Дајте му шанса на мирот!

09.02.2015 15:21
Дајте му шанса на мирот!

Руската самосвест за духовна и материјална лишеност повторно восхитува и шокира. Така беше во текот на 20 век, со подемот на Советскиот Сојуз како „зандана на народите“, така е и сега, со жилавото опстојување на авторитарниот и агресивен режим на путинска Русија.

Зошто ниту во Америка ниту пак во Европа нема ни мало разбирање за акциите на Русија во Украина?

Словено-руското тотално поимање на светот, каде постои една вера, еден јазик, една култура и еден цар, стои наспроти јудео-христијанскиот Запад каде диспутот, со векови воден на три официјални јазика, еврејски, старогрчки и латински, се јавува како основна мерка на подоцнежниот развој на либералната демократија. Ниту западното Римско царство, ниту империјалните амбиции на Наполеон, ниту пак ефикасната и манијачки организирина убиствена машина на Третиот рајх, не можеле да ја интегрираат Русија во западниот јудео-христијански свет.

За тоа уште помалку е способна и Европската Унија, како реинкарнација на сите овие исторски наративи.

„Царот секогаш е во право, бојарите, понекогаш“ е максимата што донекаде го објаснува потчинувачкиот и архаичен код на Русите во предмодерната царистичка епоха што траела до крвавата детронизација на Николај Втори во 1918. За разлика од западниот свет, во Русија никогаш не настапила Ренесансата, модернизамот како таков на Русите им бил наметнат од Ленин и Сталин. Во форма на социјалистички општесвени односи, колективна изградба и индустријализација под диктатура на комунистичката партија, а по цена на десетици милиони жртви.

Во народната фраза „картошка, огурец и морковка, ето всјо что надо“ се осознава редукционизмот, она минималното, впишани во генетскиот код на хомо-советикус. Слоеви од народните маси, претежно кулаци, а подоцна колхозници, рудари и работници (оние кои не припаѓале во 20 милионското членство на комунистичката партија), биле за навек лишени од општествено-политичките хиерархија на Советскиот Сојуз.

Нивниот живот бил во баланс ако на кујнската маса два-три пати неделно се служел варен компир и кисели краставички. А кога провидението им носело и шише вотка (иако многу ретко, и само во моменти кога се среќавале весели познаници и ги здружувале своите копејки), е тогаш тоа се рамнело со екстаза, со жизнерадост, а животот примал квалитет на таква филозофска исполнетост како онаа на ликовите од филмовите на Тарковски.

Доколку во советската епоха вотката е луксуз, Бог бил забранет, и вербата не се губела единствено во Партијата, во путинска Русија вербата се наоѓа во Бог и во... достапната вотка.

Гарантираното снабдување со „картошка, огурец и вотка“ го прави исполнет менталниот и материјалнот свет на овдешните Словени и припадниците на други националности. Општествениот договор на Путин со колхозот и простиот рудар од бескрајните руски провинции до крајниот сибирски север, гарантира обезбедување на античкиот рацион – тријадата варено компирче, кисела краставичка и вотка. Оттука и вербата на просечниот Русин дека Путин е во право, а олигарсите (од 1995 од 2005), и петтата колона и Америка (од 2005 до 2015) се виновни и сакаат да ја ограбат и расчленат Русија.

***

Додека го читате ова во Украина беснее крвава граѓанска војна, смислена и подготвена од Кремљ. Јас не велам дека и украинските безбедносни сили не се виновни што уште во првата фаза од војната користеа тешка артилерија и ракетни системи долевајќи масло во огнот. Но конфликтот командно и организациски е поттикнат и воден од страна на руски воени специјалци кои врбуваат доброволци од големите руски метрополи, од внатрешноста на земјата, но и од населението од источна Украина лишено од илузии.

Под изговор за заштита на повеќемилионската руска дијаспора во земјата, Москва инсталира локални милитанти, „политички“ организирани во таканаречни народни републики именувани по најголемите градови во провинцијата Донбас, Луганск и Доњецк. Од април 2014, откако ги зазедоа административните згради во Славјанск и околните градови, ополчението започна насилен вооружен конфликт со регуларните безбедносни сили на Украина.

