Неронизам

15.02.2010 11:20
NP-Entangle-I.jpg

Нерон имал страсна желба да го запали Рим. Целта му била да го изгори градот на светската цивилизација за да изгради нов според неговиот ум, за да остави свој белег во историјата на Вечниот град. Тоа изгледа е патолошки проблем кај многубројни квазиводачи, што впрочем произлегува од нивната потреба за лекување лични фрустрации, а тие се потврда дека светлосни години се далеку од поимот - водач.

Премиерот никако да отстапи од изградбата на антиката и средновековието на плоштадот. Не се знае дали тој со тоа лекува нешто или, пак, сака да воведе робовладателство во државата, заедно со феудализмот кој веќе со години функционира во Кратово. Или, пак, едноставно сака изградба на сопствена фараонска пирамида, а робови за тоа има доволно. Фараон без пирамида не бива. Познато е дека за изградбата на пирамидите страдале многу робови, а ние имаме два милиона робови. Тие мора сè да прават за доброто на својот „бог“. Не е добро Тутанкамон да има пирамида, а Никола не. И така, што и да прави во државата, завршува пирамидално - пирамидален буџет; пирамидално задолжување; пирамидални проекти; пирамидална трговска размена; пирамидално земјоделство; пирамидално млекарство; пирамидална администрација; пирамидално високо образование; пирамидален плоштад. Па човекот заслужил една пирамида.

Но, шегата настрана. Груевски со години кормилото на државата го ориентира кон опасна санта мраз, воден од заблудата дека бродот е потврд од мразот, како што е главата потврда од ѕидот. Неговото владеење се заснова врз бескрупулозност во уништувањето на тоа што е рационално кај луѓето, нациите и културите. Тој сè прави за луѓето да не изгледаат нормални. Црното да им се причинува бело, малото - големо, лошото - добро, неморалното - морално. Логиката е веројатно во потребата за замаглување на општиот ум поради катастрофално лошите резултати во сите домени, или пак сето ова има за цел да го скрие криминалот.

Ова невидена гебелсовска манипулација се прави во своевидно Потемкиново село без кучиња. Опозицијата е тотално анемична, а партиите на Албанците се жива катастрофа. Не сметале за целисходно да организираат ни обичен демократски протест, барем против поделбата, разгорувањето на омразата и дискриминацијата во државата. Власта цело време луѓето ги храни со реклами и компјутерски анимации, а никако некој да стави брана на таквиот владин садизам. Никој да не се спротивстави на тешката навреда на обичните граѓани, третирајќи ја нивната интелигенцијата рамно на онаа кај кокошката. Функционира само власт која е рамна на подвижна несреќа. Таа нè подучува да се насмевнеме и кога ни се плаче; ни кажува да бидеме силни кога стомакот ни е празен; ни покажува напред, а нè вози назад; ни кажува дека сме на небото додека тонеме; нè подучува да бидеме совесни кога ни го гази достоинството; да учиме кога знаењето е нула; да веруваме во себе кога сите нè лажат; нè убедува дека мртвите споменици се поважни од живите луѓе; ни кажува да тргнеме кон иднината со возот на минатото...

На осиромашените луѓе им се сервира митологијата за да им се ублажи гладот. Тоа е можно единствено ако ви успее лагите да ги воздигнете на ниво на јавно општо добро. Тоа го прават луѓе со празни глави и со полни стомаци. На колку родители им е вишок животот оти не можат да обезбедат пари за да ги спасат своите деца. Само со парите за споменици би спасиле стотици детски животи. Тие што имаа микрон верба во Бога тоа многу добро го знаат. Има ли нешто Божјо кај власта, кај религиите, кај квазинаучниците, кај квазиграѓанскиот сектор. Освен ако парата не им е замена за Севишниот. Со парите предвидени за архитектонски кич би се кредитирале много компании и би се вработиле илјадници луѓе. Би се спасиле илјадници семејства од пеколните трауми предизвикани од голата сиромаштија. А парите, пак, би се враќале. Замислете го домаќинот на кој му гладуваат членовите на семејството, а тој позајмува пари за да купи скапоцен часовник за да се пофали. Тоа е логиката на нашето владеење.

Луѓето бараат конкретни дела, а не тензии, поделби, закани и омраза, со цел за да се маскира бескрупулозното владеење и сомнителното трошење на народните пари. Поделби во секој домен. Дури и земјоделците, наместо да ја копаат нивата, си ги копаат очите. Оттука, нелогично е да се бара решение од тој што ги предизвикува проблемите. За жал, премиерот самиот е дел од проблемот, а не дел од решението. Тој цело време се служи со сатанизација - идеологија што секогаш носи до ѓаволот. Познато е дека тој што ќе фати оро со ѓаволот, последно може да му биде. Но, луѓето од власта живеат надвор од реалноста. Тие се опкружени со кукавици, лажговци и ласкавци кои им даваат многу поубава претстава отколку што е вистината. Тој никако да сфати дека не се води држава со логиката на маркетиншки агенции на кои единствената цел им е профитот. За пари тие ве качуваат високо на небо и не им е грижа што ќе се случи кога ќе ве пуштат оттаму. Значи, држава се води со логиката на таквите странски агенции кои го проучиле нашиот ментален код третирајќи нè како да сме животни. Заработуваат куп пари од нашата наивност, примитивизам и идиотизам, свесни дека сме талентирани до го третираме штетното, а да го игнорораме корисното. Само нам може да ни се случи, една обичната компјутерска анимација, клептомани да ни ја продадат како конкретно остварување!!!

Опасно е да се игра на картата на популизмот. Тој е како опасен гладен џин - колку повеќе го храните, толку е тој сè погладен, за на крајот да го изеде и својот газда. Кога популизмот доволно ќе зајакне, многу е тешко да се изнајде сила што ќе го одврати од потрагата по нови и свежи извори за сеење и регенерирање омраза, недоверба, поделби и конфликти. Популизмот е перманентно во потрага по севозможни дефекти, користејќи идиотизирани форми на политикантство во име на високи идеали и јавна хигиена. На власта што се нафаќа на популизмот не и' требаат противници. Таа си е доволно противник сама на себе. Но цехот го плаќаат сите.

Кога сме кај градбите, не е лошо да размислиме за градење наш автохтон Ѕид на плачот. За секој случај, може да има големо историски значење. Може да им служи на идните поколенија за плачење над колективната несреќа на нивните предци во едно несреќно време на владеење на фараони, кои создадоа робови што талкале по заблудите 40 години.

текстот е преземен од „Дневник“ од 13.02.10.

Слики: Josh Keyes

ОкоБоли главаВицФото