Кривични пријави и други егзибиции!

05.02.2015 01:20
Кривични пријави и други егзибиции!

СДСМ ќе ги објави материјалите кога ДУИ ќе излезе од владата!

За петок најавија Извршен одбор, потоа следат годишните одмори, па тајмот за ајварот и школските лектири, така што изгледа дека сдсмологот што ми го кажа горниот каузалитет е многу блиску до вистината!

Во меѓувреме, разјарениот народ ќе може да се забавува со кривични пријави и други егзибиции! Еве неколку можни комбинации:

1. Ако се случи Никола Груевски деновиве да приумре од срцев удар, СДСМ и раководството на СДСМ ќе добијат кривична пријава за убиство со предумисла!

2. СДСМ и лидерството можат да добијат кривична пријава не за објавување на компромитирачките материјали, туку за необјавување документи, односно за прикривање докази за дејствија кои на крајно сериозен начин, според нивното признание, го допираат општиот интерес и навлегуваат дури и во сферата на безбедноста!

3. Социјалдемократскиот сојуз и раководството можат да добијат кривична пријава и за недозволено и продолжено вознемирување на јавноста и на власта под услов целата афера да се префрли во британскиот или во американскиот правен и медиумски систем! Или, можеби, може и тука?!

4. Социјалдемократскиот сојуз ќе добие од граѓанството политичка кривична пријава за инфантилното настојување да ја бие битката со правни средства (тие ќе поднеле, а го повикуваат и тестираат и јавното обвинителство да поднесе кривична пријава против Груевски, хахаха) во еден апсолутно бесправен систем!

5. Не е исклучено и Никола Груевски да добие кривична пријава, но, не за злоделата од материјалите на Заев, зашто нив не ги знаеме, туку за едно друго и очигледно многу тешко злодело: нарушување на угледот, достоинството и интегритетот на граѓаните на Република Македонија во нивните сопствени очи и во очите на светот!

Затоа што станаа предмет на потсмевање и медицинско проучување од еден скромен и питом народ! Тоа во политичка, филозофска, идејна и егзистенцијална смисла значи дека тој како најодговорен за состојбите во општеството и во државата и неговата екипа - која врз основа на последиците можеме да ја означиме како злосторничко здружување, а нивното дело за злосторнички потфат - успеале да ја деконструираат Македонија и да ги стопат челичните вертикали на татковината како авионите на Ата носечките столбови на кулите близначки во Њујорк! Неговите дејствија се крвави шари со срча по белото лице на нацијата до мера женската да не може никој жив да ја препознае! Во овој момент не како правен инструмент - зашто тој би бил, како што видовме, бесмислен - туку како политичка платформа која ќе се стреми да ги диференцира на најстрог можен начин опциите и по таа линија да ја дефинира, формулира и организира борбата против ѕверот! 

Нешто од што така упорно бега СДСМ. Не е неопходно, драги мои социјалдемократи, да се објават материјалите за да се објави битката против злосторничкото здружување, со сите идејни основи и визии за ослободување на Македонија! Обратно, вие не смеете да правите така како што правите: да се возите на тој криминален пакет и да го запоставувате, ама сосема да го запоставувате, идејниот и културниот аспект не само на програмата за уривање на Груевски туку и на програмата за обнова на Македонија! 

Во таа смисла ги повикувам сите колеги во термините на следните обраќања на Шилегов и на премиерот Груевски, да наминат во кафето „Пестициди“ да видиме можеме ли со малку виски да ги санираме нивните издолжени носеви!

Слика: Свирачиња
Извор: Фејсбук

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото