Срамота

12.02.2015 18:03

Тоа е стеснето државиче без некаква надворешна политика
Освен што се смета за безопасно.
Граматиката на тој јазик никој сеуште не ја одгатнал
Благодарение на народниот обичај да се дозволува
Секоја реченица на крајот да се распрсне во збрка.
Оние што го посетиле Скузи*, главниот град, известуваат
Дека железничката пруга преку Шулдиг** минува
Низ подрачје кое благо може да се опише како неразвиено.
Овците се народен производ. Нечитливиот натпис
Над градските врати во приближен превод гласи:
„Ќе да е дека овде нема да најдете богзнае што занимливо“.
На извештаите на попишувачите кои бројот на жители го наведуваат
Како нула, не можеме, се разбира, да се потпреме,
Освен што се одраз на нервозното инсистирање на домородните
Самите да не се земаат предвид, како и на чедното згрозување
Со непосредна изјава да се одреди сопствениот пол.
Едноличното сивило на безличните згради, немањето
Цркви и јавни нужници, на посматрачите им дадоа
Необичен впечаток за чаталџиска скржавост.
За граѓаните мора да се каже (што мумлајќи
Во овчи кожуви ги обиколуваат пукнатините на плочниците)
Дека им недостасува душевниот мир на вистински скромните.
Животниот ритам е претпазлив, дури и во згрчената
Ненасмеана аљкавост на пограничните стражари
И на митничарите кои, секогаш кога можат, ги пропуштаат
Не само вообичаените вагони со козметика
Туку Циганите, крупната валута, хашишот, контрабандата.
Нивната потполна немарност резервирана е, сепак,
Со надеж, за инвазијата кога среќниот народ
(Кикотејќи се, здраво разголен и бесрамно пијан)
Ќе го изненади непријателот со неодбранливо предавање,
Ќе ги корумпира генералите, ќе продре во апаратот,
Ќе го узурпира престолот, ќе се самопрогласи за бог на сонцето
и целата империја ќе ја доведе во пропаст.

* Scusi (итал.) - „простете“
** Schuldig (герм.) - „Виновен“

Препев: П. В.

Ричард Вилбер (Richard Wilbur, 1921), еден од најпознатите и најнаградуваните американски поети во 20 век. Како поет се развивал под влијание на движењето „Нова критика“. Неговата поезија се одликува со елеганција, дух и мајсторство на формата. Самиот инсистирал токму на формата, тврдејќи дека „ограничувањата создаваат снага: силината на генијот произлегува од тоа што била заробена во шише“. Во време кога повеќето поети насекаде гледале неред и распад на сите вредности, Вилбер барал склад меѓу борбата, создавањето, прифаќањето и трансценденцијата.

Оригиналната песна

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото