Не им верувајте на своите очи

02.02.2015 10:38
Не им верувајте на своите очи

Додека го читате овој текст или разговарате со пријателот, ќе трепкате приближно 20 пати во една минута. Трепкањето, физиолошки гледано, на очните јаболчници им ја обезбедува неопходната лубрикација и, понекогаш, заштитата од прав или други потенцијално штетни надворешни влијанија. Но, тоа не е сè.

Иако се случува спонтано, трепкањето не е сосема случајно. Доколку мониторот, преку кој го читате овој текст, е опремен со апарат за следење на движењето на очите, ќе забележи дека трепкате почесто кога ќе дојдете до точка, односно до крајот на реченицата, отколку кога ќе стигнете до нејзината средина. Во жив разговор, вашето трепкање се совпаѓа со моментот во кој вашиот соговорник ја завршил мислата и направил пауза во говорот. Со други зборови, трепкањето како да служи за уште нешто, освен за подмачкување на очните јаболчници.

Меѓу истражувачите, оваа дилема е позната како физиолошка загатка на трепкањето. Група автори од Универзитетот во Осака, неодамна се приближи до нејзино решение, доаѓајќи до заклучок дека трепкањето му овозможува на мозокот да се одмори. Имено, во моментот на трепкање мозокот преминува од состојба на мирување -препознатлива по смирената активност во мозочните области поврзани со одржување внимание - во активација на невроните кои создаваат таканаречена default mode network. По паузата – во траење од неколку милисекунди до неколку секунди – мозокот повторно е подготвен да се фокусира на обработка на информациите кои допираат до него.

Истражувачите допрва треба да откријат каква точно е функцијата на ова краткотрајно „исклучување“. Претпоставуваат дека на тој начин мозокот се брани од преоптоварување преку нови инпути, давајќи ни време да излеземе на крај со оние кои веќе пристигнале на обработка. Меѓутоа, тоа не е крајот на енигмата пред која нè поставува една едноставна, автономна функција како што е трепкањето.

Фасцинантниот мозок или малку е доволно

Со оглед на тоа дека трепкаме помеѓу 10 и 20 пати во една минута, тоа значи дека десет проценти од времето кое го поминуваме будни во текот на денот – всушност го поминуваме со затворени очи. За тоа време на нашиот мозок му е одземена можноста за визуелен инпут кој му го обезбедува органот за вид – окото. Сепак, ниту сме свесни за овие краткотрајни „затемнувања“, ниту со повторното отворање на очите имаме впечаток дека сме пропуштиле нешто.

Трепкањето е само робустен пример за фасцинантната способност на нашиот мозок, врз основа на ограничена и често нецелосна информација за надворешниот свет, да формира точни очекувања и предвидувања за тоа како тој изгледа и функционира. Иако не сме свесни за тоа, тој го прави тоа постојано: секогаш кога ќе погледнеме низ „шпионката“, мозокот, без да нè оптоварува со тоа, ги активира содржините поврзани со лицето или со дел од лицето што го гледаме, овозможувајќи ни да ја видиме целата личност; во некои други ситуации, тоа го прави со истиот глас што ни е доволен за да ја слушнеме целата личност.

Ултимативна функција на човечкиот мозок е да ни овозможи да преживееме. За да успее во тоа, мора да ни испорача вистинита слика за надворешниот свет, попрецизно, вистинита во таа мера, за да се снајдеме. Покрај точноста, мора да води сметка за уште два меѓусебно поврзани критериуми: брзината со која нè снабдува со слика за надворешниот свет и оптоварувањето на кое во тој процес се изложува себеси, но и нас.

Во оној момент кога ќе ги отвориме очите милијарди фотони „атакуваат“ кон нив. Нашиот мозок нема капацитет да ги преземе сите за обработка. Наместо тоа, еволуирал во вистинска машина за препознавање на редот и матриците во хаосот од сензорниот инпут со кој го затрупуваат нашите сетила. Како и да е, ние не ги гледаме фотоните, туку перципираме уредени, смислени облици: стол, ламба, работна маса...

