Интервју со Сашо Гигов-Гиш

06.02.2015 03:34
Интервју со Сашо Гигов-Гиш

По повод силните патриотски чувства што ја спопаднаа нашата редакција, разговараме со Сашо Гигов, музичар, поет, радио водител, сликар и истакнат член на новоформираното Граѓанско движење за одбрана на Македонија.

 

Во јавноста сте познат пред сè по вашата музичка дејност, како пејач и фронтмен на групата La Colonie Volvox, по поезијата и радио емисијата на ноќната програма на Македонско радио. Но, вашиот најнов ангажман е поврзан со спасување на државата. Кажете ни нешто повеќе за тоа.

Си седев дома, читав поезија од Руми, на пауза меѓу стиховите размислував нешто околу Вилијам Блејк, си спомнав за Џон Ленон и се прашував во која партија повеќе би се вклопил да беше жив - ДОМ, ДПМНЕ или кај Павле Трајанов - кога одеднаш Сузана Спасовска ми јави по гулаб писмоносец дека државата е во опасност. Веднаш доброволно се пријавив за нејзина одбрана.

А од кого ќе ја браните државата?

Од илуминатите, темпларите, масоните, тајните служби, од опозицијата, бомбите на Заев и од сите што сакаат да го загрозат моето сигурно работно место. Мрачни енергии демнат над татковината. Имам дојави од Индија дека тајната разузнувачка секта Харе-скришна ја нарушува космичката рамнотежа на земјава. Онака, онтолошки.

Како сте задоволни од екипираноста на бранителите? Со кого од „соиграчите“ најдобро соработувате?

Со Братислав Димитров веќе се познаваме од шоуто на Миленко, а со Сузана Спасовска сме поврзани по фолк линија. Знаете, и јас имам настапувано на Гоце Фест. Со Тони Михајловски нè поврзува опуштеноста – за милион работи ич мува не нè лази - а со останатите, како и со оние што го набројав, ме врзува чистиот патриотизам.

Како планирате да дејствувате?

Прво ќе почнеме со спонтано ширење патриотизам меѓу народот. Онака, од врата на врата, во продавница, по комшии... Потоа ќе се качам на зградата на мојата МРТВ, ќе запеам на цел глас „изгреј, изгреј јасно сонцеееее, ЦИА да се огледааааа“... Сузе ќе фаќа терца, Тони ќе се опушти, Братислав Димитров ќе драматизира од другата страна на Вардар, Зоран Љутков ќе се објаснува со сексуалните работнички околу МРТВ дека не се обидуваме да им ја украдеме работата, Виолета Ачковска ќе го прогласи тоа за историски настан... Мислам дека е добро за почеток. За следните дејствија, ќе консултирам некои дервиши. Од Јутјуб.

Според вашите информации или шамански виденија, има ли дервиши кои се вклучени во аферата „Пуч“?

Можно е. Знаете како рекол Вилијам Блејк: дервишите се насекаде, посебно во тајни служби. Илуминатите башка.

Вашиот патриотизам го покажувате на дело. Но, не чувствувате ли лична одговорност за настанатата ситуација? Познато е дека го имате опеано ликот и делото на Тито. Зошто не го кренавте нивото на патриотизмот кај народот опевајќи го и Никола Груевски? Можеби ако имавме попатриотски народ, сево ова немаше да се случи. А вие му препуштивте сè на Орце Стефковски...

Како што рекол Вилијам Блејк: ти изгледа не си гледал Миленко?! Точно е дека немам напишано песна за Никола Груевски, ама ја опевав неговата политика. Видете на Јутјуб, ги има емисиите. Инаку, не е на одмет да се напише песна и за нашиот водач, не ви е лоша идејата.

Од што стравувате најмногу ако Зоран Заев ги објави материјалите од т.н. бомба?

Од партија рекоа дека е многу опасно за државата. А ако пропадне државата, кого ќе претставувам на Евровизија?

Кога веќе ја спомнавте Евровизија, се плашите ли да не ве заследат странски служби ако настапите во некој од европските градови?

Како што кажал Вилијам Блејк: Многу ми е страв од разузнувачи на Евровизија.

Редакцијата на Пара вести никогаш не се сомневала во вашите патриотски чувства. Но, дозволете да ве прашаме: не ви дојде ли да ја спасувате Македонија кога се затвораа медиуми (а вие работите во медиум), кога се апсеа новинари, кога полицијата уби човек среде плоштад, а државата се обиде да го скрие тоа...

Не.

Зошто?

Знаете, дервишите имаат една стара поговорка: државно си е државно.

А што би рекол Вилијам Блејк на тоа?

Како што рекол Вилијам Блејк: не знам што би рекол Вилијам Блејк на тоа.

Откако ќе ја спасите Македонија – не се осмелуваме ни да се посомневаме во успехот на операцијата – кои се вашите планови за понатаму?

Со Сузана Спасовска имаме идеја да отвориме суфистички фолк центар во Негорци. Ќе има аудиција за дервиши, а другите спасители ќе бидат жири. Само, да не откривам премногу, сè во свое време.

Што прави Гиш кога не ја спасува Република Македонија?

Езотерично медитирам над инстант-кармата, созерцателно веднејќи се над светите води на универзумот. Опседнатоста со спиритуалните димензии ми е постојана. Штом постои иманенција, ќе постои и трансцеденција. Се вљубувам во бога, ко ашик-дервиш, превозмогнувајќи ги симулакрумите на реалноста. Знаете, трубадурите милуваат така. Како што рекол Вилијам Блејк, „Песни на невиноста и искуството“ ми испаднаа бонбона, гарант ќе бидам цитиран.

Имате ли да додадете нешто за крај?

Ќе ви раскажам една зен приказна од Мариово. Си било едно младо момче. Ептен сакало да стане херој, ама не положило приемен за средно јуначко. Момчево почнало да се јадосува, с’клети, нервози го спопаднале, кога одеднаш од небо во рака му паднала книга од Вилијам Блејк. Ја отвора книгата, а внатре – книшка од ВМРО-ДПМНЕ и две компилации од Џон Ленон (изрежани на Verbatim цеде). Думало-шестало момчево, пробало да разбере што е оваа работа, кога во еден момент му се појавил холограм од боксер аматер. Го прашал: каков е звукот на двете дланки? Момчево вика: ко аплауз на Гоце Фест. Браос, му вика боксеров. А каков е звукот на контрапротестот? Ијаааа, не очекувал копиљов ваков пресврт. У тој момент – ги зема компилациите од Ленон сосе тоа книгата од Блејк, ги џитка на едно 200 метра од него, а во рацете му останува книшката од ДПМНЕ. Фактички, доживеал просветление. Тука пак ќе се навратам на суфистичката поговорка – државно си е државно. Значи, без гајле, ќе ја спасиме Македонија.

Слики: Свирачиња