Седумте најморонски тези со кои се релативизира скандалот со прислушувањето

10.02.2015 14:10
Седумте најморонски тези со кои се релативизира скандалот со прислушувањето

Ова се седумте најморонски тези, со кои се прави обид да се релативизира обелоденувањето на скандалот со масовно и незаконско прислушување на илјадници македонски граѓани од страна на тајната полиција.

 

1. Материјалите на Заев се доказ дека прислушувала странска разузнувачка служба.

Демек, кога можеле да ја снимаат Ангела Меркел, странските разузнувачки служби сигурно го прислушувале и Никола Груевски. Бре! Ако е така, камо снимка од прислушуваниот Груевски? Ако снимале странски разузнувачи, зошто апсат луѓе од нашата полиција? И воопшто, што е толку важна Македонија, за некој да се помачи да прислушува 20.000 луѓе од сиромашната двомилионска нација во срцето на Балканот? Што сме ние? Нуклеарна велесила? Расадник на Нобеловци? Зачетници на белата раса? Нација со потенцијал да го покори светот во скора иднина?

2. Објавувањето на материјалите е кривично дело, а сите што го поддржуваат Заев се поттикнувачи на кривично дело.

Не ќе да е така! Неовластеното прислушување е кривично дело, а пријавувањето на кривично дело е граѓанска обврска. До овој момент, никое од лицата засегнати со објавените материјали не демантира дека неговиот глас е на аудио-снимките, ниту пак некој кажал и докажал дека снимањата се извршени овластено. Кој можел и зошто да го овласти прислушувањето на министерката за внатрешни работи и на министерот за финансии? Не, драги мои, извршено е сериозно кривично дело, врз голем број жртви.

3. Скандалот треба да се решава институционално (ДУИ).

А кој ве спречува? Затоа е поднесена кривична пријава за неовластено прислушување. И да не е поднесена пријава, по допрен глас, јавниот обвинител може да реагира и да покрене постапка. Нека повели власта и институционално нека си го решава проблемот. А ДУИ нека се погрижи институциите добро да си ја завршат својата работа. И да откријат кој и зошто наредил да се прислушува нејзиниот лидер Али Ахмети.

4. Одамна се знае дека владата има опрема да прислушува 30.000 телефони, што открил Заев ново?

Најморонската теза што ја прочитав вчера. Тоа е како да кажеш – одамна се знае дека власта има оружје да убие 10.000 луѓе, што има тука ново? Ново и страшно е ако се дознало дека оружјето е употребено и дека луѓе се убиени. Ново и страшно е што сега знаеме дека некој од власта неовластено ја употребил таа софистицирана опрема за да прислушува илјадници луѓе.

Од тонските снимки што ги слушнавме, засега основано се сомневаме дека биле прислушувани министерката за внатрешни работи, министерот за финансии, лидерот на најголемата опозициска партија и неговата заменичка, лидерот на една помала опозициска партија, лидерот на ДУИ, коалициски партнер во власта, лидерите на уште две албански партии, локални функционери, малолетната ќерка на лидерот на опозицијата и една новинарка.

5. Во снимките нема ништо „интересно“.

Не е интересно како министрите ја оговараат координаторката на пратеничката група на ДПМНЕ и како договараат партиски вработувања? Што би било интересно за нашите сеирџии? Министерката и министерот да си кажуваат рецепти за пандишпанчето?

Освен тоа, како што слушам, она „интересното“ допрва ќе се објави. А на СДСМ му предлагам, доколку поседува снимки за овие на кои аферава им е здодевна, да ги објави на првата наредна прес-конференција. Можеби тогаш ќе се заинтересираат.

6. Аферата го дефокусирала вниманието од смртта на малата велешанка Тамара и ги намалила штетите за владата.

Немам коментар. Само болни умови можат да смислат вакво нешто. Нека им е просто.

7. Што сега? Груевски нема да си поднесе оставка, со ваква афера владата нема да падне.

Оваа теза најчесто ја верглаат „загрижени“ симпатизери на СДСМ, кои се надевале дека веднаш по објавувањето на „бомбите“, владата ќе падне како гнила крушка, а тие веднаш ќе ги сместат своите неиспотени газиња во фотелјите на Илинденска бб.

Не оди таа работа така, мили мои. Ова не е пуч. Ова е соочување на народот со вистината за тоа како владее овој режим. Операција на ослободување на стравот и на убивање на малодушноста во нас. Народецот наш одамна не ја сака оваа клика, но се плаши од неа. После овој скандал, довербата во оваа власт уште повеќе ќе спласне. Не, нема тоа да го видиме во анкетите, бидејќи во систем во кој кликата контролира буквално сè, вклучувајќи ја и нашата приватност, анкетите се бесмислени. И избори што би ги организирал Никола Груевски се бесмислени.

Накусо, после ова, опозицијата веќе не смее да води дијалог со него, ниту пак смее да помисли на избори што ќе ги организира оваа искомпромитирана влада. Јас сум убеден дека ни странците веќе нема сериозно да разговараат со Груевски. Едноставно, тој ќе мора да се соочи со фактот дека ќе може да си владее уште некое време, но само со уште поголемо насилство и корупција. Дури не дојде крајот. А после?

Извор: Плусинфо, 10.02.2015
Слики: Александар Ковачевски