Лажлив мозок или склоност кон илузии

Најголем дел од времето мозокот е вчудоневидувачки точен во своите очекувања/предвидувања и во надоместувањето на недостасувачките делови од информациите: најчесто правилно идентификуваме позната личност дури и кога ни е свртена со грб; живата ограда која е обликувана како лебед сепак не ја гледаме како зелен лебед кој се прпелка на тревата... Но, не е секогаш така.

Брзото вчитување на ред во хаосот понекогаш резултира со бизарни перцепти: гледаме човечко лице на површината на Марс или приказ на Исус на тортилја. Од истата причина наклонети сме да поверуваме во оптички илузии: на „Хермановата решетка“, во точките на пресекот на белите линии гледаме непостоечки сиви кругови (загледајте се во нив и ќе видите дека ги нема); „Канижовиот трик“ ни наметнува да видиме триаголник, иако не е нацртан.

Наклонетоста кон оптички лаги е всушност показател за софистицираност, а не за недостаток на човечкиот мозок и на перцептивниот апарат. Тие се резултат на релативно мал број случаи во кои предвидувањата и очекувањата на нашиот мозок за поредокот на нештата во надворешниот свет се покажуваат неточни.

Оптичките илузии не би „функционирале“ единствено кога би биле во ситуација детално да ја обработиме секоја информација што ќе ја добиеме преку сетилата. Меѓутоа, цената за тоа би била огромна. Меѓу другото, мозокот ќе мора да биде далеку поголем отколку што е. Последично, ќе мора да имаме многу поголема глава. Неа, пак, нема да може да ја носи нашиот скелет, а тоа ќе го направи невозможно нашето исправено движење. Далеку од тоа дека ова значи дека нашиот мозок и нашата перцепција се совршени.

Несовршен мозок или погрешни очекувања

Примамливо е – дури и утешително – да се верува дека мозокот ни овозможува реална слика за светот. Меѓутоа, тоа не е точно. Оптичката илузија која ја смислил американскиот физиолог Алберт Ејмс во далечната 1934 година, позната како „Ејмсова соба“, сведочи за тоа дека она што го перципираме и начинот на кој го правиме тоа во голема мера е производ на нашите антиципации, односно е прилагодено на нашите очекувања и навики.

„Ејмсовата соба“ е конструирана така што ги руши сите наши претходни искуства, знаења и очекувања за тоа како изгледа типична просторија. Нејзините таван, ѕидови и под се поставени под екстремни агли: или многу поголеми, или многу помали од 90 степени. Сепак, ако низ клучалката или отворот на ѕидот погледнеме во нејзината внатрешност, нема да забележиме ништо необично. Нашиот мозок до таа мера е навикнат да ги гледа таванот, ѕидовите и подот кои се поставени под прав агол, што така ја перципира и извртената „Ејмсова соба“. И покрај тоа, доколку во неа има луѓе, нашиот визуелен систем ќе ги извитопери за да ги прилагоди на очекувањата за вообичаената архитектура на собата.

Иако ги доживуваме како забава, оптичките илузии имаат сериозни импликации и им служат на психолозите и невронаучниците како извор на идеи и информации за тоа како функционира човечкиот ум/мозок. На пример, „Ејмсовата соба“ руши една од широко распространетите предрасуди – дека сложените когнитивни процеси, како што се донесувањето заклучоци, донесувањето одлуки и формирањето ставови тече одоздола, па нагоре, односно од перцепција кон став. Меѓутоа, станува збор за двонасочна улица: нашите ставови и убедувања за тоа што е нормално, логично и вообичаено, често ги блокираат перцептите кои директно ги кршат или се во спротивност со таквите очекувања. Со други зборови, нашето искуство во извесна мера е обликувано од нашите очекувања.

