Разговори со студентите од архитектонските школи (1)

07.02.2015 19:15
Разговори со студентите од архитектонските школи (1)

Секогаш мораме да го кажеме она што го гледаме, но пред сè, што е далеку потешко, mораме да го видиме она што го гледаме.

 

 

Би сакал да поттикнам преиспитување на совеста и каење кај оние кои со невиденa омраза, страв, малодушност и стеснетост на духот пристапуваат кон безумно подривање и уништување на она што во ова време во земјава - Франција - е најубаво: фантазијата, храброста и креатиvноста својствена на градителската уметност - она во што коегзистираат разумот и поезијата, во што се здружени мудроста и трудољубивоста.

„Европа, уште во времето кога катедралите сè уште беа бели, ги организираше сите стручни вештини соодветно на императивните барања на технологијата.“

Ле Корбизје, Кога катедралите беа бели[1]

 

Станаа мои лични непријатели: расипниците, мрачните, слабаците, назадните, заостанатите и несериозните луѓе.

Го мразам сето она што го смалува човекот; сè што тежнее да го направи помалку мудар, помалку отворен или помалку подготвен. Зашто, не прифаќам дека мудроста мора секогаш да биде проследена со бавност или претпазливост. Затоа и мислам дека често има повеќе мудрост кај едно дете отколку кај еден старец.

Андре Жид, Нови Плодови[2]

 

 

ОД ДЕНЕШЕН АГОЛ

 

Беше тоа за време на окупациjата. Во Франција модерната архитектура, расцепкана од неслога, е сметана за делумен виновник за збрката што владееше. Таа ја издаде традицијата и со тоа ја најави злокобната иднина. Патем речено, слични обвинувања не изнесуваа само нацистичките власти, туку и оние во Москва. Во текот на тие тегобни години ги објавив: На четири патишта (Sur les quatre routes), Субината на Париз (Destins de Paris), Човековиот дом (La Maison des Hommes), во соработка со Франсоа де Пјер-Фе (Francois de Pierre-Feu) и Атинската повелба (La Charte d'Athènes), за која предговорот го напиша Жан Жироду (Jean Giraudoux). Потоа го основав Градежниот совет за реформа на архитектурата, здружение отворено за сите уметности и наuки, за градежниците, социолозите, економистите, биолозите... Единаесет пододбори заседаваа секоја втора недела: сè на сè, месечно имавме дваесет и две седници на кои беше разгледувана материја од „областа на градежништвото“. Претседавајќи со тие состаноци, настојував да ги насочам кон изучување на соодветните теми. Секоја идеја неконтаминирана од лична суета или помисла на профит можеше да помине и да се избори за место под сонцето. Делата беа печатени и објавувани кога и да имаше услови за тоа: За планирањето на градовите (Manière de penser l'Urbanisme), Три човечки места за живеење (Les trois établissements humains), итн. Еден ден, група студенти од Академијата за ликовни уметности во Париз ми предложи да отворам работилница. Бев принуден да ја одбијам таа нивна молба. „Па добро, тогаш барем дајте ни некој совет“. Резултат од тој разговор беше една вкусно опремена книшка која требаше да ги задоволи студентските потреби. Таа брзо беше распродадена, така што повеќе не можеше да се најде во книжарниците. Поминаа неколку години. Студентите од Академијата одново почнаа да инсистираат и да ме молат да отворам Корбизјеова работилница. „Ви благодарам на укажаната доверба, драги пријатели, но морам да ве одбијам. Што би ви предавал? Филозофија на животот? Филозофија на седумдесетгодишник?“ Сепак, „Поуките на Корбизје“ го здогледаа светлото на денот во 1927, кога Вили Безигер (Willy Boesiger) во Цирих ги објави Собраните дела на Л.К. Тоа способно момче тогаш беше млад архитект. Имаше триесет години, но косата, како мојата, веќе му беше прошарана со седи влакна. За содржината на книгата одлучував сам: не смееше да има никакво ласкање, никакви литерарни докажувања, ништо освен беспрекорна документација. Таа документација требаше да ги содржи сите планови, пресеци и нацрти кои ја прикажуваат биологијата и скротената анатомија на секое од предочените дела. Безигер со дополнителни објаснувања, исцрпни коментари и наведување на важните димензии од Собраните дела направи манифест на модерната настава. Во најмала рака, би можело да се каже дека тоа беше манифест на наставата каква што јас ја доживувам. Драги млади пријатели, со тоа веќе ги исполнив вашите барања. Најпосле, претпоставувам дека не би сакале да ме претворите во некој вероучител, зарем не? Во томовите од тие книги ќе ги најдете сите мои мисли до денешен ден, изложени исто онака верно како што животот ми ги диктираше. А кога и тој живот ќе профучи... но, нема да зборуваме за тоа...


