Разговори со студентите од архитектонските школи (2)

11.02.2015 17:03
Разговори со студентите од архитектонските школи (2)

II. ИЗГРАДБА НА СТАНОВИ

 

Градењето живеалишта е легитимен потфат на секоја новонастаната цивилизација, на секое општество кое одлучило трајно да се насели некаде; луѓето прво треба да се вдомат, да бидат тргнати од непогодите и заштитени од крадците, а пред сè треба да им се обезбеди мирот на куќното огниште и да се направи сè за животот да им тече спокојно, без погубни кршења на природните закони. Меѓутоа, таа цел нема ништо заедничко со градбата на станови каква што се практикува денес и која претставува груб компромис помеѓу актерите на моќта заинтересирани исклучиво за пари. Профитот, конкуренцијата, брзината - сето тоа се мотивите кои го понижија достоинството на човекот, правејќи го роб и принудувајќи го да тргне од умот своето основно право на пристоен живот.

Знаете ли дека на Академијата за ликовни уметности во Париз, на една од најугледните архитектонски школи во светот, тематиката на човековиот дом никогаш не најде место во наставната програма? Никакво внимание не е посветено на опкружувањето во кое живее човекот: на секојдневието, на сите оние часови во кои од раѓањето до смртта, ги поминуваме на улиците, плоштадите во својата соба - интимните места на кои се одвива драмата на нашиот живот од мигот кога првпат сме ги отвориле очите.

Кога во 1920 го покренавме Esprit Noveau[6], укажав на огромното значење на куќата, нарекувајќи ја „машина за живеење“ и барајќи од неа целосно и беспрекорно решение со јасно артикулирани ставови. Таа длабоко хуманистичка програма повторно го ставаше човекот во средиштето на архитектонските промислувања. Но, во Париз и Америка, каде владеат машините - не ми е простено тоа што се послужив со тој израз. Од речникот дознаваме дека зборот „машина“ има потекло од латинскиот и грчкиот јазик, каде значела умешност и снаодливост: „справа смислена со цел да се постигне одреден учинок“. Зборот „снаодливост“ можеби најдобро ја отсликува суштината - станува збор за фаќање во костец со неизвесниот, непостојан сплет на околности и настојување да се направи од него неопходна и соодветна рамка за животот. Само со посредство на уметноста и со посветеност на добробитта на човечкиот род, ќе стекнеме моќ да го облагородиме животот и да го издигнеме над обичното физичко рамниште на битисување.

Истрајав на тој пат, користејќи бројни можности за подобро да ја разјаснам оваа проблематика, себеси и на другите. Работев на нацрти, држев предавања, пишував книги. Во двасетина објавени книги и три списанија[7] на човечкото живеалиште секогаш му доделував средишно место во архитектонските и урбанистичките промислувања. Тоа беше револуционерно гледиште, поради кое трпев критики од левицата и десницата, и бев јавно прозиван од поборниците на академизмот.

Во 1935 година објавен е „Блескавиот град“ (La Ville Radieuse). Зборот „блескав“ не е употребен случајно; неговото значење ја надминуваше обичната функционалност и упатуваше на блескавост на свеста, бидејќи во чудесните настани на кои денес сме сведоци, суштинско е прашањето на свеста, а не на економијата или технологијата. Во крајна линија, единствено валидните барања на таа свест ќе пресудат за понатамошната судбина на таа програма.

Оваа тематика, под одредницата „Живеалиштето и слободното време“ (Logis et Loisirs), е внесена во преамбулата на V конгрес на CIAM, одржан во Париз 1937.

Сметаме дека е потребно меѓу темите со кои ќе се занимава овој конгрес да му дадеме предност на најважниот и најсудбоносен факт на нашето време: по стотина години внатрешни судри, расправи и збрка, модерното општество дојде до заклучок дека изградбата на ново живеалиште е фактор кој има пресудна улога во формирањето на карактерот на некоја цивилизација.

„Дури со создавање на ново живеалиште Машинското време влегува во друга фаза, во период на универзална изградба. Станува збор за активно, оптимистичко и хумано залагање кое зрачи со 'вистинска радост'.“ Тоа ја надминува обичната технолошка проблематика (рационализмот и функционализмот) и претставува чисто, изворно и суштинско изразување на нова свест.

