Новинарството е во служба на јавноста, а не на власта!

10.02.2015 04:00
Новинарството е во служба на јавноста, а не на власта!

Едвард Сноуден на насловната страница на „Ваерд“ (Wired), издание од август 2014. Фото: Mike Mozart, 2014 

 

Пулицеровите награди се доделуваат, главно, за новинарски достигнувања од страна на Универзитетот „Колумбија“ (САД) во чест на Џозеф Пулицер, кој ја почнал новинарската кариера како репортер, а подоцна станал и богат сопственик на медиум, кој финансиски поддржувал отворање универзитетски школи за новинарство.

Најпрестижна од Пулицеровите награди за новинарство е златниот медал за служење на јавноста, кој во 2014 година им беше доделен на „Гардијан САД“ и на „Вашингтон пост“, за „откривањето на тајниот масовен надзор вршен од Државната агенција за безбедност на САД (НСА)“.

 

ЈАВНИТЕ ЗАСЛУГИ НА „ГАРДИЈАН САД“ И НА „ВАШИНГТОН ПОСТ“

 

На 5 јуни 2013 година, новинарот Глен Гринвалд го објавува написот „НСА дневно собира снимки од телефонските разговори на милиони корисници на Verizon“, во кој обелоденува дека:

„Државната агенција за безбедност во моментов собира снимки од телефонските разговори на милиони корисници на Verizon, еден од најголемите телекомуникациски оператори во Америка, користејќи судски налог за строга доверливост издаден во април.“

„Гардијан“ го објавува и судскиот документ класификуван како „строго доверлив“, кој ѝ наложува на телефонската компанија да ѝ доставува телефонски „метаподатоци“ на НСА, појаснувајќи:

„Овие снимки ѝ овозможуваат на владата да го знае идентитетот на секое лице со коешто комуницира некој поединец по електронски пат, колку долго разговарале и која била нивната локација за време на разговорот.“

Следниот ден „Гардијан“ објавува напис со делови од друг документ, класификуван како „строго доверлив“, кој обелоденува дека НСА има обезбедено „директен пристап до системите на „Гугл“ (Google), „Фејсбук“ (Facebook), „Епл“ (Apple) и други интернет-гиганти од САД“ преку програмата ПРИЗМА. „Вашингтон пост“ го објавува написот „Документите покажуваат дека САД црпи податоци од интернет-компаниите-фирмите“, поентирајќи со експертски предупредувања дека програмата ПРИЗМА е „големо натрапништво во приватноста“. Истиот ден претседателот на САД е притиснат од јавноста да даде изјава во која вели „Никој не ги слуша вашите телефонски повици“ и во која настојува да ги убеди Американците дека „владата собира податоци за времетраењето на телефонските повици и за броевите, но не и за содржината на телефонските повици.“

На 9 јуни 2013 година, „Гардијан“ објавува видеоинтервју со „шепкачот“ Едвард Сноуден, во кое тој зборува за личните мотиви што го поттикнале да ги објави само оние тајни документи за кои лично сметал дека се во интерес на јавноста. На 10 јуни, репортерот на „Вашингтон пост“ известува дека бил во долготраен контакт со Сноуден, кој побарал да биде објавена целосната презентација на ПРИЗМА од 41 слајд, во рок од 72 часа. Откако „Пост“ пред публикувањето побарал мислење за потенцијалната штета по националната безбедност од владините службеници, и решил да објави само четири слајда, Сноуден изразил жалење и стапил во контакт со „Гардијан“.

Протест на Зелените во Европскиот парламент поради одбивањето на Сноуден да му се гарантира безбедноста за тој да може да дојде во Брисел и да се обрати пред европарламентарците. Фото: greensefa, 2014

На 16 јуни „Вашингтон пост“ објавува аналитички приказ на архитектурата на надгледувањето на НСА. На 17 јуни 2013 година, „Гардијан“ им овозможува на своите читатели да му поставуваат прашања он-лајн на Едвард Сноуден, на кои тој веднаш дава одговори. Во еден од одговорите, Сноуден укажува дека бил мотивиран да стане „шепкач“ од „постојаната литанија на лаги од високите службеници на Конгресот“.

На 22 јуни 2013 година, почнува кривичната процедура против Сноуден, кој се товари за шпионажа и за кражба на државна сопственост. И покрај тоа што против „шепкачот“ се води кривична постапка, на 30 август 2013 година, „Вашингтон пост“ го објавува „црниот буџет“ на „шпионската империја“ од 52,6 милијарди долари, за фискалната 2013 година, добиен од Едвард Сноуден (притоа овозможувајќи коментари на читатели). Ден потоа, врз основа на „црниот буџет“, ги обелоденува офанзивните кибер-операции на разузнувачките служби на САД во „војната во кибер-просторот“.

