По девет години голгота – крај на режимот!

12.02.2015 02:52
По девет години голгота – крај на режимот!

Дојде крајот! Режимот ги брои последните денови и ништо веќе не може да го спаси. Тоа веќе го гледаат и тие што немаат очи, го слушаат и тие што немаат уши. Одделни структури веќе му откажуваат послушност на вождот, дури и во неговата партија. Ќе има од тие кои ќе се удираат по главата, по телото или ќе си ја корнат косата како тоа се гордееле со режим од кој нормалниот свет се срами. Ќе лелекаат и офкаат молејќи го ѓаволот да им ги врати душите што му ги продале. Но, тоа и не е толку важно.

Важен е начинот како ќе замине, а тоа зависи само од Груевски. Ако тој поседува елементарно чувство за рационалност (за што не сум сигурен), веднаш треба да поднесе оставка. Ако и понатаму ги слуша разните медиумски хохштаплери нервозни што веќе не им се продава расипаната стока, тогаш ќе биде лошо, дури и за него. Тие кои се наполнија со милиони сега се тресат од шизофренија додека читаат вести, оти им бега времето кога во име на народот се наполнија со пари. Тие се истите кои своевремено го фалеа Милошевиќ за балканската голгота и сега донесуваат разни негови платеници и отпадници по нивните телевизии за да нè убедат дека ѓаволот носи правда.

Но, никој веќе не ги слуша тие што граделе финансиска империја врз народната несреќа и сиромаштија. За десет години, Кина за три пати го има зголемено стандардот, Индија за два и пол пати, Турција за три пати, а и околните држави веќе се далеку пред нас. А ние останавме како напуштен остров полн со хорор, оти нашите водачи градеа лажни патриотски замоци за во нив да ги сокријат парите спечалени од невиден криминал. И сега како спомени ќе ни ја остават - „Портата на егзодусот“, за да паметиме дека половина милион млади ја имаат напуштено земјата!

Ќе ни го остават „Измамникот на коњ“ како помен дека милиони луѓе беа измамени од водачи што двојно нè задолжија за да двојно нè осиромашат! Ќе ни го остават „Музејот на бедата и сиромаштијата“ како помен како во име на несреќното минато ни беше прегазена среќната иднина! Ќе ни го остават „Ќосето што го заклал правосудството“ на кое ножот му е дојден до коски, оти судии и обвинители наместо закони читале вести од криминализирани медиуми. Ќе ни ги остават фонтаните за да потсетуваат на поплавите од библиски размери кои немаше да се случат ако само парите од панорамското тркало ги пренаменевме во системи и канали.

Пред неколку месеци, Викторија Нуланд ни укажа дека корупцијата не е само убиец на демократијата, туку и дополнителен инструмент во рацете на клептократите кои бараат да го прошират нивното влијание и да се збогатат на сметка на граѓаните. А сега стигнавме до тоа и меѓународниот експерт против корупцијата Стјуард Гилман да се чуди како тоа во држава кандидат, граѓаните се исплашени да се жалат во институциите за корупција!

-За жал, Македонија од успешна приказна стана проблематична земја на Балканот - вели Андреас Ернст од швајцарскиот „Ное Цирхер Цајтунг“, објавувајќи портрет на Груевски со комплимент на Фирер. Си-Ен-Ен и „Фајненшл тајмс“ објавија дека Македонија е петта во светот по лошата економија, осма по мизерија, а меѓу првите по колективната несреќа. А угледниот „The Economist“ ни предвиде висок степен на социјален бунт.

Но, режимот продолжи да го усовршува системот на заплашување, закани, уцени, фалсификувања, подмитувања и бројни други тешки злоупотреби. И крајот мораше да дојде. Но, ДУИ продолжува и понатаму да му дава инфузија на режимот кој веќе е во кома.

Дојде времето кога трагањето по нормалното стана посилно од стравот. Полицајците, обвинителите и судиите веќе знаат дека на режимот му се гледа крајот. И тие кои од петни жили глумат дека го бранат режимот веќе имаат договорено бег. По никоја цена не смееме да дозволиме некој да продолжи да нè силува, да нè лаже, да нè краде и да нè гази. Мора да се вратиме на нормалното, иако е толку тешко после ваквиот пустош. Не смееме поради страв и понатаму да се коцкаме со животот и иднината на нашите деца. Нашиот страв не може да биде поважен од нивните животни потреби.

На крајот на краиштата, храбрите умираат само еднаш, а плашливците секој ден. Плашливецот дури е во полоша состојба отколку животното, оти животното има само еден газда, а плашливецот ги има стотина. Со нас е вистината, правдината, целата демократска јавност и целата меѓународна заедница. А со нив се само лагите од корумпирани новинари кои веќе размислуваат како да избегаат. Ако се надеваат на Русија, подобро нека ги прашаат Србите. Тие велат - двојна несреќа е ако паралелно Американците ти се непријатели, а Русите ти се пријатели! Сепак, изгледа многу е потешко да станеш човек отколку да станеш владетел.

Извор: Плусинфо, 11 февруари 2015
Слики: Guo Xun