Абнормален мозок – абнормални предвидувања

Дали сакате да бидете имуни на оптички илузии и дисторзии на кои инаку е склон нашиот мозок? На прв поглед, идејата изгледа привлечно. Впечаток е дека на тој начин би го зајакнале сопственото рацио, но и личните когнитивни капацитети. Меѓутоа, во реалноста отпорноста на оптички илузии се среќава токму кај луѓето кои страдаат од некои од најтешките ментални нарушувања – на пример, шизофренијата – поврзани со намалени когнитивни способности. За нештата да бидат поинтересни, когнитивните симптоми од психотичните нарушувања се составени токму од искривена перцепција на реалноста и убедувања кои се базираат на неа.

Перцепцијата не е само креирање претстави за надворешниот свет; таа во голема мера креира свет кој го нарекуваме реалност. Тинејџерката која е чувствителна на промени низ кои поминуваат нејзините ум и тело, ќе биде понаклонета смеењето на групата врсници кои стојат недалеку од неа да ги протолкува како потсмев за нејзиниот изглед, аутфит и фризура. Средовечниот човек кому во недоволно чувствителна пуста улиица му се приближува група млади луѓе во кожни панталони, со видливи тетоважи на рацете и вратот, многу лесно може да почувствува неудобност, па дури и симптоми на паника, доколку е убеден дека таквиот изглед му одговара на концептот „проблематично момче“.

Предвидувањата и очекувањата на хипотетичката тинејџерка и средовечниот човек многу лесно можат да бидат потполно неточни: групата тинејџери можеби се смее заради некој виц; младите во кожни панталони можеби се враќаат од концерт и воопшто не го забележуваат исплашениот минувач. Иако се погрешни, ваквите предвидувања се нужни. Тие произлегуваат од механизмите кои и поединечно и како вид ни носат бенефит во поглед на преживувањето: настојуваме да ја заштитиме сопствената репутација во социјален контекст; ознаките за потенцијална опасност во окружувањето нè прават повеќе будни и поподготвени за (ре)акција. Кога погрешните предвидувања стануваат абнормални и прераснуваат во нарушување?

Напредокот на когнитивната невронаука, на истражувачите им овозможи подобро да ги разберат начините и механизмите со чија помош човечкиот мозок учи за надворешниот свет, формира предвидувања за него и реагира. Што може да тргне наопаку со овие процеси за да доведе до ментални болести?

Пол Флечер, професор по невронаука на Универзитетот во Кембриџ и автор на доминантната теорија која нуди одговор на горното прашање, верува дека клучот е во расчекорот помеѓу предвидениот/очекуваниот и реалниот исход.

Таканаречената грешка во предвидувањето сигнализира дека постои нешто ново во опкружувањето што треба да го научиме и да го укалкулираме во своите предвидувања. Значи, во основа, таа е корисна. Нè спречува да им робуваме на стереотипите и да станеме нефлексибилни до мера до која веќе нема да им се прилагодуваме на промените на средината.

Замислете свет во кој сè е спротивно на вашите очекувања, на сè морате да посветите огромно внимание, зашто сè е ново и туѓо, вклучувајќи ги вашите лични мисли и дела. Таквиот свет набрзо би станал неподнослив и загрозувачки. Еден од начините за разрешување на ваквиот расчекор, смета Флечер, е личноста да заклучи дека е проколната, прогонета, жртва на заговор – сето тоа се чести компоненти на мислењата на луѓето кои страдаат од психотични нарушувања.

Флечер и неговите соработници ја тестираат хипотезата дека психолошките нарушувања, или барем некои од нивните симптоми, се последица на абнормални мозочни реакции на грешките во предвидувањето. Прелиминарните истражувања го потврдуваат појдовното предвидување. Снимките од мозоците на шизофреничарите покажуваат силна реакција на „изневерени очекувања“, при што постои корелација меѓу интензитетот на реакцијата, односно нејзиното отстапување од типичното, и интензитетот на психотичните симптоми. И покрај тоа, со хемиска модификација на сигналот на грешките во предвидувањата, и кај здравите луѓе можно е да се произведат психотични симптоми. Со други зборови, абнормалниот сигнал на грешката во предвидувањето доведува до абнормални промени во односот помеѓу убедувањата и очекувањата.

http://mindreadingsblog.wordpress.com