„Проблемите на урбанизмот и архитектурата во иднина ќе можат да се согледаат единствено од визурата на таа свест. Секое ново општество според сопствената слика ќе го гради домот како рамка на животот - човекот и неговото засолниште, градовите и селата.“[8]

Франција истрајува поделена на фракции, вкопани во своите ровови и заслепени од себичните интереси. Истото важи и за архитектурата: еден млад ентузијаст во стручно списание, чие уредништво е недоволно информирано како самиот него, дури неодамна го откри постоењето на архитектонската школа наречена домизам (le domisme), настаната оваа, по зло прочуена, 1942 година. Со тоа само покажа колку малку знаеме едни за други, во колкава мера нашите односи се проткаени со недоверба и оптоварени од илузии, расеани и потхранувани од страна на оние кои во нив наоѓаат сопствени интереси.

Заспаната убавица од маѓепсаната шума почнуваше да се буди. Академијата за ликовни уметности (École des Beaux-Arts) се откажуваше од своите римски палати (зошто баш од римските? - на тоа прашање уште не добивме одговор), пренасочувајќи го одот кон дом по мерка на човекот. Науката за живеење, или „домизмот“, главната улога во новата претстава му ја доделува на обичниот, природен и разумен човек - човекот на денешницата. Во таа претстава, архитектурата ќе биде негов партнер. Да ја разгледаме сцената со главните актери. Мари Дормоа (Marie Dormoy) во својата книга „Француската архитектура“ (L'Architecture Française) ги спротивстави на многу уверлив и навидум непристрасен начин. „Академското“ е спротивставено на „модерното“ (во условното значење на зборот), но жално е што и модерниот дух мораше да се подели на два табора, од кои еден прокламира дека „прво треба да се гради“, додека друг изјавува: „Архитектурата е зналечка, усогласена и величенствена игра на формите групирани во светлината“.

Пресметките и технологијата, својствени на актуелната машинска револуција, претходеа на заклучокот кој еден ден ќе ни помогне за реорганизација на овој распарчен живот. Таквата реорганизација ќе биде можна дури откако ќе уследи конструктивна револуција која со себе ќе донесе сопствени методи на ослободување. Станува збор за природен след на настани во кој не би требало да се бара повод за кавга.

Кој ги предводи вака спротивставените табори? Од една страна имаме исклучително надарен градежен архитект кој потекнува од лоза градежни претприемачи. Тој одлучен човек на почетокот на XX век се посвети на проблематиката на бетонот и прв умешно го примени во архитектурата. После долгогодишна борба против љубоморните професионални кланови (своите колеги со дипломи), благодарение на личната храброст и професионалниот интегритет, успеа да се избори за градежна употреба на материјалот кој дотогаш беше прокажан, жигосан и анатемисан од страна на академичарите. На крајот извојува победа. Доживеа на стари години да му укажуваат почест и да му оддаваат почит. Сите негови напори беа сосредоточени само на тој проблем. Веројатно веќе ги препознавте јунаците од нашата приказна: станува збор за Огист Пере[9], додека вториот е мојата маленкост.

Покрај многуте други барања, градителската вештина од нас бара да му посветиме повеќе внимание на напатениот „ближен“ и живеалиштето за кое говориме да го прилагодиме на неговите потреби. Тука се среќаваме со низа нови перспективи врзани за урбанизмот, кој ја сочинува основата на нашата архитектонска револуција и кој на поинвентивните лица ќе им овозможи без воздржување да ги изнесат своите гледишта за естетиката или искуствата од пракса. Урбанизмот е нова состојба на духот во која многумина веќе се пронајдоа. Во суштина, тој е дел од онаа „наука за човекот“ од која очекуваме помош во часот на една од најрешавачките промени во човечката историја.

Урбанизмот е длабоко традиционалистички концепт, доколку појдеме од фактот дека традицијата е континунирана низа од сите претходни иновации, па оттука е и најсигурен водич во иднината. Традицијата е слична на стрела која е насочена кон иднината, а не кон минатото. Нејзиното вистинско значење и суштина е во пренесувањето. Значи, урбанизмот повторно ни доаѓа од длабочината на вековите, со мисија да ѝ подари „сопствен дом“ на нашата цивилизација.

