1009 hPa
45 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 12:59
Неговите дела, но и јавните настапи, никогаш не поминуваат без големо внимание во јавноста. Во интервју за Ал Џезира ги проблематизира недостатокот на новиот поим за она што денес го нарекуваме фашизам, изборите во Грција и Хрватска, предвидувањата на Фукујама, преценетоста на образованието...
Борис Буден (Загреб, Хрватска 1958), теоретичар за култура и филозоф, со своите согледувања прецизно ги сецираше мрачните деведесетти, а кризата ја поврза и со случувањата на домашната сцена.
Дипломирал филозофија на Универзитетот во Загреб, со дополнителни студии по марксизам. Докторирал теорија на култура на Универзитетот Хамболт во Берлин.
Во текот на деведесеттите објавуваше есеи главно во Аркзин, во кој беше и уредник, а подоцна се собрани и објавени во збирката „Барикади“.
На нашите простори се објавени неговите дела „Каптолската железничка станица“, „Вавилонската јама“, „Зона на премин – за крајот на посткомунизмот“.
По настаните во Париз, дали можеме да кажеме дека фашизмот стана наше секојдневие?
Проблем е самиот факт што немаме друго име за тоа што го доживуваме, освен фашизам. Притоа, сме неразумни оптимисти. Мислиме дека најстрашното се случи пред седумдесетина години и дека сега е најважно да се спречи тоа да не се случи повторно. А, што ако најлошото е веќе пред нас и ако во своето доаѓање не изгледа толку страшно како фашизмот од минатото? Меѓу другото, ниту тој историски фашизам не изгледал страшно кога му ветувал подобра иднина на мнозинството, на сопствената нација, обединета со онаа страна на сите класни разлики, сложна во борбата против вистинските и замислените закани однадвор и одвнатре. А, со колкав ентузијазам класата претприемачи и богаташи го поздрави фашизмот и веднаш се стави во корист на неговите предности, најпрвин во зауздувањето на отпорот на експлоатираните класи?
Дали не треба да нè загрижи класната идила која владее на постјугословенските простори веќе четврт век? Дали леснотијата на приватизацијата во која милионски маси се олесети за својата сопственост без никаков отпор, не е леснотија со која се вовлечени во националистичките војни, леснотија со која се согласија да ги жртвуваат своите интереси, иднината на своите деца кои сè уште неродени ги одведоа во должничко ропство, дали сето тоа не е добра причина да кажеме дека живееме во фашистичко секојдневие? Мислам дека не е. Односно, не е сè уште.
Може да биде многу полошо, но токму таа потполна историска, социјална и секаква друга безперспективност може да ги поттикне луѓето на радикално преиспитување на сè што им се случи во последните дваесет и пет години и на одлука радикално да ја променат својата судбина кон подобро. Погледнете што се случи во Грција. Само неколку години претходно бевме сведоци на незаприливиот подем на фашистичката Златна зора. Денес, мнозинството ја поддржа радикалната левица.
„Да се размислува со своја глава“
Што ни зборуваат изборните резултати во Грција?
Грција покажа дека промената е можна. А можна е ако се прекине со логиката на потчинувањето, која секогаш одново доаѓа до израз кога таканаречените експерти, всушност нашите компрадорски елити, ни објаснуваат дека авторитетите во Брисел и Вашингтон, Ангела Меркел, НАТО и Меѓународниот монетарен фонд, знаат што е добро за нас и што треба да направиме за да ги задоволиме нивните очекувања. Треба да се осудиме да размислуваме со своја глава. Тоа е дури и нужно, затоа што послушноста кон моќниците ќе нè одведе во пропаст, ако веќе не го направила тоа.
А, кога станува збор за Париз, важно е да се согледа значењето на тој настан од перспектива на нашите искуства од деведесеттите. Етноконфесионалните поделби одиграа и сè уште играат клучна улога во фашистичката мобилизација на масите. Не се работи за поделби. Поделбите се попотребни од кога било претходно. Но, не овие заради кои се распадна поранешна Југославија и заради кои денес пред нашите очи се распаѓа стариот свет, од Либија, Сирија и Украина до Париз.
Што се промени во однос на 11 септември?
Она што пред десетина години изгледаше како екстремен ексцес во кој еден грст дрски фанатици ја провоцираат семоќната светска сила, пред нашите очи се претвора во војна помеѓу големи идентитетски блокови, од една страна Западот, а од друга исламот или некаков не-запад, Русија која се поистоветува со Истокот. Слично како што кај нас во деведесеттите војните беа легитимирани со културните и идентитетските разлики. Како, на пример, во Хрватска, каде не се водеше никаква ослободителна војна против окупација, туку наш домашен конфликт на цивилизациите, Европа и Балканот, како што и беше прикажан и легитимиран од страна на политичките и интелектуалните елити.
