Тој е, сепак, само патник, а не симболист

11.02.2015 02:49
Тој е, сепак, само патник, а не симболист

Едно утро

Едно утро еден човек се буди и низ прозорецот гледа дека поминуваат конци врзани за неговите раце и стапала.
...Јас не сум марионета, вели тој со глас што се подига со прашањето, зарем не? Марионета сум?
Еден од конците се разлабавува и ниша додека тој се чеша по главата.
...Хммм, вели тој, се прашувам дали сум марионета?
А тогаш сите конци се затегаат и тој скока од креветот.
Сега кога е станат ќе пријде до прозорецот за да погледне кој се зафркава со него додека тој делумно е заспан...
Со поглед ги следи конците сè до небото и гледа огромна рака која се пробива низ облакот и која држи некакви шипки за коишто конците се прицврстени...
Хммм, вели тој, баш чудно, порано не сум ги видел тие шипки... Тогаш веројатно сум марионета...


За варењето старци

Под надзор на неосветлената месечина еден старец се обидуваше да свари друг старец, иако старецот кого се обидуваше да го свари се обидуваше да го свари него.
Ма не, рече првиот старец, кога јас се обидувам тебе да те сварам, тогаш ти не смееш да се обидуваш мене да ме свариш, оти тоа ме збунува.
Но јас те варам тебе, и се обидувам да пронајдам соодветно тенџере, рече другиот старец.
Ма не, рече првиот старец, не смееш да се обидуваш да најдеш соодветно тенџере кога јас се обидувам да најдам соодветно тенџере за тебе; тоа ме збунува и заборавам кој старец е вечера.
Ма не, рече другиот старец, ти си вечера, и ти си оној што се вари, само ако пронајдам соодветно тенџере.
Ма не, рече првиот старец, ти си оној што се вари, но толку ме збунуваш што не знам кој старец сум јас и кој од старците треба да се свари.
Но кога старците завршија да се варат, и кога беа изнесени на маса, немаше никого за да изеде старец за вечера...
Љубопитната месечина која ѕиркаше од небеската темница одеднаш сфати дека заборавила да се запали, и нагло затрепери како бандера на селски пат...


Патник

Тој ја отвора жената; таа го пушта внатре.
Тој влегува и наоѓа кола што го чека. Го одвезуваат на аеродром и тој полетува во ноќта над планините; се спушта на тајна писта, и го сместуваат во вселенски брод.
Не е важно ако вселенскиот брод има фалусен облик, и ако се забива во мрачната вагина на космосот; тој е, сепак, само патник, а не симболист.

Слики: Ben Kehoe
Избор и превод: П. В.

Расел Едсон (Russell Edson, 1935-2014), поет, прозаист, илустратор... Повеќето книги ги објавил во мали издавачки куќи и со сопствена графичка опрема. Главно не е застапен во најважните антологии на новата американска поезија, иако неколкумина влијателни поети (Дениз Левертов, Марк Стренд, Дејвид Игнатов) го сметаат за значаен автор. Едсон пронашол сопствена форма, специфичен облика на песна во проза која се измолкнува од класификациите.

ОкоБоли главаВицФото