Пуч

02.02.2015 11:29
Пуч

Премногу лесната и, би рекле, безобразна употреба на зборот „пуч“ во името на полициската операција, по која лидерот на опозицијата доби кривична пријава за „за противуставно уривање на државниот поредок“, а неколкумина се веќе во притвор, уште еднаш ја актуелизира употребата на овој термин во македонскиот јазик и во македонскиот контекст воопшто. Велиме „уште еднаш“, иако премиерот Никола Груевски во своето обраќање децидно утврди дека станува збор за прв ваков обид во македонската историја, бидејќи токму оваа гарнитура на владејачката ВМРО-ДПМНЕ пред едвај две години (24 декември 2012 година), кога пратениците на опозицијата брутално беа истерани од Парламентот, тврдеше дека тогашниот лидер на опозицијата Бранко Црвенковски се обидел да изврши – пуч!.

Колку сериозно власта ја сфаќа сопствената конструкција за државен удар, говори и фактот дека наводниот водач на пучот, Зоран Заев, не е уапсен (иако, верувам, дека власта со задоволство би го видела зад решетки, ама, ете, проценките се изгледа вакви), дека целото злосторничко здружение се сведе на едвај тројца луѓе, плус по некој член на нивните семејства, дека фамозниот Совет за безбедност на претседателот Иванов пак не одржа седница, ниту се јави оној негов мистериозен советник за овие прашања... Не се споменува оружје (освен оние два пиштола на разузнувачот Верушевски), нема вонредна состојба (што не значи дека нема да биде), нема вмешаност на високи воени чинови (речиси задолжителна состојка на секој пуч)... Јасно им е, значи, не само на длабокоумните, туку и на оние благомислечките, дека станува збор за груба политичка пресметка на власта со опозицијата и, јасно, за – постоечки материјал што ја компромитира актуелната владејачка елита. Дури и спинот со странските разузнавачки служби кои наводно го доставиле материјалот не делува доволно убедливо во конструираната приказна за пуч. Која, имено, странска сила сака пуч во Македонија? И, еве, ако има таква, нема ли подобри методи да се изведе пучот?

Што е пуч? Според дефинициите, станува збор за обид на заговорници со сила, со средства спротивни на демократската процедура или со фалсификување на таа процедура да ги срушат носителите на власта или на политичката хиерархија. Пучот, исто така по дефиниција, се спроведува кога една политичка група смета дека власта ја носи земјата во погрешна или несакана насока. Македонија, ако се изземе воениот пуч на генералите Симовиќ и Мирковиќ од 27 март 1941 година, нема некое искуство со пучеви. Во предвечерието на југословенските војни, Претседателството на СФРЈ гласаше за своевиден „легален“ пуч што требаше да го изврши ЈНА и да воведе воена управа во земјата. За среќа, оваа опција не помина. Иако пучевите се специјалитет на африканските и латиноамериканските земји, Европа не е имуна од нив. Најпознат пуч е „Пивничкиот“, односно „Минхенскиот“ пуч на Адолф Хитлер од 1923 година, кој иако не успеа, го најави и Хитлер и неговиот начин на водење политика. Грција преживеа тешки години на „полковничката хунта“, по воениот удар од 1967 година на генералот Патакос. Франко во Шпанија и Мусолини во Италија се дојдени на власт по пучеви. Како и да е, некои пучеви се проценети и како позитивни. Таков е примерот со пучот на Кенан Еврен во Турција од 1980 година, кој иако репресивен, успеа да воведе ред во анархичната состојба на земјата. Дури и пучот на полскиот генерал Војчех Јарузелски од декември 1981 година за дел од аналитичарите се смета за позитивен. Наводно, без воведување воена диктатура можело да се очекува Советскиот Сојуз да ја нападне Полска, а тогаш последиците секако би биле покатастрофални.

Постојат и пучеви што ги врши самата власт (токму Јарузелски, кој беше претседател на Народна Република Полска е класичен пример, а и неуспешниот пуч пред југословенските војни влегува во оваа категорија), а тоа се случува кога власта самата го урива уставниот поредок (или со еднострани уставни измени, или со очигледно кршење на уставот), кога, на пример, трите власти – законодавната, извршната и судската – се ставаат под една капа и, конечно, кога се кријат компромитирачки материјали од јавноста. Да се разбереме, не мислиме тука на македонската власт (иако така може да изгледа) бидејќи, без оглед на „бомбата“ на Заев, во јавноста само во последните неколку месеци излегоа толку компромитирачки афери, од патни трошоци, преку куќата на Миле Јанакиевски, па сè до парите потрошени за „Скопје 2014“ (и куп други) што во секоја нормална држава би предизвикало, ако ништо друго, тогаш барем серија оставки.

Разликата меѓу пучот и револуцијата е во тоа што целта на револуцијата е комплетно менување на системот (Француската револуција – промена на монархијата во република, Октомвриската револуција – промена на монархијата во комунистичко/социјалистичко општество), додека пучот во основа не ги допира основните поставки на системот, особено во општествената поделба на материјалните добра.

Пуч е релативно нов збор (иако појавата не е) и доаѓа од швајцарскиот германски (putsch) што отприлика би значело „иницијален удар“, а влегува во стандардниот германски јазик по Циришкото востание од 1839 година. Според некои извори овој збор првпат е употребен во неговото денешно значење во 1919 година (за разлика од терминот „државен удар“, според францускиот „coup d’etat“, кој е во примена од XVIII век).

Нема да биде чудно, по македонската „пучистичка“ епизода, овој збор да добие едно сосема ново, подбивно, значење.

Слики: Свирачиња