и во сè, моралната ерозија, граѓанската неодговорност и повеќегодишната негација се она што го спречува Македонецот да увиди дека колективната самодоверба треба да ја бара во развојот, науката и културата, а не во името и статуите. Авторитарниот систем го гасне граѓанскиот ентузијазам, визија, креативност и создава импотентен и зависен граѓански свет. А каде што има зависност, нема слобода.

Во вториот дел од албумот, може да ги издвоиме следните фотографии:

Фотографија 3 – Заменски наставници се ангажираат во училиштата во кои наставниците штрајкуваат.

Притисоци и закани, уцени, списоци, и на крајот, замена за наставникот кој си ги бара своите права! Интересна е пораката позади оваа фотографија, а психолозите често сакаат да го слушнат и видат имплицитното, оти имплицитното ги создава тоновите на боите во оваа ( и секоја друга ) фотографија. А пораката која иако имплицитна е многу јасна, зборува дека секој вработен наставник е заменлив. Без секого се може, и тоа е многу лесно да се изведе. Никој не е посебен, никој не е значаен, ничии права не се важни... бидејќи во Македонија, државата е пред сè!

Оваа идеја е толку опасна колку што го повредува човечкиот интегритет во неговата срж: ниедно општество кое претендира кон развој и просперитет не смее да ја поништи драгоценоста и значајноста на својот граѓанин! Секој човек е драгоцен, и таа драгоценост расте низ неговото искуство, работа и релации кои ги гради со луѓето за кои е тој драгоцен. Ако образованието е столбот на општеството, секој учител кој минал години во едно училиште подучувајќи и растејќи ги нашите деца, е драгоцен.

Се прашувам како еден Македонец патриот кому последниве години му стана исклучително важна тема македонската значајност и посебност, ја прима оваа имплицитна идеја за тоа дека без секого се може? Како тоа тој, толку посебен како Македонец, стана толку безбоен, апатичен и немоќен пред ваква порака која му вели дека е безначаен? Се чини дека колку повеќе сме „посебни“, и во свои посебни индивидуални светови, толку сме подалеку од реалноста, а реалноста ја прават обичните нешта и обичниот човек, кој иако обичен, е сепак драгоцен. Тоа е ризикот кога посебноста се бара во античкото минато, наместо да се создава во оваа наша реалност, овде и сега.

Туку, имплицитната порака во оваа фотографија има и продолжение: никој не е посебен и значаен, освен власта, на која ниеден граѓанин не смее да и каже дека греши. За среќа, ни тоа не е вистина : освен што не е посебна, таа може да се замени, а може и да и се даде отказ.

Фотографија 4 – Рекламите за време на паузите од ракометот, нè подучуваат: од тоа како да се храниме здраво, до семејното планирање ( притоа 3 деца се идеална бројка)

Бидејќи учителите се заменливи, власта е тука да ги корегира и да ја изврши и таа улога. Власта ќе биде учител и воспитувач. Оваа фотографија го отсликува можеби најтешкиот психолошки процес овде и сега: инфантилизирањето на својот народ. При медиумската цензура и мрак, попаднати во шпанско-турски севдах, Македонците биваат третирани од медиумите (односно од власта), како телетабиси. Што е проблематично во оваа слика? Прилично е невозможно да имате прогресивно општество во кое власта му се обраќа на својот народ не само како на деца, туку како на граѓани со пречки во развојот (а граѓаните ја прифаќаат таа своја позиција). При инфантилизирањето, таа дури не се однесува ни негувачки кон своите граѓани-деца, во смисла да поддржува една креативност, ентузијазам, радост, љубопитност (култура, наука, економија). Единствениот ентузијазам кој го поддржува власта е патолошки: таа очекува да се радувате на сите нејзини бесмислени потези бидејќи е сосема некритична за своите политики и владеење. Односно, очекува да се радувате што им давате мандат во кој и понатаму ќе ви го гушат личниот и општествен развој.

Еден од основните проблеми на македонскиот граѓанин е што тешко ја учи лекцијата по граѓанство која вели дека е негова должност да биде критичен кон власта. Тоа е негова должност бидејќи на тој начин си ги бара своите права од власта од која се очекува да биде добар менаџер кој ќе му овозможи на граѓанинот да си го креира својот живот! Просечниот македонски граѓанин, кој прифаќа да има позиција на немоќно дете во општеството, политичарите ги гледа на два начина: како идол на кој ќе му се воодушевува, или како непријател кој ќе го мрази. Колку би било поинтересно, од психолошки аспект, кога државникот би го виделе како свој соработник, и како таков би го критикувале барајќи од него повеќе и подобро да вложува во тимот! Наш пријател или непријател сме ние за самите себеси, не премиерот, не опозицијата, не странските служби, не Сорос. Секој граѓанин мора сам да си ја понесе одговорноста, за она што го очекува за себе и за онакво општество во кое сака да живее. Притоа, не е добра идеја таа одговорност да се проектира на грбот на студентите, на грбот на македонската репрезентација, или пак на некој трет од кој ќе се очекува премногу. На тој начин повторно се влегува во магичниот круг на создавање идоли, и во зависнички позиции, односно се задржува позицијата на дете.

Фотографија 5 – Професорката Каракамишева и професорот Беџети, гости на Алсат-М Телевизија, обајцата бранејќи ги своите позиции и ставови за Законот за високо образование

Оваа фотографија во која професорката многу емотивно ги брани своите позиции без воопшто да имате впечаток дека самата верува во нив, ме потсетува повторно на нашата двојна реалност. Имам впечаток дека, при следната нова страница од македонската приказна, повеќе ќе им се налутиме на оние кои можеле, но не сакале. Оние кои имале капацитети, вештини, знаење и влијание да бидат важен општествен учесник и двигател во развојот на општеството, но кои одлучиле тоа да не го сторат. Сите оние омилени и влијателни македонски личности, уметници, научници, интелектуалци кои имаа можност, а сметам и обврска, да бидат општествено одговорни, а кои решија да го продадат својот интегритет (цената притоа е неважна), се повеќе одговорни од оној македонски граѓанин кој не умеел да види, или сметал дека всушност немал избор.

Ивана Станковска
М-р психолог, семеен советник

Кон првиот дел

Слики: Caras Ionut

ОкоБоли главаВицФото