Леголенд

12.02.2010 13:19
legoland-oktober-.jpg

Повелете во Леголенд! Зошто да се мачите и да патувате во далечните Јапонија и САД? Зошто да трошите пари за многу авионски карти или за илјадници литри бензин за да ги прошетате Германија, Норвешка, Холандија, Шведска и Данска? Зошто да го „шпартате“ континентот цело лето, кога за едно попладне може да кажете дека сте шетан човек, кој ги видел сите епохи и стилови. И сето тоа за цена од само една влезница за вас и за вашето семејство. Име ли нешто подобро од ова?

Има, има. Бидете трпеливи и за некоја година ќе може да го добиете истото доживување - и тоа без влезница. Во Данска можевте да го видите резултатот на 20 милиони лего-коцки, овде во „Скопје 2014“ ќе го видите резултатот на 200 милиони евра. Таму цел свет во мало, овде цела историја во минијатура. Таму за деца, овде за (или против) сите генерации. Таму за забава, овде за математика.

За да биде ефектот поголем, до дестинацијата ќе треба да допатувате со најскапи авиокарти до најлошиот европски аеродром. Потоа ќе минете со автомобил низ околните општини, во кои нема водовод ни канализација. Ако пристигате ноќе, не очекувајте функционално градско осветление ниту модерни сообраќајници. Тоа го има во секој град, па не ни беше предизвик да го направиме. Ќе видите и трошни куќи со чешми во двор, а ако е врнежливо, автомобилот ќе треба да ви ги „преплива“ поплавите од штотуку реновираната атмосферска канализација. Градскиот превоз користете го на сопствен ризик, а ако сте со автомобил, вежбајте рели-возење за да се справите со кратерите по улиците, метежот и со нервозата на колегите.

Сето тоа ќе го заборавите за еден миг, кога ќе стигнете пред главната атракција - македонскиот Леголенд! На лева страна Собрание со моќни куполи, на десна парк со безжичен интернет. Налево барок, надесно антика. Налево статуи, надесно уште статуи. Па ќе поминете низ триумфалната капија, а потоа низ тунелот примамливи миризби од „Кај чичко Стоилко“. Пред јадење - се знае каков е редот. Затоа, веднаш до црквата, која ќе доминира меѓу двете сокачиња што ќе ја двојат од Фуфо и од Нама (поранешна Стоковна, сегашна Сити галери, а тогаш ЈВЦ Билборд галери). Кога ќе излезете пред црквата видикот не се опишува: нема стил и нема епоха што нема да бидат претставени. Со еден мал круг ќе ги поминете сите историски и стилски курсеви. Статуите ќе бидат по правична етничка застапеност, а восочните фигури по партиски заслуги и согласно последната, „официјална“ верзија на историјата. Ако го подигнете погледот, Александар ќе ве спречи во намерата да го видите часовникот на Старата железничка. Тој можеби ќе биде „рестартиран“ и ќе „пее народно“, но нема да ви помогне околу дилемата дали е 49-та, 84-та или 2014 г.?

Оваа можна идна реклама за „Македонија вечна“, се разбира, е шега на своја сметка. Кисело се смешкам затоа што работите се многу сериозни и, за жал, веќе забегани до точка од која нема враќање. Еве барем три причини за тоа.

Прво, „Скопје 2014“ ќе остане само предизборен спот на власта. Како и ветувањата за подобра економија, нови работни места, бесплатно здравство... ќе остане само на хартија и на видеоклиповите. Дали нешто ќе се случи до 2014? Да. Неколку работи: ќе се „исперат“ милиони евра за статуи во кои војводите јаваат на коњи помали од нив самите, ќе се изгради „постар и поубав“ стар театар со сомнителна акустика, ќе се поделат улогите на „жртви“ и „убијци“ на стотина фигури; ќе се ископаат дупките на десетина места и години со ред центарот на Скопје ќе личи на градилиште. И тоа градилиште со огради, ама без работници. Како стотината камел-темелници што ги наследивме од минатите кампањи. Фасадите ќе се премачкуваат (како и нашите очи), ама нема ни да наликуваат на оние од филмот, бидејќи тоа не се реновирани фасади, тоа се сосема нови згради и облици. И уште нешто ќе се случи до 2014 - огромни суми ќе исчезнат и нема да им се најде ни траг ни глас.

