Дрогирани кенгури цртаат по поле

05.02.2015 17:34
Дрогирани кенгури цртаат по поле

Вака гласеше новинската вест:


„Мистеријата на круговите во полињата со афион на австралискиот остров Тасманија, за кои се верувало дека ги оставиле вонземјани, е решена откако се утврдило дека ги направиле дрогирани кенгури. Откриено е дека кенгурите-валаби влегувале во полињата со афион, јаделе зрели чаури, а потоа сосема дрогирани се движеле во круг. Еден од производителите на афион во Тасманија истакна дека често гледал дрогирани овци и елени откако паселе афион. Австралија произведува околу 50 отсто суров материјал за морфиум и други опијати во светот.“


Денес оваа чудесна новинска статија ја гледам во малку поинаква светлина. Веста за дрогираните кенгури не само што ја објасни големата повеќедецениска мистерија туку има и пошироко разобличувачко значење, толку потребно за да се објаснат состојбите во Република Македонија (која е - ова делумно е и метафора - „еден од поголемите светски произведувачи на сурови материјали за опијати“).


Како, на пример, да се објасни улогата на ВМРО ДПМНЕ во современата македонска политичка историја без теоријата за „дрогирани кенгури што цртаат по афионово поле“?!


„Ја сам Србин! Доѓе ми да полетим!“, пишуваше една исто толку (како нашиве скакулци и кенгури што опустошуваат полиња) колоритна, но политички сосема пореметена фигура од соседството, Вук Драшковиќ, во предвечерието на југословенските војни (кон кои и неговиот придонес не беше мал). Цела политичка програма набиена во предпотопски восклик (може не е од афион туку од многу пиење ракија „антика“ - тоа е тезата на една друга актуелна будала што исто така секојдневно и неуморно создава несогледливи штети): Јас сум Македонец! И ми иде да полетам!


Денешна Македонија може да се спореди и со земјата на припадниците на „Друштвото на какофонијата“. Тоа друштво навистина постои во Америка и било инспирација за тајното друштво од филмот „Фајт клаб“. „Какофоничарите“ се самостојни групи од кловнови, уметничка герила, „кучиња на кичот“, дигачи на џева. Инспирирани се главно од дадаизмот. Првата група на „Друштвото на какофонијата“ во Сан Франциско пред триесетина години организирала низа настани со поттикнувачки имиња: Атомско кафуле, Пикник на мостот Голден Гејт, Бинго на гробиштата за домашни миленици, Распетието на велигденскиот зајак, Чекорење низ канализација и други. Позната е, на пример, нивната акција на подметнување Барби кукли со изменет гласовен механизам во продавниците. Во слична акција со име Цементни миленичиња, какофоничарите полнеле плишани мечиња со цемент и ги подметнувале низ продавниците. Позната е и акцијата Кловнови против комерцијалата кога испитувале колку кловновите можат да ги малтретираат деловните луѓе на улица, а да не бидат приведени.


Слично друштво, со убоит дадаистички потенцијал, имаме кај нас, но малку превртено: овдешниве малтретирачи се кловнови-имбецили маскирани во политичари / бизнисмени / мафијаши што малтретираат цело општество без можност да бидат приведени. Името на нашето друштво исто така е ултрададаистички лудо: ВМРО ДПМНЕ. Се разбира, локалниве „какофоничари“ не се некакви калифорниски пичкици, оти овдешниве „дадаистички“ игри се баеги погруби. Една од своите игри, на пример, овдешните злоставувачи (можеби треба да ги споредуваме со психопатите од генијалните филмови на Ханеке Funny Games, а не со дадаистите?) ја собрале од Херцеговина каде постои чуден обичај: на штотуку кастрираниот петел му ја засечуваат кикиришката (качулката), за болката на новата рана делумно да ја одвлече болката од претходната рана; „од горната да не се осети долната“, велат херцеговците.

Во лоши историски периоди истата стратегија на скопците на петелот ја користи власта кон народот: засечува и горе и доле, одвлекува внимание до избезумување. И наместо граѓаните да се занимаваат со реалните животни болки (немање работа, сиромаштија, низок квалитет на животот итн.), тие дополнително се мачат со новите длабоки засеци: името, идентитетот, нацијата, татковината, шпионите, странските непријатели...

Не треба голем ум за да се види двојната природа на таквата „херцеговска стратегија“ која подразбира постојано производство на заблуди: ефикасна е на краткорочни патеки, но долгорочно води до смрт од искрвавување. Слободан Милошевиќ владееше 13 години (исто колку и Хитлер и на сличен начин) применувајќи ја лудачката стратегија на непрекинато пуштање крв: сегде кајшто имаш релативно мал проблем реши го на тој начин што ќе создадеш поголем! Ако капе малку, на друго место направи да потече...

Слики: Свирачиња