Така и денес гледаме како атентатот во Париз се претвора во конфликт помеѓу таканаречените западни вредности и нивните не-западни непријатели, олицетворени во исламот. Гледаме како десетици илјади луѓе во Германија излегуваат на улиците во име на чистината на својата култура, а против таканаречената исламизација. Ни во Украина не се случува нешто значително поинакво. Луѓето се бунтуваат, со право, против автократијата на олигарсите и корупцијата, која ја генерира токму таа приватизациска олигархиска елита, луѓето се бунтуваат барајќи еднаквост и правда, вклучувајќи и социјална, се бунтуваат во име на правото за достоинствен живот, право кое го гази токму тој предаторски посткомунистички капитализам. Но, изгледа дека сите тие причини на нивниот бунт веднаш исчезнаа, се распрснаа како да ги немало никогаш и како да се работи само за едно нешто, за една единствена одлука: или Европа или Русија. Како да не станува збор за ништо друго.
Тоа претворање на сите борби, сите општествени конфликти и противречности во еден конфликт помеѓу нормативните и идентитетските блокови, на пример, помеѓу Западот и Истокот или исламот, тоа е ликот во кој ни се заканува фашизмот од иднината, а не од минатото.
Дали во осумдесеттите верувавте во либерализам, демократија и политика без насилство?
За жал, да. И не бев единствениот. Но, рековте и самите, тоа беше вера или, подобро, идеологија на новиот поредок без сериозни противници, без внатрешни противречности и без алтернатива. И, згора на сè, поредок од крајот на историјата. На тој начин, пред 25 години, Фукујама ја најави конечната победа на либералната демократија од западен вид, која го означи крајот на историјата. Денес сите зборуваат за враќање на историјата, за враќање на Студената војна, за враќање на фашизмот и никој веќе не ја сфаќа сериозно дијагнозата на Фукујама, освен во источна Европа. Неодамна во Гардијан изјави дека тој сè уште е рок ѕвезда на посткомунистичкиот исток од Европа, во Украина и Полска. Но, тој процес, целата логика и телеологија на посткомунистичката транзиација, ја исцрпил својата енергија. А, со неа исчезна и таа наивна вера во либералното демократско општество на мирот и просперитетот.
„Доаѓа време за отрезнување“
„Индикативно е што не ме прашавте дали верував во капитализмот. До тогаш, никој не го споменуваше. Беше непристојно. Звучеше премногу комунистички да се зборува за капитализам во пристојното посткомунистичко, либерално општество. Интересно, во истото тоа општество не беше непристојно со најодвратна и најпримитивна шовинистичка омраза да се зборува за соседите и луѓето со кои се живее и работи. Не беше непристојно ни да се толерираат најлошите облици насилство кон тие луѓе, луѓе од различни вери или нации.
‘Убиј и заколи само за да не постои другиот‘, и тоа беше во ред, но да се посомнева и за момент во историската нужност на таа посткомунистичка реалност, дури и кога падна според сите параметри под нивото на поранешната социјалистичка, тоа не се толерираше. Но, мислам дека денес и тоа е зад нас. Доаѓа време на големо отрезнување, а што ќе се роди од него, тоа сè уште е отворено прашање.“
Она што исто така го одбележа почетокот на годината се претседателските избори во Хрватска. Дали тие ќе променат некое политичко дејствување во посткомунистичкиот регион?
Тие избори не променија ништо. Тие се симптом и причина за отсутност на секаква промена, неможност да се започне нешто. Тие се само уште еден доказ за безизлезноста и декаденцијата на хрватското општество, пред сè политичка и морална. Две клиентелистички партии кои се менуваат на власт заедно со своите коалициски клонови, повеќе од 20 години и денес успејаа да ја сокријат својата беда зад кутрите ликови на претседателските кандидати.
Новата претседателка, пред и во името на партијата која буквално го ограби својот народ, дури и е осудена по тоа прашање, на истиот народ му ветува дека, веројатно во нејзиниот мандат, ќе се вивне меѓу најбогатите и најпросперитетните народи во светот. Ако тоа не е бесрамно навредување на здравиот човечки разум, тогаш не знам што е. Но, ја избраа и на некој начин е разбирливо кој безличен опортунист ѝ беше противник. За среќа, изборите покажаа дека сè поголем број луѓе не се согласуваат со вечното враќање на истото. Промените се нужни и нема да ги предизвика постоечкиот политички естаблишмент.
Напишавте дека ’детето’ е од структурно значење во имагинирањето на новиот почеток на едно општество кое пресудно го обликува посткомунизмот. Какви темели поставија тие деца за посткомунистичкиот период? Дали веќе ги береме плодовите на нивното дејствување?
Во метафората со детето кое невино излегува од комунизмот, но, се разбира, затоа што е дете, не може ништо да одлучи самостојно и заради тоа му треба старател, а згора на сè не знае ништо и сè мора да направи од почеток, значи, во таа метафора е олицетворена целата дијалектика на посткомунистичкото поробување на масите. Луѓето едвај се изборија за слобода и веднаш мораа да се откажат од неа затоа што беа прогласени за незрели да ја користат, па сите тие посткомунистички општества мораа да одат во таканаречените школи за демократија на посткомунистичката транзиција, како што се нарекуваа во тој период.
Кога нешто ќе тргнеше лошо или ќе се изјаловеше, односно немаше да биде онака како што замислиле газдите, тоа веднаш беше прогласувано за детска болест на демократијата или демократија во пелени. Накратко, целиот историски простор на посткомунизмот е инфантилизиран, за полесно да се владее со него. Полесно е да се спроведува сопствената волја над луѓе кои се прогласени за незрели, односно деца кои не паметат никакво минато, затоа што вчера дошле на свет. Така, кај нас никој не можеше да се сети дека поранешна Југославија беше под диктат, да речеме на ММФ, уште од почетокот на осумдесеттите, дека имавме своја епоха austerity measures, слична на Грција, во таа последна декада од поранешна Југославија во која се подготвуваа војните од деведесеттите. Фактот дека ние веќе бевме во должничко ропство е сосема заборавен.
Зошто?
За да може да се повтори. Луѓето не можеа да се сетат на никакво минато, затоа што како новороденчиња на комунизмот го немале. Посткомунизмот е простор на мрачен заборав. Тој заборав беше предуслов за новите односи на моќта и тоа такви во кои инфантилизираните маси веќе немаа никаков удел.
Како да ги опишеме генерациите кои се развија во Источна Европа по 1989 година?
Тие се различни од земја до земја, од една до друга историска ситуација. Генерациите во Чешка поминаа низ долго искуство од оние во поранешна Југославија, во Босна или Хрватска, на пример. И покрај тоа, мислам дека нешто ги поврзува – крајот на посткомунизмот кој се одигрува денес пред нашите очи, не само во Украина и поранешна Југославија, не само на јужните рабови од Европската унија каде стариот поредок на националните држави се распаѓа во воен хаос, од Либија и Египет, преку Палестина до Сирија и Ирак, туку токму денес и во Грција, утре во Шпанија или кај нас. Сето тоа е поврзано.
Хавеловата теорема
„Името на Вацлав Хавел веројатно стои за либералната демократија и нејзината толеранција и ненасилство, олицетворена во таканаречената Кадифена револуција. Но, истиот тој Хавел во 1997 година ги поведе новоослободените народи од источна Европа во НАТО, поврзувајќи ги највозвишените вредности на слободата, демократијата и мирот за таа институција на Студената војна, минато не помалку мрачно од она на пропаднатиот Варшавски договор. Зарем пропаста на еден воен блок не беше вистински историски момент да се побара распуштање и на другиот?
Кога веќе еднаш тоа беше пропуштено, логиката на милитаризмот продолжи со својот тек. Во 2003 година, Хавел ја поддржа агресијата на Ирак, чии несогледливи катастрофални последици на речиси половина милион мртви Ирачани ги гледаме во комплетно уништениот регион. Притоа, Хавел го поддржа Доналд Рамсвелд, човекот кој нареди воведување средновековни методи за мачење затвореници не само без осуда туку и без обвинение. Каква врска има тоа со кадифеното?“
Меѓу другото, кога денес во Минхен му се суди на таканаречениот удбаш Перковиќ, а тоа го поздравува целата таканаречена демократска хрватска јавност, истата таа Хрватска е активно вклучена во западната интервенција во Авганистан која, како што знаеме, вклучува екстралегални ликвидации на луѓе со дронови, во кои само во Пакистан се убиени најмалку 1 000 сосема невини цивили. А, дали на Перковиќ не му се суди за истото: потполно незаконско убивање луѓе на територии на странски држави. ’Ајде да видиме дали хрватските праведници ќе ги прозиваат американските генерали за воени злосторства, дали ќе бараат да им се суди или, барем, дали ќе бараат да не учествуваат во тие убиства кои не се случиле пред триесет години туку се случуваат денес, односно ќе се случат утре. Тоа е она што мислам под заедничко искуство на посткомунистичкиот свет кој не се променил кон подобро туку во повеќекратна смисла станал и полош и поопасен.
Дали недостатокот од револуции и пасивноста на општествата на Балканот е последица на образованието? Факт е дека по две децении имавме обиди за промена на статусот во општеството кои суштински не променија ништо и некако изгледа дека во себе немаа сила која можеше да донесе промени.
Не треба да се преценува образованието. За среќа, поголемиот дел од она што денес се учи во училиштата, особено кога станува збор за нови идеолошки предмети по национална историја, односно веронаука, влегува од едно уво, а излегува од другото. Покрај училиштата постојат и други важни образовни установи како што се здруженијата на навивачките хулигани, поп и фолк културата, од Цеца до Томпсон и понатаму, поповите од сите вери избезумени од богатството и световната моќ, неброените ветерански здруженија од нашите бројни војни, но во капиталистичката реалност постои и борба за гол живот, многу потиснати облици класна борба, постои култура на отпор во која се развиваат нови генерации храбри млади луѓе кои не се согласуваат со ваквата реалност. Отпорот, односно храброста и волјата за промена не се учат во училиште, туку во реалното искуство на самата борба и промената. Се разбира, и во училиште може да се научи многу, особено ако тоа стане место на отпор и борба против реалноста во која живееме.
Извор: http://balkans.aljazeera.net/