Второ, ова не е урбанистички, ниту уметнички проект. Ова е проект инспириран исклучиво од политиката и од бизнис-интересите. Какофонијата од стилови е само резултат на трката по пари во главите на нејзините креатори: брзо-брзо им требал филм кој ќе оправда многу милиони, па зошто да размислуваат за свои креации кога може да го применат спасоносниот рецепт „copy paste“. Малку антика, малку Рим, детали од Париз, зрнце шмек од Виена и ете ти готова тезга. Затоа, тажно изгледаат прес-конференциите на ангажираните измеќари што треба да ги заработат своите хонорари. Кажано им е дека се платени, не за да креираат, не за да творат, туку да бранат или да плукаат, по потреба и по наредба. Затоа, и нам, на гледачите, ни е незгодно кога (од немај каде) ќе мора да се „вадат“ на Мерил Стрип, кога „уметникот“ се обраќа со „срцка“ или кога ќе дознаеме дека барокот потекнува од Македонија. Незгодно ни станува (а богами мене и страв ми станува) кога ќе го чуеме психологот (кој велат ДПМНЕ го спрема за министер) кој вели дека со новиот Центар власта сака да изгради „чиста нација“!!! И како такво, тој тоа го поддржува! Затоа асоцијациите со Шпер, со „највисоките јарболи“, со „најголемите знамиња“, со воинствената реторика и кампањските каузи се толку живи. Дури и ангажираните „експерти“ ги препознаваат и инстинктивно ги издаваат своите налогодавачи. Но, најнезгодно ми станува кога и ресорниот министер и нејзините „бранители на ликот и делото“ мора да бидат невоспитани и некултурни за да ги оправдаат синекурите од буџетот за култура. Па, мора да измешаат и политика и комунизам и непријателски структури и теории на заговор... сè само да се сокрие голотијата на сопствениот интерес и цена (мала или голема, сеедно).

И трето, целиот проект е само „димна завеса“ и замка на власта, во која и јас денеска со овој текст влегувам, иако при чиста свест и под полна одговорност. Имено, власта сфати дека веќе не може со темата „име“ да ги сокрие политичките порази и крахот на својата економска политика. Се обиде со етнички прашања да ги „надвика“ критиките за корупција, криминал и непотизам. Кога и странските медиуми излегоа со докази за корупција на врвот на власта - тогаш Груевски (или Протоѓер, сеедно) излегоа со новата бајка наречена „Скопје 2014“. Со еден видеоклип да ги потиснат видеосториите за гладни семејства, излажани пазарџии, заборавени сведмилковци, спектакуларни кражби и набавки што „врват“.

„Скопје 2014“ е само фрлена коска за забавување на публиката, која треба да „влета“ во наддавање - дали 5 или 15 лава, дали со или без постаменти, дали Филип или Александар, дали само една или „триумфални порти во секој град“?

Скопје во 2014 нема да биде Леголенд, ама се плашам дека ќе ни заличи на Неверленд. Со таа разлика што нашиот Петар Пан воопшто нема наивен мотив.

Текстот е објавен во „Дневник“ на 12.02.10.