„Гардијан“ продолжува да објавува не само написи за програмите и за начините на следење на телефонски и интернет-комуникации од страна на НСА, туку и документи „top secret“, преку кои се обелоденува дека шпионските агенции на САД и на Велика Британија ја нарушуваат приватноста на граѓаните со тоа што го „отстрануваат шифрирањето што се користи за заштита на е-пораки и на банкарски и на медицински записи“ (колаборативно партнерство со „Њујорк тајмс“ и „Пропублика“). „Гардијан“ и други медиуми обелоденуваат дека се надгледувани и телефони на премиери на држави. Подоцна, „Вашингтон пост“ објавува интервју со Сноуден, во кое тој објаснува дека се обелоденети залажувањата на владата дека не биле таргетирани германски државјани.

Благодарение на документите од „шепкачот“ Сноуден, „Гардијан“ и „Вашингтон пост“ успеваат да покренат широка јавна дебата за злоупотребата на надлежностите од страна на НСА, за ефективноста на институционалната контрола врз тајните служби, за заштитата на правото на приватност во „дигиталната ера“, за транспарентноста на телекомуникациските гиганти, како и за заштитата на новинарските извори и на „шепкачите“.

Токму благодарение на покренувањето на дебатата за односот помеѓу владата и јавноста, во врска со прашањата за безбедноста и за приватноста, „Гардијан САД“ ја доби Пулицеровата награда за служење на јавноста. Ефектите од „шепкањето“ на Сноуден сѐ уште се премеруваат од страна на влијателни светски медиуми.

 

ПРИТИСОЦИТЕ ВРЗ „ГАРДИЈАН“

 

„Да, ние сме патриоти, а едно од нештата поради кои сме патриоти е природата на демократијата, природата на слободниот печат“. (Алан Расбриџер, уредник на „Гардијан“

 

„Гардијан“ беше изложен на сериозни притисоци од властите, кои кулминираа откако главниот уредник беше повикан да сведочи пред комисија на британскиот Парламент. Еве што истакна при сведочењето уредникот Алан Расбриџер, во однос на материјалите од Сноуден:

„Не верувам дека постои некој уредник во светот што не би го објавил овој материјал“, изјави Расбриџер, „бидејќи тоа очигледно беше во интерес на јавноста, како што можеше да се види од реакциите на владите низ светот коишто беа шокирани.“

Уредникот на „Гардијан“ беше поддржан и од прочуениот новинар Карл Бернстин, еден од обелоденувачите на аферата „Вотергејт“. Главен новинарски извор во аферата беше „шепкачот“ познат како „Длабоко грло“ (вториот човек на ФБИ), чиј идентитет беше обелоденет дури во 2005 година. Аферата „Вотергејт“ кулминираше со оставка на американскиот претседател Никсон, откако беше принуден од страна на Врховниот суд да ги достави снимките од автоматскиот систем за аудиоснимање разговори во неговата канцеларија. На една од снимките, Никсон се согласил да се врши притисок врз истражните органи за запирање на истрагата за „Вотергејт“ заради „национална безбедност“. Три дена по обелоденување на снимката, Никсон е принуден од јавноста да даде оставка поради изгубена политичка поддршка.

Во отворено писмо до уредникот на „Гардијан“, Карл Бернстин потсетува оти научената лекција од скандалот „Вотергејт“ е дека:

„од суштинско значење е владата да не го ограничува или заплашува слободниот печат; во спротивно, во една таква темнина, ризикуваме нашите демократии да бидат жртва на деспотизам и на демагогија, па дури и жртва на криминал од страна на нашите избрани лидери и владини претставници.“

Главните новинарски лекции од аферите „Сноуден“ и „Вотергејт“ се дека новинарите се во служба на јавноста и дека се должни да информираат за злоупотребите на власта и со помош на „шепкачи“ и на тајни документи. Етичка должност на новинарите е да обелоденуваат тајни документи или снимки од прислушување (дури и ако се незаконски создадени или набавени), кои покренуваат прашања од јавен интерес, како што се корупцијата, попречувањето на правдата или масовното прислушување (независно дали е овластено или не).

Притоа, новинар(к)ите се должни да се придржуваат до етичкиот принцип за „минимизирање на штетата“. Како што укажува еден професор по новинарство:

„Ние работиме на откривање информации. Нашето оправдување е информирањето на јавноста. Свесни сме за последиците од тоа што го објавуваме и преземаме чекори за да избегнеме предизвикување штета.“

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).