Бидејќи никогаш немав намера да му се спротивставам на Огист Пере, чии истражувања и мене ми беа од голема корист, се посветив на специфичните проблеми на домот и урбанизмот - неразлачиво двојство. На оваа проблематика ѝ пристапив држејќи се до правилото усвоено уште на училиште: одвнатре, кон надвор - правило кое не важи само во архитектурата, туку е својствено и на законите на природата.

Да го илустрираме тоа со еден промер: човек (тој човек кој ми е постојано пред очите, со своите мерки, сетила, емоции) седи на маса; погледот му шета по предметите во собата: по мебелот, килимот, завесите, сликите, фотографиите и другите нему блиски предмети. Светлината допира од некоја ламба или од сонцето чиишто зраци продираат низ прозорците; притоа настанува игра на светлината и сенките, двата екстрема кои имаат толку моќен учинок врз нашето тело и психа - светлината и темнината. Човекот и сè што тој поседува е опфатен со ѕидовите на собата. Тој станува, чекори, ја напушта собата, оди некаде, не е важно каде. Еве го како ја отвора вратата и излегува од станот. Сè уште е во куќата: пред него се ходникот, скалите, лифтот... Еве го на улица. Како изгледа она што го чека надвор: дали тоа опкружување е непријателско или пресретливо? Дали е безбедно или опасно? Човекот стапнува на градските улици, а потоа, по неколку чекори, веќе е надвор од градот, на село.

Во ниту еден час не успеа да се ослободи од архитектурата: мебелот, собата, сончевата или вештачката светлина, температурата и влажноста на воздухот, распоредот и функцијата на предметите во станот, куќата, урбаното опкружување, градот, градската врева, селото со своите патишта, мовчиња, куќички, зеленилото и небото, природата. Секоја човечка постапка е условена од архитектурата и урбанизмот. Архитектурата се манифестираше во сè околу него: во неговиот стол и маса, ѕидовите и собите, скалите и лифтот, улиците, градот. Маѓепсувачка, обична или досадна. Можеби дури и одвратна. Архитектурата може да биде убава или грда, може да предизвика чувство на радост или тага. Човекот е опфатен со урбанизмот од мигот кога ќе стане од столот: условен е од локацијата на својот стан, својот кварт, од погледот од својот прозорец за кој издале одобрение градските власти, улиците, планот на градот.

Јасно ви е дека вниманието и грижата во ниту еден момент не попуштиле, ја воочувате таа братска посветеност на архитектурата и урбанизмот на нашиот ближен, нивната спремност секогаш да му излезат во пресрет на неговите материјални и духовни потреби. Во сето тоа можете да ги согледате усогласените напори за остварување на една цел, исклучителната одговорност и големината на мисијата на архитектурата и урбанизмот.

Многумина сè уште не увиделе дека овде станува збор за братска грижа кон другите и дека занимавањето со архитектура е мисија која бара посветеност од своите поклоници. Како посветеноста на изградбата на живеалишта (која во себе ги обединува човековиот труд, имот, институциите и погледот на свет), архитектурата е чин на љубов, а не обична сценографија. Занимавањето со архитектура, во овие времиња кога една пропадната цивилизација е зрела да биде заменета со нова, е слично на стапувањето во некој верски ред - подразбира посветеност, верба и самопрегор.

За возврат, како правичен надомест, архитектурата на оние кои ќе ѝ се посветат ќе им донесе специфичен вид среќа, оној восхит што го чувствуваме секогаш кога по години макотрпна работа присуствуваме на раѓање на нова идеја. Ќе ни подари инвентивност и творечка моќ со чија помош ќе го изнедриме од себе она најдоброто, за да им донесеме радост на другите, онаа секојдневна радост каква што може да се најде само во својот дом.

(продолжува)

Кон првиот дел

_________________________________________________

[6] L'Esprit Noveau (Новиот дх) - списание за современи настани, 1919-1925

[7] L'Esprit Noveau, „Plans“ и „Prélude“

[8] Logis et Loisirs, стенограми од V Конгрес на CIAM, Париз, 1937; издание на списанието L'Architecture d'aujourd'hui, 5 Rue Bartholdi, Boulogne sur-Seine.

[9] Ниту Огист Пере ниту јас не поседуваме дипломи.

Извор: Entretien avec les étudiants des écoles d'architecture, 1957.

ОкоБоли главаВицФото