P.S. На тема Леголенд прв

P.S. На тема Леголенд прв почна да работи министерот Благоја Стефановски, министер од редовите на СДСМ со проектот Стар Театар - кој всушност е сосем нов театар кој само подсека на стариот. Во тоа време архитектите очајно се обидуваа да организираат трибини и дебати да се објасни колку е опасно ова, но никој немаше интерес да ги слушне...
Напротив тогашниот градоначалник г.Трифун, на една трибина рече: Џабе ви се сите муабети, театар ќе има.. Демек Скопје ке го правел Виена да биде... И така некој 4-5 години подоцна СДСМ, Трифун  и некои луге не успеаа да го направат Скопје Виена, ама Вангел тогаш BestFriendForever на СДСМ и Трифун стана BFF со Грујо и они озбилно решија да го направат Скопје Виена....
Ова е ужас, ама вратите на тој ужас ги отворија господата од СДСМ. Така да ве молам дај не се правете големи патриоти и естети... Каде бевте кога на објавениот конкурс на Министерството за култра во времето на СДСМ победи г.Жан кретенот кој го направи крстот на водно?!?! А да, тогасх беше ОК да се гради КИЧ ама сега не е?!?!
И да, многу битно парцелата со Офцерски дом со старата фасада прв ја нацрта г.Мирослав Грчев... Ама за тоа сите ќутат..
 
Така да џабе е сега што секој викенд ќе киснеме на плоштад, џабе.. СДСМ измислува ама ВМРО остварува... И тоа боли!!!
 
Така да госпоѓо Шекеринска, за мене како архитект кој вистински се  грижи за својот град, и ја има многу убаво проучувано неговата историја, вашиот текст нема никакво значење.. Тоа е уште еден празен очајнички политички говор....
 
Јас ќе продолжам да излегувам на плоштад да го бранам својот град, ама ве молам ниту вие ниту вашите другарчиња да не се појавувате поради тоа што само одмагате во нашата борба...

Поддршка за вашиот коментар,

Поддршка за вашиот коментар, Архитект! Моите ставови се речиси идентични на вашите! Не знам дали забележавте, деновиве - и мене тоа ме шокираше, иако се сметам за релативно добро информиран - дека СДСМ и ВМРО играле заедничка игра и при палењето на американската амбасада 1999 година? И дека Латас е фигурата што совршено се вклопувала во пропагандниот пазл на Црвенковски, исто така како што се денес се вклопува во лудачкиот пазл на Груевски!

Што се однесува до културната политика на тие две партии, Архитект, пак се согласувам со вас: нема разлики! Дури, ВМРО е поискрен и поекспедитивен во реализирањето на „тајните“ културни агенди на СДСМ!

Вкусот на Трифун Костовски, навистина многу важниот македонски мецена (дури и Окно го помогна, на стартот!), многу повеќе кореспонедира со вкусот на СДСМ&ВМРО (цркви&споменици), отколку што има некаква врска со современите еу културни политики...

Потпис на коментарот на

Потпис на коментарот на архитектот. И, само би додал уште нешто. Симптоматично е како целиов овој план се прифаќа или отфрла во пакет. Па, не е логично се да чини или се да не чини. Сигурно има некои градби кои се ОК. Зошто се осудува или брани се во комплет?

Според мене, Александар, се’

