Бори се!

03.02.2015 14:35
Бори се!

Удар, удар, удар! Мозочен удар! Срцев удар. Излив во клетките. Апсурд над апсурдите. И толку. Нема повеќе да ја коментирам оваа последна случка со „пучот“. Ниту ќе ги следам сите тие понатамошни „експлозии“, аферите кои ќе ни се презентираат како спас во нашето чекорење кон слободата. Тоа ли е наративот кој ќе ни биде понуден да ја обновиме државата и општеството? Па сега со нетрпение ги чекаме „бомбите“ како врвни креации кои ќе ја исполнат македонската празнина? Не, благодарам.

А господата од Европа толку запнале околу „пресумпцијата“. Каква пресумција на невиност, пријатели! Имаме измонтиран процес, а ние, башка, и немаме нормално судство, каква пресумпција на невиност, бре, пријатели!

Ако сè уште не е роден гениј-писател до сега во Македонија, олку богата средина со бесмислености сигурно го иницира тој процес. Режисери од цел свет нека нè посетат да научат за невидени заплети на глупоста.

Пред ова се кажуваше „Срам да му е на Министерството за образование и наука“!

Ама, драги пријатели, факт е дека воопшто не им е срам!! Гледате ли што прават? Воопшто не им е срам! Ниту сега, ниту низа години наназад!

Кога Големото Ништо навлезе во Универзитетот и како црна дупка ја вшмука во себе последната оаза на разумот, на вредностите какви- такви, на културата, тогаш професорите, односно интелигенцијата (еден доста голем дел, но не сите!) „се разбудија“. До тогаш Големото Ништо освојуваше парче по парче од слободата, каква-таква, во оваа наша татковина! На крај, секако и во неколку фази со кои се подготвуваше последниот удар, му дојде редот и на Универзитетот како автономна заедница. (Па зарем негувавме скриена надеж дека оваа власт ќе ја заобиколи таа мала оазичка на критичкиот ум?)

Ние, човечките суштества, сме неверојатни мали светови – микрокосмоси во макрокосмосот. Во нас постои потенцијал за движење и кон Светлината и кон Мракот. Затоа воопшто не се чудам кога сите се изненадени, демек, до каде можела да стигне оваа власт. Нема дно Мракот (незнаењето, глупоста, злото, „Дах ак - десетте пороци“), исто како што и Светлината нема ограничувања. Слободен избор и слободна волја имаме ние луѓето, нели, да одбереме во кој правец ќе се движиме.

А можеби, пак, некои луѓе, едноставно, се во голема заблуда, дека прават добро, а всушност тоа е лошо, или имаат „добра намера“ но ете, со лоши начини ја постигнуваат или обратно. Кој може да знае што се случува во тие усвитени глави? Најеклатантен пример е овој со „ударот“! За тие усвитени глави нивната партија е државата, а секој кој не се сложува со нив прави државен удар и треба да се отстрани како непријател. Диктатура.

Од друга страна, јас не го разбирам тактизирањето на опозицијата со „материјалите“ кои ги поседуваат. Не знам што чекаа до сега. Зошто постојано најавуваат скандал? За да создадат „наратив“? Така си играат со/на нервите на своите граѓани? Создаваат напната атмосфера, неизвесност, „сите сме на игли“ и на крај - ослободување. Не ми е јасна оваа стратегија. Нема трунка нешто конструктивно, нема материјал за градба на ткиво, содржина која ќе ги сплоти сите за да се обединат.

За да се случи катарза која ослободува, треба да постојат СОДРЖИНИ кои ќе се опфатат за да се преобразат.

Затоа мислам дека процесите што започнаа со формирањето на Студентскиот и Професорскиот пленум го содаваат јадрото на креативната енергија која треба да ги обедини сите.

Така што, ништо не е џабе. Секоја пречка - ситуација е само енергија-маса која треба да се преобрази. Само така потоа преминуваме на повисоко ниво, интелектуално, духовно.

Постојано го повторувам истото: ако индивидуата е здрава може да го преобрази општеството. Ако е здрава. Ако е просветлена одвнатре и ако се здружи со одреден број други индивидуи, заедно можат да ја кренат енергијата и да влијаат да се промени општата свест.

Создади хаос, разедини и потоа владеј во хаосот. Конечно ја гледаме целата соголена вистина која сега ја обединува оваа власт.

А акција во спротивна насока треба да нè обедини сите нас до конечна победа.

Здружената опозиција сега се пресметува со оваа власт. Бидејќи многу незадоволни граѓани од власта (патриотите) преминаа на нивна страна носејќи со себе докази за противуставно дејствување. Ова што се случува сега е работа, мисија на опозицијата. Со тоа не се допира јадрото, каде што е фузијата на вредностите. Не може процесот што го започнаа студентите, професорите, воопшто граѓанскиот активизам, да се укине и да се наполни со екстаза од експлозии на вакви „бомби“. Два паралелни процеси се случуваат тука. На површината е пресметката меѓу двата блока. Во средиштето е вистината во форма на студентско-граѓанско движење кое обединува граѓани од сите етнички заедници, вери, поливалентни структури низ плурализам, категорија на граѓани кои биле незадоволни од оваа и претходните власти и политики и кои конечно препознаваат некакво придвижување напред, некакво прогресивно движење. Во тоа средиште е нашата иднина, прво како „Република“ во мало, а потоа проектирана како Република во големо.

Хаосот не може да ги уништи Редот и Хармонијата. Бидејќи Редот и Хармонијата се Суштината на нештата. Хаосот е пречка која треба да се надмине (ако препознаеме во него импулс за промена). Преку Идеал. Ако гледаме хаос во нашето опкружување и во себе (во нашата глава) и почуствуваме Мир длабоко во себе или Радост, или Љубов, хаосот автоматски изчезнува. Идеал или Идеја која ќе ги обединува сите луѓе кои живеат во оваа земја треба да се постави на пиедестал. Но не како празна фраза, парола, туку како живот.

Затоа велам, ништо не е страшно, доколку имаме свесност. И, внатрешните непријатели прво треба да се победат: стравот, парализираната волја, самосожалувањето, депресијата, апатијата, малодушноста, а потоа сè ќе биде полесно. Сега се случува квалитативна промена. Прво на ментален план се случува пробивот, потоа во виталот и на крајот во физичкото тело. На крајот, идејата или идеалот ќе се материјализираат, ќе станат стварност и живот, ако процесот се одвива како што треба. Затоа мачната преобразба прво се одвива во интелектуалната заедница. Таму е почетокот на промената кон подобро...

Кога Арџуна, на бојното поле Курукшетра (во Багават Гита) се двоумел дали да ја започне битката, Кришна го бодрел: „Бори се Арџуна, бори се!“ Таа битка на легендарното поле (за себеспознание) е симболички приказ на битката која се случува внатре во самиот трагач кон вистината, прво, на ментален план, како спротивставување на идеите кои влечат назад, борба со стереотипите кои ја оковуваат волјата, со неукоста, суеверието, празноверието и други поперфидни негативности - злото. Потоа битката преминува на витален план. Тогаш голема сила и постојано обновување на енергијата, внатрешна динамика, е потребна.

Конечно најмоќно оружје во нашата борба е способноста за разлучување (viveka). Благодарение на таа способност мудриот човек не дозволува да биде повлечен од хаосот. И за разлика од жешките глави, со ладна глава размислува какви постапки да преземе понатаму. Ете, и господата од Европа, можеби сепак токму тоа ни го советуваат: да ја задржиме присебноста, прибраноста, разумот (повикување на судството „да води“ непристрасен процес преку формулацијата „пресумпција на невиност“). А наше е дали од целава ситуација ќе се извлечеме со минимални штети. Оставени сме сами на себеси. Тешко ни е, но, победата ќе биде вистинска само ако е издвојувана со наши сопствени сили.

„Станува полошо пред да биде подобро“. Битката преминува на витален план (она што аналитичарите го нарекуваат преминување од политичка во државна криза). Како контрапункт се препорачуваат активности (протести) кои ќе ја освежуваат енергијата. Добро што доаѓа пролет.

ОкоБоли главаВицФото