1017 hPa
71 %

9 °C
Скопје - Пет, 14.02.2025 11:59
„Годината 1937 сериозниот и почитуван професор на Оксфордскиот универзитет Џон Роналд Рејел Толкин објави – по повеќе прилози од филологија и извесен број главно незабележани песни – необичен роман за кепеци, џинови, волшебници, змејови и, се разбира хобити, „Хобит или Таму и назад“, чијашто популарност далеку ќе ја надмине научната репутација на својот автор. Во некоја друга универзитетска средина ваквото дело можеби не би му донесло многу почитување и дури би можело негативно да му влијае врз натамошната професорска кариера, но не треба да се заборави, тој на Оксфорд имал во тоа славен претходник – Чарлс Лудвиг Доџсон, во литературата попознат по својот псевдоним Луис Карол: …професор по логика и математика, кој во 1865 ја објавил својата разиграна низ лавиринтите на смислата и бесмислата, со логиката на сонот изместената „Алиса во Земјата на чудата…“
Влада Урошевиќ, “Подземна Палата“
Едно попладне во далечната 1862, на еден брод кој ќе исплови по Темза, Лудвиг Доџсон (Луис Карол) не само што наративно ќе ги вовлече ќерките на Хенри Џорџ Лидел (Лорина, Алиса и Едит) во еден надреална авантура исполнета со бизарности и бесмислености, туку истите токму тогаш, без да знае, ќе ги запише во она што би можело да се нарече биографски сеќавања за настанокот на светската литература. Патувањето по реката, долго пет милји, ќе се покаже како совршена колевка за лудата приказна на професорот во која на почетокот едно девојче, не случајно наречено Алиса, „умира од досада“ покрај насипот додека нејзината сестра чита една голема книга без слики и разговори. Се разбира, таквиот почетокот на приказната уште веднаш доживува драстична промена, па така за неполна минута пред нејзините очи се појавува бел зајак кој гледа во својот џебен часовник и извикува „Оф леле, леле мајко! Премногу ќе задоцнам“. Алиса тргнува по него и го следи сè до зајачката дупка, а таму, сите знаеме, без страв од амбисот и со гради полни храброст нурнува во него и така започнува да паѓа… надолу, надолу, надолу, надолу… кон нејзината „подземната палата“…
Вешто сплетена да одговара за секоја генерација, книгата ќе стане една од најраспространетите и најпопуларни книги на денешницата.
Приказната што ќе ја смисли почитуваниот професор за ќерките на ректорот на Универзитетот Оксфорд тоа попладне, после три години, по барање на истите мали девојчиња ќе биде запишана на хартија и издадена. Веста за книгата исполнета со грст необични ликови со чудно однесување, бесмислености, нонсенс поезија, но и поуки, животни лекции за помладите, како и наивно вметнати филозофски прашања, уште тогаш со неверојатна брзина ќе се рашири низ светот. Вешто сплетена да одговара за секоја генерација, книгата ќе стане една од најраспространетите и најпопуларни книги на денешницата. Преведена на 125 јазици, во многу земји (вклучувајќи ја и нашата) прифатена како задолжителна лектира, книгата „Алиса во земјата на чудата“ и денеска доживува нови изданија и нови адаптации.
Деветнаесет годишната Алиса се враќа во магичниот свет од нејзините детски денови, каде што се наоѓа со своите стари пријатели и учи за нејзината вистинска судбина: да стави крај на терор на Црвената Кралица.
После славната сага за Алиса во подземјето, во 1872 година професорот Карол го пишува и продолжението на Алиса наречено: Низ огледалото (Through the Looking-Glass, and What Alice Found There). Иако оваа книга е третирана како надоврзување, таа всушност нема никаква врска со настаните кои се случуваат во „Алиса во земјата на чудата“. Во „Низ огледалото“ Алиса практично влегува низ огледалото во нејзиниот дом, и за миг се наоѓа од онаа – другата страна. А таму се е различно и обратно. Во новата околина Алиса мора да и’ помогне на белата кралица, да ја преземе власта од суровата црвена кралица (оваа црвена кралица не е истата таа со која Алиса во првиот дел игра крикет, туку некоја сосем друга). Победата која треба да се издвојува е всушност победа во играта шах, па така Алиса во овај дел станува пион на белата кралица. Како и во Алиса, и тука книгата е исполнета со поезија и најразлични трикови и игри. Некои ликови се повторуваат, па така, тука повторно се: Hatta и Haigha, Шапкарот (Mad Hatter), Белиот зајак, како и „некој“ и „никој“, но за Алиса тие повторно се нови ликови и таа не се „сеќава“ на нив. Исто така, наместо мачката на Алиса, која се споменува во првата книга, тука сега постојат две други мачиња, едното црно, а друго бело. Откако Алиса на крајот ќе се разбуди од својата фантазија, таа ги држи двете мачки, со што се донесува заклучок дека тоа се синоними за двете кралици.
Луис Карол умира во 1898, и за само пет години не успева да ја види првата анимирана верзија на Алиса направена во 1903 г. како нем филм. Веднаш после тој филм започнува она што сакам да го наречам „црпење на животните сокови“ (некогаш за позитивни, некогаш за негативни цели, за жал) на двете книги, со што започнува распространувањето на Алиса по медиумите. Денеска Алиса често е поврзувана со дрога, и тоа, најмногу поради јадењето на печурки кои смалуваат и зголемуваат, и гасеницата „хашишо-пушач“. Постојат секакви верзии, па дури и порно верзии. Ако веќе ја земеме телевизијата како пример, секако сите ќе кажат дека најраспространета филмска адаптација е онаа анимираната на Дизни во 1951. Се чини дури дека не постои човек кој не ја знае, па дури сум и сигурен дека денеска луѓето повеќе се присетуваат на таа славна анимација отколку на зборовите на самиот Карол. Интересно е тоа што по повеќе од педесет години студиото Дизни реши да направи нов, овојпат игран филм, чија главна логистика ќе биде анимацијата и новиот 3d тренд. Работата му беше доделена, кому ако не, на бушавиот и маестрален Тим Бартон.
Филмот, исто како и неговите претходни адаптирани роднини, ќе биде комбинација на двете книги, а колку што можев да прочитам од краткото објаснување, ќе биде сконцентриран на 19-годишната Алиса која се враќа во магичниот свет од нејзините детски авантури. Таму се наоѓа со своите стари пријатели и учи за нејзината вистинска судбина: да стави крај на теророт на Црвената Кралица. Така публиката ќе ја добие помалку популарната верзија на Алиса, иако филмот повторно ќе се вика „Алиса во земјата на чудата“.
Датумот на премиерата е закажан за 5 март 2010. Дотогаш – чекаме.
Еве нешто наместо торент:
Во што е сличноста помеѓу гавранот и клупата за пишување?
Извор: figmentmusic.blog.mk
Алиса
Испратено на 21 април 2010 од БејкоНе верувам дека некој ќе ја екранизира подобро од Јан Шванкмајер.
http://www.youtube.com/watch?v=C5wHMgTPF-s
Не знам дали тоа го прави
Испратено на 06 октомври 2010 од sandanskiНе знам дали тоа го прави успешен експериментот… Мене твоите песни, раскази & essays ми се допаѓаат и пред да ги прочитам па ми е потешко да го доживеам досадниот дел онака како што треба. Секогаш интересно.