Според мене, Александар, се’ е спорно во овој квази проект на Груевски. Од намерите (продолжена антиквизација, т.е. маркетиншко политичко манипулирање со мк идентитетот, продолжување на теророт на етничките идентитети: сите етноси се запалија, сите сакаат споменици сред плоштад!)), преку начинот на спроведување (самоволно, агресивно, незаконски) до економската неодржливост (тоа не може да биде приоритет во олку опустошена земја!); најнакрај се конкретните градби, од кои повеќето се ординарен кич, а некои се несоодветни до степен на карикатура (Триумфалната порта, на пример; сулудо насилнички, исто така, е и да се менуваат фасадите на постарите градби, за да се „усогласат“ со новите).
Да не збориме за екстремната недемократичност на проектот; еве дури денес прават клипче, а проектот им е почнат од 2006 (како што вели Мартин Протуѓер, и од тогаш одвојуваат 20 милиони евра годишно за, според фашистичките узори, градителското славење на сопствениот геџованлук).
Лично мене, кога веќе прашувате, Александар (иако нагласувам дека целиот проект го сметам за понижување на умот и вкусот на современиот МАкедонец и за невидено насилничко донесување одлуки) црквата ми е најнеприфатлива, од сите можни аспекти: естетски, социјални, урбанистички, политички, меѓунационални, законски (подарено земјиште сред плоштад!) итн. Ако ја изградат црквата тоа, според мене, ќе биде најголемото политичко насилство во земјава од 1945 навака! Таквото самоволие (му се сонило на премиерот - и ете ја!) мислам дека било неприфатливо дури и во доцните фази на Турското владеење на овие простори!
Мојот бес, Александар, значи, произлегува од фактот дека мојата власт ме третира како стока. Ја опљачкаа земјава до гола коска под превезот на светиот мк национализам! Кај да се буниш за јарбол со знаме! Кај да се буниш за Аце на плоштад! Кај да се буниш за црква! Да им покажеме на шиптарите чие е ск - кај да се буниш и за тоа! Не ми се верува дека со тие финти сеуште го работат народот...
Бесен сум и дека ми се анулирани сите права, и на вкус, и на граѓански став, и најново, правото на протест (пак ќе не’ тепаат вмровциве, ко што тепаа на 28 март). Година дена не’ обвинуваат дека сме збирштина од геј, атеисти и наркомани. Зашто?! Мислам пред се’ затоа што фураат голем голем „патриотски“ бизнис во кој топат стотици милиони евра.
Најнакрај, Александар, ако сте скопјанец, многу добро знаете дека сега ископаните дупки ќе стојат така следните десет години. И пак не ми е јасно како граѓаните го голтаат тоа понижување, ко да сме во некаква хронична, бескрајна (не транзиција) туку садистичка „скриена камера“...

Да појаснам, пренесувајќи дел

Да појаснам, пренесувајќи дел од сопствен коментар од пред десетина дена:

...Тоа е тој циркуларен разбојнички круг: си им застанал (вемерото) на сите на врат, ги понижуваш ко стока (им дааш бесплатен превоз еднаш неделно, на пример) и притоа им викаш дека се поданичка багра која и не заслужува друго! Тоа е ВМРО! (се разбира, не ти кажува вмровецот буквално: „Стока си!“, туку ти зима, на пример, пет милиона евра за јарболи и ти кажуе: ако писнеш предавник си! Или ти зима десет миљона за леење на Аце, осум стаа у џеп или у партиска каса - стара вмровска традиција - и ти вика, ако писнеш, дека си комуњара што нема чувство за идентитет. Ете тоа - а тоа се случува на секој јебан чекор, од здравство до театар - цело време ти го праи вмровецот: ти вика „Стока си! И не заслужуваш ништо подобро од мене!“
ВМРО дојде во таква фаза на владеење (а тоа просто е правило, слично владееше и СДСМ) кога веќе апсолутно не постои начин позитивно да се прикаже невидениот идиотизам и брутализам на власта. Останува само да се бамбори дека и сите други во земјава се идиоти (а голем доказ дека се идиоти е владењето на идиотите - тоа е магепсаниот круг).
Затоа е важно да му се спротиставуваме на идиотизмот и на понижувањето. Мали, сме, слаби сме?! Двајца без тројца?! Ако. Бар не сакаме да не’ понижуваат, бар одбиваме да бидеме стока.

