1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Ова е безочна земја каде што се задушуваме во естрадното поимање на политичкото и политиката. Ништо друго не постои освен 'ржењето, бревтањето, врескањето, испразноста, заткулисното, баналното, срамното, насилното, обезначеното, кои ги произведуваат нашите политичко-естрадни „ѕвезди“, се разбира, со наша поддршка – оти ние сме тие кои им го дозволивме тоа, ние сме тие кои ги „следиме“, ние сме тие кои на празниот знак му го даваме значењето. Ние сме тие кои решивме да присуствуваме на нивните какофонични „концерти“. Ова е општество на спектаклот. Ништо не постои освен популистичкото, невротично и неретко авторитарно, а сè почесто и диктаторско читање на политиката, политичкото и на културата. А таа никогаш не била поунижена од сега.
Како никогаш до сега не била обезвреднета нишката која ги плете вертикалите и хоризонталите на културата. Како никогаш досега не била пресечена папочната врвка (без која нема „храна“) помеѓу културата, политичкото и политиката – таа нужност на надополнување, на обликување на општеството без која политичкото и историското не можат да се оприсутнат и вкотват. Само дваесет и четири години требаа целосно да се фрли на буниште основното јадро на едно општество кое талка и очајнички трага по својот идентитет – не се грижете, културата веќе одамна никој не ја есапи како авангарден кормилар или огледална взаемност со политичкото, мислечкото, критичкото... како простор низ кој храбро ќе се чекори во создвањето на креативните наративи на слободата која ќе ги исцртува политиките и политичкото, ќе го артикулира општеството. Културата ја претворија само во дополнителен мегафон за инструментализација на толпата, засилувач на камшикот за унижување и покорување. И додека тие „лажни пророци се збираат по плоштадите и креваат врева до небеси“, ние не ни забележавме дека се упокоил еден од најзначајните сликари на нашето време, Трајче Јанчевски (1928 – 2015), ученик на Мартиноски и Личеноски.
Сите ги знаеме имињата на секакви едноминутни политичарчиња, телохранители, партиски лајачи, криминалци, полицајци, недоветни и безлични дечишта а и старци кои ништо повеќе не знаат освен да бидат партиски послушници, ама името, животната врвица и уметноста на сликарот и сценографот Трајче Јанчевски, верувам, малкумина ги знаат. За него, во 1998 година заменикот градоначалник на Париз, при отворањето на неговата изложба забележува: „Ако Франсоа Први го откри Леонардо да Винчи во 15 век, сега, во пресрет на 21 век, ние го откривме Трајче Јанчевски“. Е па, пријатели, видете сега нашите животи, нашите патеки и нашите мисии каде забегале... Се изнагледавме прес-конференции, кампањи, будалаштини. Ги ставивме главите како ној во песок и не забележваме дека некој нè вто(л)пи, нè претворил во споменик излеан во евтина бронза и порозен мермер. Што беа тоа политики, а што беше тоа култура, и што беше тоа општество ако смеам да прашам?
[за оние кои немаат време да ја анализираат веб страницата со биографијата и творештвото на Трајче Јанчевски, еве една брзинска информација... сè што е важно врви набрзина и станува неважно... неважното е, пак, спектакуларно важно... многу, многу тажно... http://www.mkd.mk/…/liko…/zamina-slikarot-trajche-janchevski]
Веб страница на Трајче Јанчевски: www.trajcejancevski.mk
Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Трајче Јанчевски