За предизвиците што доаѓаат

09.02.2015 05:26
За предизвиците што доаѓаат

ЛД Солидарност со големо внимание го следи мачниот и агонизиран обид за спасување на владејачката партија и нејзините поддржувачи во предвечерието на најавите за објавување на докази за корупција од огромни пропорции. Со голема доза на сомнеж гледаме како режимот преку ноќ омекнува кон наставниците, студентите и хонорарците. Ова не е резултат на промена на вредносната матрица или опаметувањето на власта, туку на стравот од рушењето на нивната кула од карти. Како движење за социјална правда и враќање на демократијата, ние порачуваме: нема да отстапиме ниту милиметар од нашите вредности и определба и ќе се бориме со уште поголем интензитет за нивно остварување!

Во исто време, ние сме вознемирени од разгорувањето на национализмот. Ова е една од познатите одбранбени стратегии на власта, но и резултат на систематското труење на општеството со омраза и параноја. Загрижени сме заради создавањето наратив на национална виктимизација, мобилизирањето на „бранители на нацијата“, потрагата по „предавници“ и ширењето теории на заговор за „душманите од странство“. Сметаме дека особено е штетно отвореното пласирање на реторика на омраза, како на пример дека „Грција сака да ја уништи Македонија“ или пак дека „Македонија поминува низ процес на србизација“. Многу нè плаши и можноста за активирањето на веќе виденото сценарио – во време на политичка криза да се разгоруваат меѓуетнички тензии. Затоа, апелираме на будност, смиреност и ненаседнување на провокациите. Сите ние мора да бидеме миротворци, па дури и пожарникари во периодот што доаѓа. Очигледно е дека тешко ранетата власт нема да бира средства во политичката борба. Но, Македонија ќе мора да најде начин да ги амортизира ударите на разјарениот режим.

Конечно, апелираме на трезвеност и критичко размислување во наредниот период. Очигледно е дека Македонија е пред голем историски момент. Сите го очекуваме обелоденувањето на најавените докази за корумпираноста на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Освен што ќе мораме да ги амортизираме нивните удари, како општество ќе мора да се занимаваме и со создавање на пост-груевистичката иднина. Не смееме да забораваме дека режимот ќе ни остави во наследство една ограбена, задолжена, распадната, поплавена, нефункционална, напуштена и хаотична Македонија. Таквата реалност ќе бара максимално вложување од сите нас во повторна изградба на социјалната правда, демократијата и враќање на слободата – самостојно, сложно и трпеливо – на сличен начин како што нашите предци ја градеа Македонија по победата над фашизмот. Но, ако можеле тие, можеме и ние! ЛД Солидарност верува дека во Македонија има капацитет за таков потфат. Ќе победиме!

Извор: www.solidarnost.mk

ОкоБоли главаВицФото