Коља, во ред е вашето

Коља, во ред е вашето резонирање. Муабетот ми беше дали баш се е спорно, тоест сите објекти. Јас не сум од Скопје, сум живеел во Скопје неколку години кога студирав, а сега не сум во Македонија. Разбирам дека страстите се разгоруваат кога се чепка по родниот град. Ете на пример, мене ми се допаѓа зградата на филхармонијата, и некои од спомениците. Сум против верски објекти и концентрирање на толку споменици на толку мал простор. Понекогаш, дури наоѓам и оправдување за некои од покласичните градби, зависно од кој аспект пристапувам во размислувањето.
Свесен сум дека на Скопје и на Македонија им требаат пари и дека вакво трошење е расипничко. Свесен сум како и вие Коља дека (а тоа е трагично) нема суштински разлики меѓу тоа кој владее во Македонија. Оној што е во опозиција инсистира на легалитет, а кога ќе се добере до власт не му се слуша многу за закони и правила на игра.
Можеби сега не е моментот, но (како што коментирав на едена друга статија на порталов) треба да се преиспитаат и каки се градени и други градби (споменици) и во други краишта на Македонија. Тогаш и аргументацијата на опозицијата а и на невладините акции ќе добие повеќе на тежина и ќе може да се каже и дека е (повеќе) непристрасна. Во контекстот на вашето пишување, да, точно е дека сега секој кој ќе се спротистави на власта е жигосан како непатриот, но мора да се признае дека критиките на критичарите не се рамномерно распределени преку сите политички, верски и етнички опции.

Александар еве го мојот

Александар еве го мојот став:
Од објектите кој ќе се градат не е спорна само филхармонијата. Тоа е единствениот објект за кој можам да речам дека не е спорен. Избран е на меѓународен конкурс, на конкурсот немаше глупави барања како смее и како не смее да изгледа објектот и површината за градење е одамна наменета и избрана за тој објект по легален пат...
Е сега ние може да дискутираме колку е добар дизајнот на тоа решение, но нема ништо спорно во објектот. Лично сметам дека не е најсрќното решение за таа локација, но имаше конкурс, комисијата решила дека од понуденото тоа е најдобро и јас спремен сум да ја прифатам израдбата. Нема да застанам против, иако како архитект ке си дозволам да ги критикувам слабостите на дизајнот..
Од друга страна остатокот од градбите се огромен криминал, срам и навреда во урбанизмот и историјата на архитектура на Македонија. Наголемо духовно и интелектуално затупување во македонското градителство воопшто досега видено...
За спомениците нема да се правам многу паметен, ама со моите скромни познавања од историја на уметност, и со моја скромна анализа на општествено-политичкиот-историски контекст, обемот на проектот, мотивите и целите на нарачателот, би можел слободно да речам дека и тоа е едно тешко срање... :)))
А болката што горниов текс ми ја предизвика е обидот за ефтино политичко поентирање. Луѓето кој сега се борци за човекови права немаа време да донесат закон за антидискриминација во нивно време. Луѓето кој најгласно викаат против 2014 се лугето кој ги отворија портите таа да се случи.. И сега мислат дека ние имаме кратка меморија и се заборавивме. Демек ни „помагаат“ во нашата борба, на „наша страна се“, само прават поголем проблем.
И немам намера да се појавам на уште еден протест покрај Јани Макрадули и Бучковски!!! Нема да им дадам бесплатна политичка кампања, доволно ме имаат ограбено тие со нивната политичка парија (и овде не мислам на ограбувањата кој ги имаа од економски аспект)..
Вината за случајот подеднакво ја дели и ВМРО и СДСМ.
Ако ја погледнеме пошироката слика, во времето на СДСМ се уништија „најградските“ делови на Скопје Бунјаковец и Дебар маало. „Демонот од Дебар маало“ се роди во времето на СДСМ, за денес да израсне во „Демонот на Скопје“, најдоброто другарче на Грујо.. Не може едноставно еден ден да се разбудиш и да ти се случи 2014, некој претходно треба добро да го обработи теренот, а да се стаса до ова е работено 20години..
Одговорноста за сето ова е на сите нас. Грујо и 2014 е комплетен производ, одлчно одработен од македонскиот народ.
p.s. знам дека текстов е гола патетика, ама гајле ми е!! :))))
и уште нешто, не ми се направи и не ми се направи кефот да видам жена да команда со МКД :))))))))))))
 

Амин.

Амин.

amin i od mene....bavo

amin i od mene....bavo arhitekt

ОкоБоли главаВицФото