Груевски: студентите требаше да бидат во право

12.02.2015 04:01
Груевски: студентите требаше да бидат во право

Скопје, 12 февруари 2015

Македонскиот премиер Никола Груевски изрази жалење што македонските студенти за влакно не испаднаа во право и ги окупураа факултетите и покрај неговиот обид за склучување „примирје“.

„Младост-лудост, што друго да каже човек. Таман сфативме дека Студентскиот и Професорскиот пленум навистина постојат, дека не се мрачни организации што остваруваат нечии партиски цели, дека студентите и професорите не се обични мрзливци што не сакаат да учат и да пишуваат студии... им дадовме понуда од убава поубава, а тие реагираа вака...“, разочарано и резигнирано коментира премиерот во изјава за Пара вести.

„Мала утеха е тоа што синдикалците од СОНК се во право, делумно и хонорарците, а и лекарите беа во право кога го прекинаа штрајкот и се исполнија дел од нивните барања. Чинам тоа беше пред да ги уапсиме водачите на штрајкот и пред да ги унапредиме штрајкбрехерите“, додаде Груевски.

Тој откри дека најголемо задоволство за него би претставувало кога сите граѓани на Република Македонија би биле во право.

„Дека работата се движи натаму, говори и фактот што деновиве имаше масовна појава на луѓе кои се во право. На пример, оние 3.000 административци вработени хонорарно беа во право кога побараа да стапат во редовен работен однос за да останат и понатаму наши верни гласачи. Ех, кога сите би биле како нив“, емотивно ја заврши изјавата македонскиот премиер.

Фотографија: Ванчо Џамбаски