Како Струга...

10.02.2015 02:13
Како Струга...

1.

Во некоја блиска иднина, дури и поблиска отколку што некому се чини, ќе се почне со рекапитулации на стореното. Во сите области, неизоставно, па и во уметноста. (За културата ќе биде потешко, посложено, таму ќе треба вистинска бела книга!). Не знам што и како ќе рекапитулираме – или ќе рекапитулираат, само се надевам дека тоа нема да бидат она „стручњацине“ од МСУ скриени во нивните глувчји дупки – односно не сум сигурен дали имаме материјал за такви рекапитулации. Иако, секако, рекапитулации не се вршат само на доброто, туку се вршат и на црното, на лошото, на неспособното, на идиотското … а такви пак нешта имаме на претек. Ќе се рекапитулира секоја програма, секој „проект“, секоја „изложба“ … во сите нивни сегменти. Не само естетските, се разбира, иако во случајов тие се (нај)битни, туку и финансиските, културолошките, организациските.

Ќе се рекапитулира ова време-невреме според она што македонските „уметници“, барем поголемиот дел од нив, го понудиле на јавноста како нивна перцепција на совремието, нивна естетизација на сегашноста, нивен придонес во развојот на македонската современа уметност. Многу ме интересира како по некоја година ќе се гледа на овие стотици „проекти“ што оробија цел еден ликовен буџет, како ќе се валоризираат сите оние наши идиотлуци презентирани низ подрумите и перифериите на Европа и светот, ама, за жал, и на некои реномирани ликовни манифестации од типот на Биеналето во Венеција, па нашите туристичко-шопинг тури низ т.н. македонски културни центри во странство, итн. Кој сè не отиде таму, со државен амин и културни пари! Кога стигнавме во Њујорк да продаваме џез или поетски читања, во Париз да нè претставува ДЛУМ, во Софија да презентираме историски книги и книжевни визити (а се „играат“ дури и театарски претстави на 10 кв. Метри?!) … што ли останува уште да направиме?

2.

Македонската уметност и култура во изминативе години станаа толку анахрони, ретроградни, празни, неинтересни, сиромашни… што сиве овие години навистина изгледаат како во нив ништо да не се случило на културен и уметнички план. Освен по нешто, се разбира, како „Скопје 2014“, државната превара со откупите на „уметнички“ дела со народни пари, широкоградоста на Сетинци и Попадинци како невиден гест „за сите времиња“ во македонската култура, државните награди за секој кој се прекрстил пред камата и пиштолот… Ние арчиме грдни пари да ги ставиме на ДВД очајните филмови на (денес) пресоблечениот комунистички миленик-режисер, уметничките дилетанти ги побудалевме со астрономски хонорари поголеми дури и на Микеланѓело Буонароти… дури и Сузето Национале ја гледаме како спасител на државата (сосе шпијунон Дојчин во тандем). И, се разбира, им аплаудираме на незаборавните улични протести против опозицијата, сосе таламбаси, на (не)културните ни работници!

И тоа не е малку. Ама, што од тоа навистина е култура, што од тоа навистина е уметност што кореспондира со македонската сегашност, со нашево секојдневие, со македонските проблеми, ако ги има, се разбира. Ако ја гледаме званичната уметност и култура, такви, или какви било проблеми сме – немале. Сè ни било потаман, спастрено и стокмено, сè си функционирало по добрите усталени патеки на културна и уметничка провинциска зачмаеност. Дури почнавме да даваме и државни награди на странци, за не-знам-што, ама не е ни битно, и тоа на видни странци од форматот на Памук, па она русчено, па еди кој си друг, а кои поим немаа(т) ни каде биле ни што правеле. Ама, и на тоа некој треба да заработи, нели? Од професори и филозофи, до издавачи и друга ситна боранија! Видовме безмалу сè што не треба да видиме – освен тоа што навистина би требало да го видиме, направија сè што не требаше да направат – освен она што навистина требаше да го направат.

3.

Она што навистина ќе остане за некои идни проучувања ќе бидат некои инцидентните случувања, сразмерно „мали“ проекти и лични експресии на индивидуи кои сепак гледаат и мислат. За разлика од повеќето македонски уметници кои – блеат! (На блеењето како „став“ ќе се навратам и малку подоцна).

„Уметникот не може да биде неутрален, пред сè, оти и самата природа на концептуалната уметност тоа не го дозволува. Кога ќе ме прашаат што мислиш за вашиот претседател, не можам да речам – А? Кој претседател? – Уметникот е огледало на сегашноста, а сегашноста е многу тешка”“, вели Надја од руската концептуална група „Пуси рајот“. Нашиве не само што не се неутрални, туку и се организираат во бранителски групи на злото, фаќаат страна која плаќа – додека плаќа, и точно знаат кој им е претседател. Ама – молчат! И не ги интересира ништо, сè додека молчењето се исплатува.

Голабоски пак вели: „Големината на едно општество се мери според тоа колкави се свеста и вниманието кое се посветува на индивидуални и на колективни несреќи“. Ние не сме големо општество, не сме дури ни мало. Ние сме никакво општество. Нас не нè тангираат ни мали ниту пак големи несреќи. Додека пола држава е под вода, уметниците организираат бранителски групи. Ќе ја бранат власта од народот. И ќе апсат „све по списку“!

