Слободните финансиски зони ќе ги хранат класните разлики

04.02.2015 06:01
Слободните финансиски зони ќе ги хранат класните разлики

Новите слободни финансиски зони за кои веќе се одредуваат локации уште повеќе ќе ја зголемат нееднаквоста на граѓаните, така што богатите ќе станат побогати, а сиромашните уште посиромашни. Според економските аналитичари, ова е надоврзување на досегашната политика на форсирање на странските инвеститори кои градат фабрики со многу привилегии и државни субвенции, а привлечени се од ниските плати што им ги даваат на вработените.

- Со планирањето на меѓународна финансиска зона, со условите кои им ги обезбедува на технолошко индустриските развојни зони, со концептот рамен данок, Македонија се определува за идеологија која ги фаворизира интересите на најбогатите во светот, на оние 1 процент од скалата на дистрибуција на доходот и богатството кои, на пример, во САД располагаат со над 20 проценти од националниот доход и над 35 процентите од богатството - предупреди поранешниот гувернер Петар Гошев.

Eкономскиот аналитичар Брaнимир Јовaновиќ, на неодамнешната дебата за тоа кој профитира од економскиот раст, нагласи дека растот е зграпчен од сопствениците на капиталот.

- Растот помеѓу 2010 и 2013 година е движен од градежништвото и индустријата. Во градежништвото, платите пораснале за 15 проценти, а профитите на сопствениците на капиталот 54 проценти. Во индустријата, пак, платите пораснале за 3 проценти, а профитите за 83 проценти - рече Јовановиќ.

Економистите објаснуваат дека преку слободните зони се реализира голем извоз, но и увоз на репромaтеријали. Извозот пак, е показател за тоа колку е произведено, а вредноста на производството го зголемува нашиот бруто домашен производ. Но, освен ниските плати, профитот што го остваруваат странските инвеститори, главно се носи надвор од земјата, а малкумина од Македонија може да се пофалат дека добиле менаџерски плати.


Во слободните финансиски зони се очекува нешто повисоки плати за локалното население што ќе биде вработено во областа давање финансиски услуги, но профитите на овие финансиски институции ќе бидат многу големи. Оттука и пораките што беа упатени од Давос да се затворат слободните финансиски зони, какви што има во Луксембург, земја која пак ѝ беше пример на Македонија за воспоставување нови финансиски зони.

- Јавноста треба да знае дека нееднаквоста на доходот има штетни ефекти врз економскиот раст. Растот е поодржлив само ако нееднаквоста е ниска. Затоа, ако сакаме иднина на земјава мора да се спроведат политики кои ќе обезбедат една поправедна распределба на доходот и богатството во Македонија - вели универзитетскиот професор Драган Тевдовски, кој е и претседател на Комисијата за економија на СДСМ.

Според Тевдовски, за да се постигне ова, треба да се изградат повеќе столба, меѓу кои и социјално праведна држава на местото на неолиберализмот.

- Неолиберализмот е вграден во македонската економија преку зголемувањето на флексибилноста на пазарот на трудот, уривањето на моќта на синдикатите, рамните и ниските даноци, демонтирањето на системот на јавно здравство и глорифицирањето на странските директни инвестиции. Неолиберализмот треба да биде заменет со прогресивни механизми за оданочување и плаќање на јавните добра, фер минимална плата, гаранција за младите, ефикасни активни мерки за вработување, социјална заштита базирана на минималниот приход, заштита на децата, целосна интеграција на лицата со посебни потреби и посебна грижа за најранливите граѓани.
- вели Тевдовски.

Извор: Слободен печат
Слики: Џон Холкрофт