За некои тоа е дел од таканаречениот хибриден конфликт на Русија против Западот – Москва постојано тврди дека нема руска регуларна војска во регионот, истовремено скришно снабдувајќи ги про-руските сили со тренинг, храна, оружје и тешка воена механика.

Сè започна пред точно една година, откако Путин, соочен со економски тешкотии дома и со смена на режимот на неговиот украински повереник Виктор Јанукович, во една антикорупциска, проевропска и либерална револуција, посегна по оружје за решавање на митски територијални претензии (Крим е наш, Новорусија). Војната сега е во нова и пожестока фаза, откако украинската армија започна да се снабдува со воено-техничка помош од Америка и нејзините европски сојузници, како Полска или балтичките земји.

Официјалната пропаганда на Кремљ вели дека немирите во Украина се масло на Америка, и наликува на шемите на Слободан Милошевиќ кој исто така ги обвинуваше Американците за распадот на поранешна Југославија. Информациската војна оди на оваа линија: Вашингтон сака да ја окупира Украина и да направи од неа уште една американска колонија. Од тоа ќар би имале Украинците, но на сметка на Москва. Со доаѓањето на НАТО и Америка пред нејзините порти, Русија ќе стане лесен економски и воен плен. Украинскиот народ е искористен како пион во таа шаховска игра.

Сепак, мнозинство од народот на Украина го избра помалото од двете зла. Ги избра Америка и нејзините европски сојузници, наместо путинска Русија. Уште од 2008 со територијалната демонтажа на Грузија, и од 2014 со анексијата на Крим и насилството на истокот од земјата, се покажа дека режимот во Москва бара прекројување на повоениот поредок во Европа, и ревизија на склучените договори по падот на Железната завеса и крајот на Студената војна во која Русија излезе како губитник.

Со агресијата во источна Украина и настојувањето да создаде упте еден замрзнат конфликт по терк на Нагорно-Карабах или Приднестровје, Путин покажа дека нема да толерира никави Мајдани или смена на неговата власт по која било цена. Тоа, како и 24/7 пропагандата и ТВ-индоктринација на масите за загрозеноста на „рускиј мир“ од хегемонијата на Америка и декадентната „гејевропа“ го осигураа неговиот трон на уште минумум три години.

Во источна Украина живеат околу 8 милиони Руси, но рускиј мир опфаќа и такви земји како Казахстан и трите балтички нации, кои се воедно и НАТО членки. Се смета дека агресијата на Путин нема да запре во Украина, конфликтот може да се прелее и во соседството, од Белорусија до Балтикот. Почетокот на 2015 ефектуираше во таков страв и психоза од нова голема војна во Европа какви што немало уште од пред средината на минатиот век.

Воените јастреби во и околу администрацијата на Барак Обама (оние од типот на Строуб Талбот), побараа од Пентагон суштествена воена помош за Украина, сметајќи дека Москва делумно ќе омекне ако ставките станат повисоки. Ако трошокот за нејзината воена кампања, што веќе ги надминува фискалните можности во екот на економската криза во земјата, се покаже превисок за да се одговори на американската софистицирана воена технологија. Да се бие огнот со уште поголем оган. Што е тоа ако не голема европска војна?

Од почетокот на 2014 досега во конфликтот загинаа околу 6.000 луѓе, и Германија и Франција покажаа дека деструкцијата и залудните човечки загуби нема повеќе да се толерираат. Алармирани од намерата на Вашингтон напролет да започне големи испораки на дефеназивно и офанзивно оружје и дронови на Киев, тие понудија уште една шанса за мир.

После кршењето на мразот и дипломатското ембарго, Франсоа Оланд и Ангела Меркел решија да се сретнат со Путин во Москва, каде договорија нова рунда мировни проговори кои неделава треба да се одржат во Минск. Преговорите ќе се водат во таканаречениот нормандиски состав, со учество на лидерите на Русија, Украина, Германија и Франција.

Дали на мирот навистина ќе му се даде шанса или разликите за идното уредување на конфликтниот регион Донбас, од кој зависи безбедноста на Европа, остануваат непремостливи?

Слики: Zheng Hong Xiang

ОкоБоли главаВицФото