Факултетски средни школи, средношколски факултети

05.02.2015 01:58
Факултетски средни школи, средношколски факултети

Во деведесеттите години од минатиот век извршив обемно истрaжување од областа на психологијата, со цел да се утврдат психолошките фактори на професионалното определување. Станува збор за обемно истражување со кое беа опфатени над 1.200 ученици од средните училишта, повеќе 30 паралелки од разни градови на републиката. Со програмот на истражувањето беше предивдено да се применат повеќе психолошки тестови вклучувајќи и тестови на интелигенција. Во истражувањето беа опфатени ученици од различни профили, вклучувајќи и гимназии.

Од истражувањето произлезе дека учениците се разликуваат по степенот на интелигенција, што е и очекувано, зошто сите ученици немаат иста интелигенција. Но она што беше интересно е дека разлики постоеја и на групно ниво. Тоа значи дека некои школи и гимназии, во целина земено, отскокнуваа во поглед на количниците на интелигенција од некои други гимназии или школи. Високи резулати на тестовите на интелигенција имаа ученици од неколку гимназии, на пример, „Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, една битолска гимназија, на сите сега не можам да се сетам. Овие наоди покажаа, покрај другото, дека во извесна смисла, постои самонасочување на учениците, односно, поинтелигентните ученици се определуваат за потешки училишта, вклучувајќи ги гимназизите.

Покрај интелигенцијата, со истражувањето беа опфатени и други параметри. Еден таков показател беше постигнатиот успех по разни предмети. Се покажа дека постои поврзаност помеѓу IQ и успехот во учењето: оние паралелки кај кои учениците имаат повисок IQ имаа повисок просечен успех во учењето. Кај посочените средни школи тој се приближуваше до 5,00. Во тоа време (впрочем како и сега) ученици од средното образование сакаа една учебна година да поминат во западна земја, на пример Англија, Америка и сл. Сите ученици од Македонија што на школување отидоа во западните змеји, беа класифицирани една категорија повисоко од категоријата што ја имаа во Македонија. Некои од нив во меѓувреме докторирале во Америка и сега таму професоруваат. Кога со учениците од овие паралелки разговарав за разни прашања, имав впечаток дека разговарам со студенти. Сфатив дека тие трезвено размислуваат. Според тоа, образованието во Македонија беше квалитетно. Земајќи предвид повеќе критериуми, имав впечаток дека при посетата на овие гимназии, се наоѓам на факултет. Со право овие гимназии може да ги наречеме факултетски средни школи. Средното образование во Македонија при крајот на минатиот век беше едно од најдобрите во светот.

Каква е состојбата во Македонија во поглед на високото образование сега? Тукушто донесениот Закон за високо образование, го става високото образование во Македонија во специфична положба. Независноста на универзитетите, т.н. автономија на универзитетот, која до сега, макар и формално, постоеше, - а што е основен услов за обезбедување квалитет во ВО - дефинитивно е укината. Ќе укажам на некои моменти. Деканот, кој до сега се бираше со тајно гласање од страна на наставно-научниот сосвет на факултетот, сега го избира и го назначува Ректорот (Член 54). Наставно-научните совети на факултетите и понатаму ќе постојат, ќе предлагаат кандидат (или кандидати) за декан, но конечниот збор ќе го има Ректорот. Како што рекол еден српски кнез: „И како књаз нађе за сходно“. Знаењата и вештините што студентите ќе ги стекнат на факултет не вредат ништо ако тие не положат државен испит. Државен испит се воведува „заради проверка на стручната оспособеност на студентите за самостојна примена на стекнатите знаења“, и него ќе го реализира Одборот за акредитација и евалуација на високото образование. Се разбира, членовите на Одборот ги избира и разрешува Собранието на Република Македонија (Член 70). Но тоа не е сè. Еве што предвидува Член 80 од спомнатиот закон: „Заради остварување на Програмата за високообразовна дејност, во рамките на министерството надлежно за работите на високото образование, се формира Совет“. Претседателот и пет члена на Советот, на предлог на министерот надлежен за работите на високото образование, ги именува и разрешува Владата на Република Македонија. Покрај другото, Советот дава мислење на Програмата за високообразовна дејност (Член 83).