Париз, 6 септември 1957.

Ле Корбизје

 


НА СТУДЕНТИТЕ ОД АРХИТЕКТОНСКИТЕ ШКОЛИ

 

Денес ви се обраќам на барање на неколку ваши другари, со желба на непосреден и пријателски начин да го премостам јазот меѓу генерациите и со тоа да ги отстранам бројните недоразбирања на кои инсистираат оние кои би сакале да предизвикаат неслога помеѓу нас; кога недовербата еднаш ќе биде надмината, ќе увидиме дека во подеднаква мера сме заинтересирани за професијата со која се занимаваме: вие, со вашата жед за знаење, и јас, со ништо помала ревност, засилена со четириесетгодишно искуство, која повеќе од кога било ме поттикнува на нови откритија.


I. ЗБРКА

Во каква состојба е архитектурата денес? Никогаш некое општество не било во поголема збрка од нашето - никогаш во толкава мера не биле поништени врските помеѓу остварениот материјален напредок и природните елементи на духовниот живот. Средствата и целите повеќе не се обединети, ги изгубија насоките. Таа збрка е посебно очигледна во областа на градителството, каде ситничарскиот дух лиши од исклучителни достигнувања една цивилизација која располага со ненасетени можности за да ги спроведе на дело. Во часот кога ја стекна најголемата материјална моќ, човекот изгуби ориентација. Франција, светилникот на западната цивилизација, стана сцена на тој хаос. Задачите кои му претстојат на нашето машинско општество, овде како и другаде, навистина се огромни. Ќе мораме да обновиме многу области во земјата уништена од војната, но тоа е само делче од она што нè чека; цела земја, по подолго време, би требало да се изгради, обнови и регенерира онака како што тоа го прават ќелиите во ткивото или семејствата во своите домови, каде со раѓањето на нови генерации се обновува вечниот циклус на животот.

Оф! Долго спиевме во длабок сон и прашина налегна по земјата. Добро знам дека тоа е убава, заводлива и пријатна за окото прашина на светлото минато на една нација - нација која се гордееше со живоста, бодроста, претприемливоста, смелоста, бестрашноста, радоста и оптимизмот, низ чии простори се ореа песни и звуци на труба, и која го засени светот на уметноста вткаен во сите нејзини дела. Другите народи веќе ѝ оддадоа должно признание за тоа. Па сепак, тој заводлив ореол од прашина беше само проблесок на штотуку згаснат оган. Наместо да земеме учество во постепената изградба на новата цивилизација која настана пред стотина години - со појавата на парната локомотива - ние спиевме. Сепак, и овде, можеби и повеќе отколку во другите земји, се најдоа луѓе кои располагаа со јасен увид во нештата. Во текот на XIX и почетокот на XX век, немавме недостиг од пророци кои размислуваа, откриваа, обелоденуваа, предупредуваа... Им изразуваа благодарност со навреди, осуди и негирање. Тие научници, мислители, социолози и уметници ги нарекуваа сплеткари.

Напоредно со тоа, како во земјата, така и надвор од неа, спознанието за добрите и лошите страни на техничката револуција водеше кон неизбежен заклучок дека таа би морала да биде проследена со револуција на свеста.

А технологијата и свеста се двата лоста на архитектурата - на нив почива градителската умешност.

Бевме сведоци на преиспитување и негирање на некои вековни, илјадагодишни вредности. Новите информации со огромна брзина, својствена за механизираниот свет, се пренесуваа до најоддалечените катчиња на земјата. Природните врски меѓу луѓето беа нарушени; невкоренетиот човек, лишен од потпора, се одрекуваше од сопственото наследство, а насекаде во опкружувањето можеше да ги види страшните докази на сопствената декласираност: во станот, на улица, во градот, по предградијата, на село. Новите градежни комплекси со својот гнасен, скареден, простачки и злокобен изглед го загадија целиот пејзаж, градовите и нашата душа.

