Некои задници заслужуваат клоца

12.02.2015 14:02
Некои задници заслужуваат клоца

Со типично американска логика и израз, Адлај Стивенсон ќе запишe:„Од памтивека власта главно се занимавала со удирање клоци на луѓето. Запрепастувачкото остварување на модерните времиња на Западниот свет е идејата дека граѓаните се тие кои треба да ѝ удираат клоци на власта“.

Овие едноставни зборови го всадуваат во луѓето чувството на достоинствени сопственици на човекови права и фундаментални слободи. Тоа чувство, пак, е одбрана од алчноста, корупцијата и интригите на политиката. Катадневно изложени на овие западни влијанија, студентите во Македонија, од сите факултети во државата, ги пишуваат првите редови на својата демократска историја: учат како да ѝ удираат клоци на власта.

Следните лекции кои ги чекаат се многу потешки. Тука треба да водат студентите од правните и политичките науки. Имено, дека духот на законите во едно општество се манифестира низ моралната посветеност на луѓето кон вистината, кон правдата, кон разумноста при несогласувањата... Дека, без таа морална посветеност кон овие вредности кои треба да се врежани во срцата на луѓето, законите не вредат ниту колку хартијата на која се пишувани. Дека, отсуството на свест за вредностите врз кои треба да почива македонската демократија е производ на измамата дека демократскиот процес, самиот од себе, ќе произведе промени на подобро. Дека, одржувањето во живот на оваа лага, создаде удобен амбиент на вешти и бескрупулозни поединци за задоволување на нивните пориви за власт, пари, слава или привилегии. Дека, без демократските вредности, гласачките ливчиња во избирачките кутии се легитимитет за секакво недемократско поведение на групи кои се менуваат на власт. Дека, институциите на една држава немаат живот независен од оној на луѓето кои ги создале, туку се нивен одраз во политиката.

За овие напредни лекции, на студентите им се потребни учители посветени на вистината, слободата и демократијата. Замрсените клопчиња на лични, политички и материјални интереси во сферата на правните и политичките науки ќе се размрсат единствено преку конфликт внатре во професорската фела. Некои задници заслужуваат клоца.

Извор: Плусинфо
Слика: 12.02.2015