Студиските програми од прв и втор циклус, навистина, ги предлага наставно-научниот совет, но тие програми мора во 80% да бидат усогласени со програма од иста или сродна програма од првите 500 универзитети според Шангајскиот список. Ова е директно потценување на сопствената интелигенција. Нели препишувачите се најлоши ученици? Од каде ќе ја препишеме програмата за етнопсихологија?

Конечно, употребата на учебници од Македонски автори не е дозволена: можат да се користат учебници што ги препорачала Владата на РМ, односно лошо преведените учебници кои што Владата оценила дека треба да се користат. Еве што е напишано во член 112 од овој закон: „Основната литература задолжително ја содржи и литературата која ја обезбедува, печати и доставува до високообразовните установи, министерството надлежно за работите на високото образование“.

Студиските програми треба да ги одобри Одборот за акредитација. До сега тоа го правеше наставно научниот совет на факултетите. Дали Одборот за акредитација има таква компетентност да оцени илјадници програми?

Пред повеќе години, кога заминував на студии во Англија, при взаемното претставување, Одделението за психологија при Универзитетот Kingston upon Hull, каде што престојував, со гордост истакнуваше дека програмата за работа на одделението е одобрена од Друштвото на психолози на Велика Британија. Значи, програмата не ја одобри некаков одбор за акредитација, ниту британското МОН, ниту владата, туку оние што знаат психологија, односно Друштвото на психолози на Велика Британија.

Да резимирам: Студиските програми при факултетите или единиците на факултетите ги одобрува Одборот за акредитација (кој го формира Владата); одборот за својата работа ѝ одговара на владата, литературата ја пропишува МОН; Деканот на факултеот го назначува Ректорот, всушност Владата и МОН, да престанам да набројувам, и ова е доволно. На што сево ова ве потсетува? Мене ме потсетува на средно училиште. Новиот закон за високо образование ги третира факултетите како средни школи, односно од факултетите направи средни школи и затоа тие можат да се наречат средношколски факултети.

Како последица на укинатата автономија на универзитетите, целосната партизација на високото образование, наметнувањето на странски учебници и сл., воопшто нема да дојде до зголемување на квалитетот во високото образование, туку до негово намалување. За да се зголеми квалитетот во високото образовние, треба да се преземат сосема други мерки. Во оваа прилика ќе ја парафразирам челичната леди, баронесата Тачер. Кога дојде на чело на Владата на Обединетото Кралство таа изјави (парафразирано): „ Мојата влада ќе создаде услови бизнисот непречено да се одвива“. Поинаку речено, владата нема да се меша во бизнисот, бизнисот го остави на бизнисмените. Аналогно на тоа, секоја влада на држава треба да создаде услови високообразовната работа непречено да се одвива. Тоа пак не е можно без целосна автономија на универзитетите. Тоа е основен услов кој треба да се задоволи за да се подобри квалитетот во ВО. Потребни се и други мерки. На пример, не е доволно да се споредува аутпутот на нашите професори со аутпутот на професорите од педесетте најдобро рангирани универзитети во светот, туку да се споредат и други параметри. Може да се види, на пример, на секој наставник во најдобрите 50 (или 100, или 300) универзитети во светот, колку студенти просечно има на наставник. Може да се споредуваат и други работи. Може да се споредуваат средствата што тие универзитети ги добиваат по глава на студент со средствата што македонските универзитети ги добиваат по глава на студент. Така ќе се види бедата во која се наоѓаат македонските универзитети.

Но, целта на овој напис не е да зборувам за мерките што треба да се преземат за да се подобри квалитетот во ВО, туку да укажам зошто квалитетот на универзитетите континуирано опаѓа, а опаѓа затоа што автономијата на универзитетите постепено е смалувана со разни многубројни законски измени за да со последниов закон е целосно укината, односно, универзитетите станаа средни школи. Со овој закон кој штотуку стапи на сила, ќе продолжи да опаѓа.

Слики: Luke Ramsey