Сето тоа одеше од лошо на полошо, за да доведе до вистинска катастрофа. Луѓето со високо или ниско потекло, кои живееја во текот на тие луди стотина години, имаа можност насекаде да ги видат расеани тие наказни творби - плодовите на сопствената пасивност. Една архитектура умира, друга се раѓа! Во иднина би требало да се отворат четири очи!

Единствено младите, со слободен дух и лишени од предрасуди, се способни да го оформат јадрото од кое ќе никне новата архитектура. Нивните татковци уште играат според старите правила, водени од навика или од сопствените интереси; во нив одамна пресушил авантуристичкиот дух. Се врти нова страница; таа страница ќе ја испишете вие, младината на ова единствено време. Тој бел лист хартија ќе го украсите со своите славни дела и ќе му дадете личен печат.

*

Наставата каква што се практикуваше во оваа земја до сега тешко можеше кај вас да разбуди желба да се посветите на творештво или да работите на сопственото усовршување. Од вас постојано се бараше да гледате наназад. Присетете се што се случуваше непосредно пред 1914: на „модерниот стил“ по кратка постапка му ги скратија крилата. Па повторно, се најдоа многу храбри луѓе од таа генерација кои со огромна посветеност учествуваа во борбата! Кога се укажа следната можност - обнова на областите ослободени во војната 1914-1918 - јасно можеа да се согледаат сите последици од годините негрижа и јавашлук: по завршувањето на еден од најголемите градежни потфати во Франција, салдото беше еднакво на нула. Единствената добивка можеше да се искаже со простачкиот ѕвекот на парите.

Закостенетоста на академскиот дух најмногу дојде до израз во 1927, кога беше распишан јавен конкурс за нацрт за Палата на Лигата на народите во Женева. Влогот беше голем; се работеше за инаугурација на архитектурата на новото време и поставување насока за нејзиниот иден развој. Членовите на жирито требаше да се определат помеѓу два различни погледи на свет. Интересот за конкурсот беше огромен, а бројот на поднесени дела импресивен - кога 377-те нацрти пристигнати во Женева би се наредиле во низа, нивната должина би надминала 14 километри. Академизмот потајно ги остреше канџите; демнеше, вршеше притисоци, потоа скокаше, ги зариваше песјаците во пленот и го соборуваше на земја... Одлуката која можеше на вистински начин да ѝ го расчисти патот на новата организација на општествениот живот - до која кога-тогаш ќе мора да дојде - се претвори во исмевање на правдата и законите. Еден од вашите професори[3], вешт во заткулисните работи од сличен вид, направи подигравка од целиот конкурс; успеа да се извлече од кривичниот прогон, но не и од судот на времето. Меѓутоа, неговите марифетлуци вродија со плод, така што кандидатот кој извлече корист од нив уште следниот ден можеше да изјави: „Среќен сум пред сè поради самата уметност. Кога францускиот тим се пријави на овој конкурс, го направи тоа со цел да го порази варварството. Под варварство подразбираме еден вид архитектура, подобро речено анти-архитектура, поради која неколку години се крева многу врева на северот и истокот на Европа - стил ништо помалку одвратен од разбушавениот Art Nouveau, со кој за среќа излеговме на крај пред дваесетина години. Тој стил ги негира сите прекрасни периоди од историјата на уметноста; тој го навредува добриот вкус и здравиот разум. Сега е поразен и така е најдобро за сите...“