Димитри Голабоски од Струга дури не е ни уметник, ама размислува уметнички. И се однесува уметнички. Кога веќе уметниците не размислуваат и не се однесуваат така. Голабоски сака да проговори за општеството коешто неповратно тоне во калта на надојдениот неморал. Сака да проговори на јазикот на перформансот, концептуалата, ангажираноста … И успева да го направи тоа во вистинско време и на вистински начин. Неговиот „Прометеј“ е скопскион „Прометеј“ со сјајни бронзени гаќи, но неговиот стои на урнатините на инфраструктурата на неговата Струга. А исто како да стои и на кое и да е друго место во Македонија. Сè личи ко јајце на јајце. Освен Скопје, се разбира, каде што, по правило, стиропорот и лажното злато ги тера уметниците да – блеат. Иако Голабоски комотно можеше да застане да се фотографира и пред скопските мостови, кои исто како и да ги нема. Толку се одвратни. Или да оди до она смејурија од мовче среде патот за Новаци, со којшто кризниот ни штаб ги теши тамошните луѓе. Театар од стиропор може, ама прооден мост не може!

Поентата на целиот перформанс на Голабоски е судбината на едно несреќно девојче по име Тамара Димовска од Велес, оставено на милост и немилост на македонските здравствени власти. Што, метафорично, е и судбината на целата држава, оставена на милост и немилост на една клика, За жал, најновата вест вели дека малата Тамара починала.

И тоа, се разбира, нема да ги допре оние бранителине на „честа“ на државата од она моронско здружение, па тие да побараат оставка од шарлатанон кој глуми министер за здравство! Око нема да ѝ трепне ни на „историчаркана“ која ко полнет фазан божем брани некакво име додека деца беспомошно умираат. Оној пак Минхаузенон што се одзива на Ацо „Рембрант“ секој испрдок го инкасира во изложба, на која што сега, вели, претставува карикатури на неговите критичари. Тоа прави си го дома, со твои пари, сељачино кичевска, а излези на улица, или во галерија, да оддадеш почит на починатото девојче!!!

3.

Перформансот на Голабоски е во самата суштина уметнички, ангажиран и активистички. И треба да продолжи во тој манир, зашто има доволно материјал. Впрочем, според вестите од Струга, таму и младите покажуваат иницијативност и решеност низ кампањата „Младинско будење“ да укажат на сите идиотштини во нивниот град: од базен во распад до културни институци што тоа не се. А и зошто им се, велат, „мојме и вака“!

Оттука, Струга се претвора во активистички (пара)уметнички центар со идеја да ги замени ова утутканиве во злато македонски уметници, кои не знаејќи што друго да прават со себе, играат перверзен danse macabre на чело со „историчаркана“ излезена од под шинелот на Грузиецон.

Но, токму заради Струга, ама и заради неговата инвентивност, смелост, ангажираност, духовитост… не смее да се заборави уште еден стружанец, уметникот Љубомир Милошески, чија што изложба (Чифте амам) пред неполни две години (намерно) помина некако незабележано кај нас. Како впрочем и сè друго што не е плод на уметничката бандитска клика предводена од Минхаузенот и (грото од) македонскине салонски „уметници“.

Љубомир Милошески, имено, под превезот на идејата за номадизмот, за релациите (уметнички и секакви други) метропола-периферија и сл., низ Скопје прошета (цела и жива) овца, покажувајќи ѝ ги архитектонските и уметничките „дострели“ на („веле“)градот застапени во т.н. проект „Скопје 2014“. И прошетката – фотопринтови пред сите „велелепни“ објекти и споменици – ги изложи во Чифте амамот, заедно со главниот протагонист, овцата! И секоја сличност со легендарниот перформанс на Бојс со мртвиот зајак е сосема намерен, се разбира маскиран низ концептот на номадизмот за да „не се сетат влас(т)ите“. За среќа, Палоши не ни можеше да се сети/разбере што всушност тоа претставува и каква лакрдија си игра Милошески со македонските власти. А на крајот, изгледа дека Милошески не успеа да ѝ објасни на овцата за што овде се работи, за какви битни идентитетски и историски прашања станува збор во „фамозниот“ ни „проект“. Или пак овцата беше премногу глупа за да разбере. Како што впрочем сме и сите ние кои не разбираме – освен оние малкумина посветени блејачи кои блеат и кимаат со главите на сè околу нас. Заради едното или другото, Милошески, велат, сакал да го заврши перформансот со ритуално колење на овцата среде големата сала на Чифте амамот. Не му дозволиле, се разбира, зашто можеби во последен миг им текнало за што тука станува збор. И дека тоа ќе личело како да нè заклал сите, тука, на лице место, зашто не ги рабираме „идеите“ на власта?

Како и да е, мислам дека перформансот на Милошески е најбрилијантната критика на т.н. проект „Скопје 2014“ – остроумна, ангажирана, метафорична, контекстуална, исторична… Ништо друго впрочем не му треба на тој „проект“, никаква друга критика и арчење време и зборови: доволно е да се препечатат фотографиите на Милошески (со финансиска компензација, се разбира) и да се истакнат како транспаренти пред сите владини институции. И пред Минхаузенон, за да може да си направи карикатура и себеси.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото