Во вината е вистината

03.02.2015 02:34
Во вината е вистината

Македонија ги надмина ограничувањата што ги наметнува формата, организацијата, системот наречен држава. Се претвори во простор во кој стана невозможно да се одвои, да се распознае и да се одлучува помеѓу правило и исклучок, нормата и примената, фактите и правото. Стана - логор. Просторот што се отвора кога вонредната состојба почнува да се претвора во правило претставува логор (Агамбен). Кај нас таквото претворање е одамна завршена работа, без разлика што некои екстремни ситуации – како оваа сега, на пример - сè уште ги чувствуваме како вонредна состојба.

Како и во секој, така и во македонскиот логор, суспендирана е поделбата на власта, правниот поредок, изгубени се правата на луѓето, особено на тие кои не се ни управници, ни нивни поддржувачи, ни директни чувари. Зборот на фирерот – во нашиов случај премиерот - станува закон што стапува на сила во истиот момент кога ќе биде (како-така течно и колку-толку правилно) изговорен. Тој, во името на сите, проценува што е добро, а што лошо, што е опасно за државата - поточно за него и, евентуално, за неговата партија - тој и обвинува и суди и одредува казни...

Покренат е процес (кафкијански) против сите и луѓето се окупирани со потрагата по сопствената вина (тука секој е виновен додека не го докаже спротивното). Но, човекот, граѓанинот се претвора во логораш во моментот кога ќе поверува дека токму тој ќе биде исклучок од правилото и дека џелатот ќе биде хуман. Барем спрема него.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња