1017 hPa
88 %
20 °C
Скопје - Пон, 13.07.2026 02:59

Скопје, 10 февруари 2015
За да може поревносно и поуспешно да му угодува на македонскиот народ, владата на РМ отвори десетина штандови во неколку градови во Македонија, на кои граѓаните ќе можат да ги испорачаат своите желби, ултиматуми и скриени фантазии. Кампањата под слоганот „Бидете реални, барајте го невозможното“ веќе се одвива со полна пареа.
„Не дека до сега не се обидувавме убаво да ги слушаме граѓаните, ама овој пат ќе пробаме со директна комуникација. Им порачуваме на сите кои се незадоволни од што било во животот: сега е време да ни се обратите“, соопшти во име на партијата Илија Димовски, во недостиг на други достапни високи функционери од ДПМНЕ.
Како што дознаваме, меѓу пријавените желби има барања за вработување, враќање на германската марка како валута, продажба на алкохол 24 часа, намалување на висината на казните во сообраќајот и поретко емитување на рекламите за трето дете, барем на полувреме на важните спортски натпревари.
„Внимателно ги разгледуваме барањата на граѓаните и досега ги прифативме скоро сите. Само малку запнавме околу барањето на Кенан да се врати на плоштад, но ќе се потрудиме да најдеме слободно место меѓу спомениците и фонтаните“, изјави Димовски.