1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Интелигентен потег од опозицијата со денешниот избор на материјалите и "соговорниците". Избор кој беше во функција на т.н. "доказно тело", како метод да и’ се докаже на другата страна (Груевски, Ахмети, Тачи) дека "материјалот е жив", дека бомбата не е фиктивна и дека намерата да се објави не е блеф. Во тоа е разликата помеѓу пристапот на опозицијата денес, и кукавичлукот на агентите на Мијалков кои фрлаа/наоѓаа досиеја по дворови и со тоа ги обезвреднуваа самите доказни материјали и аргументи.
Денешните материјали не нудат нешто ново во смисла на сомнежи за кои и досега бевме свесни, но се важни бидејќи досега тие сомнежи можеа лесно да бидат побиени и отфрлани како "урбани митови" и опозициски шпекулации. Отсега натаму, сите сомнежи за делата на власта веќе имаат институционална подлога и се цврст аргумент пред домашната јавност и делот на меѓународната заедница наклонета кон власта кога со потсмев настојуваат да ги побијат поплаките на опозицијата.
Вториот битен аспект е увидот во внатрешните односи помеѓу членовите на Фамилијата, омразите, симпатиите, пакостите, местенките, презирите, наклонетостите - како лични така и регионални, помеѓу претставници од различни подрачја (познатиот потсмешлив однос кон "источната сељачана"). Интересно е што во гласовите се насетуваат потсмешливите тонови на функционери кон шефот, со сублиминални обвинувања за незнаење и неразбирање и слични типични бирократски подлости. Тие мали детали се доволни досегашната мистичност и легендарското херојство на вмровските легенди да се пресвртат во потсмешлив презир за нивниот простотилак, глупавост и, накусо, потпросечната интелигенција и морал.
До овој момент опозицијата успеа да ја амортизира и да ја затапи аргументацијата на власта која од комфорот на темницата сега се наоѓа во центарот на истражните рефлектори на гневната јавност. Во најдобриот случај за нив, нивните аргументи се можеби само приближно рамномерни со оние на опозицијата, но никако доминантни.
Но затоа, во зависност од тоа што ќе биде објавено следниве денови, опозицијата може да се соочи со критики и судири однатре, поради сомнежите за непринципиелна класификација и селекција на доказите и нивна злоупотреба во тесно-партиски интереси. Ризикот од таквата реакција е реален и веќе присутен, и како таков може да биде искористен и злоупотребен за внесување раздор и слабеење на офанзивната монолитност и мобилност.
Да, СДСМ доби инструмент на моќ во свои раце. Но доколку во користењето на тој меч на правдата се надвие барем мала сенка сомнеж за договорена амнестија поради политички интерес, може да се случи - пред самата порта на победата - Заев и Шекеринска да бидат понижено потсетени дека мечот секогаш има две острици.
Слика: Свирачиња
Извор: Фејсбук