Мачкосаниот анархист

12.02.2015 01:38
Мачкосаниот анархист

МОМЧИЊАТА И ЖАБИТЕ

Неколку уредници на весници се зафатиле со развивање на интелигенцијата и подигнување на моралното чувство на публиката. Го правеле тоа извесно време, кога еден Еминентен Државник ја извадил главата од барата на политиката и, зборувајќи за припадниците на неговата професија, рекол:

„Пријатели, ве замолувам да престанете. Знам дека правите добри пари од ова нешто, но мислете и на штетата што ја предизвикувате во бизнисот на другите!“

МАЧКОСАНИОТ АНАРХИСТ

Еден анархистички говорник кој бил удрен во лицето со мртва мачка од страна на некој Почитувач на Законот кој му бил непознат, ја уапсил мртвата мачка и ја извел пред суд.

„Зошто се повикуваш на законот“, рекол судијата, „Ти, кој се залагаш за негово укинување?“

„Тоа“, одговорил анархистот, кој не бил без извесна тврдоглавост, „тоа не е ваша работа; не сум обврзан да бидам доследен. Вие седите овде за да ја делите правдата помеѓу мене и мртвава мачка.“

„Добро“, рекол судијата, ставајќи ја црната капа и правејќи свечен израз; „бидејќи обвинетата не се брани, и несомнено е виновна, ја осудувам да биде изедена од јавниот џелат; бидејќи тоа место не е пополнето, ви го доделувам вам, без ограничувања.“

Еден од највосхитените гледачи на егзекуцијата бил анонимниот Почитувач на Законот кој ја фрлил осудената.

Превод: Иван Шопов
Слика: Jeff Haynie

ОкоБоли главаВицФото