Францускот тим кој учествуваше на конкурсот го сочинуваа г-дин Нено (Nenot), член на Академијата, и нему за таа прилика му беше доделен како соработник г-дин Флегенхајмер (Flegenheimer), архитект од Женева во Швајцарија. Човекот кој се прослави со оваа надежна изјава беше своевремено градител на Сорбона, а освен тоа, еден од одговорните за подигнувањето на споменик на Виктор Емануел во Рим - оној неопислив куп бел мермер истоварен во самото средиште на Вечниот град, кој претставува грдотија за очите и од кој сите посетители веднаш го свртуваат погледот. Гореспоменатата „анти-архитектура“ воопшто не потекнува од источна Европа, туку е настаната во самата Франција, како резултат на долгогодишните истражувања на градителите на XIX и XX век - бројни пресметки и експерименти со новите материјали како челикот, стаклото и армираниот бетон - и нивното определување за естетика во која се огледуваат влијанијата на новонастанатите школи на мислење во тоа време: на Лабруст (Labrouste), Ајфел (Eiffel), Сежурне (Séjourné), Де Бодо (de Baudot), Тони Гарние (Tony Garnier), Огист Пере (Auguste Perret). Беше тоа победоносна архитектура која дури по Првата светска војна почна да се шири по територијата на источна Европа.

Сигурно ви е јасно дека на сличните конкурси од пресудна важност е прашањето на определувањето на насоката по која ќе се оди. Со остро свртување на кормилото, бродот може намерно да се насочи наназад, кон познатото пристаниште и во закрила на преживеаните идеи. За среќа, животот се покажа посилен. Палатата на Лигата на народите е изградена во академски стил, но нејзините проектанти, за да ги задоволат на материјалните барања на програмата, беа принудени да плагираат и крадат решенија од своите конкуренти.[4].

Како последица на скандалот кој произлезе од тоа, на состанокот во Ла Сараз, во јуни 1928, основан е CIAM (Меѓународен конгрес за модерна архитектура)[5]. Водечките архитекти и проектанти од целиот свет се собраа вдахновени од идеите на современата претприемливост, за да ги усогласат ставовите околу хуманистичките начела на кои ќе почива уметноста на архитектурата и урбанизмот. Со исклучок на Франција, земјите членки веднаш имаа можност на најдобар начин да го искористат учеството во работата на CIAM. Некои од нив - Холандија, Белгија, Шведска, Финска, Шпанија, Бразил, САД, Швајцарија, итн, - им дадоа на своите делегации исклучително големи овластувања. Француската група во CIAM во повеќе наврати, а особено по повод Меѓународната изложба во 1937, залудно ги истакнуваше барањата за учество во развојот на земјата. Оваа група дополнитено ги изнесе и образложи своите гледишта во Атинската повелба - урбанистичка повелба до CIAM, за која предговор напиша Жан Жироду. Во текстот од 1939, насловен како „Целосна власт“ (Plain Pouvoir), овој познат француски мислител и поет ги поттикнуваше своите сонародници на стремеж кон повисоки идеали: духовна големина и неограничена имагинативност.

Франција, таа голема лабораторија на идеи, веќе подолго време наоѓа задоволство во тоа да ги игнорира, омаловажува, презира, обесхрабрува и да се откажува од своите иноватори. Скорешните настани покажаа дека таквата негрижа може да има кобни последици. Нацијата на големи градители, колевката на славни архитектонски традиции, земјата на револуционерни откритија во областа на градителството, сè уште никогаш не била толку запуштена и толку ниско падната. Како татковина на готските лакови и катедрали, огромните градби од челик, стакло и армиран бетон, нејзе ѝ претстои да ја обедини својата младина - да ја зајакне во вас волјата и самодовербата, да го разбуди авантуристичиот дух и да ве поттикне да се зафатите со благородната задача на градење достојни живеалишта за своите ближни.

Би сакал да ви укажам на фактот дека во овој час, ширум Франција, нè чека итна и неодложна работа на изградба на станови кои ќе бидат достојни за човекот, работата со која се занимава, неговиот имот, неговите институции и нговите идеи.

Така ќе исчезне оваа збрка!

 

(продолжува)

______________________________________________

[1] Le Corbusier, Quand les cathédrales étaient blanches

[2] André Gide, Les nouvelles nourritures.

[3] Господин Лемареские (Lemaresquier)

[4] Судскиот спор поради плагијат покренат против архитектот на Палатата на Лигата на народите во Женева го покрена еден од ex-aequo лауреатите.

[5] CIAM - Congres internationaux d'Architecture Moderne) и CIRPAC, неговиот главен одбор.

Извор: Entretien avec les étudiants des écoles d'architecture, 1957.