Смртоносно ниво

13.02.2015 00:27
Смртоносно ниво

Одлуката за деветгодишната, сега покојна, Тамара Димовска да не се лекува во странство - туку во спиналниот центар што требало да се отвори тука - дошла од повисоко ниво, тврди за Нова ТВ, Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести, кандидатка за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, донаторка на партијата и подготвена да работи, како што се изрази на еден изборен митинг, не 24/7 туку 36/9 часа. Ревносната активистка, која не пропушта јавно, на телевизиите, да го поздрави секој потег на партијата, овој пат го демаскира, го разголи целиот систем на одлучување и на владеење на оваа власт. Покажа дека сè е кулиса, стиропор, маска, блеф, само фрлање прашина во очите на јавноста.

Во таков параван се претворила и Второстепена комисија на Фондот за здравство, кога прифатила да „одлучува“ (да гласа!), всушност да го покрива тој што веќе одлучил на „повисоко ниво“. Животот на Тамара (и на многу други) висел на конец, зашто членовите на Комисијата, на чело со Анастасика Поповска, мајка на министерот за надворешни работи, биле нечии марионетки. Зашто дозволиле да паднат под секое професионално и човечко ниво. За морал, достоинство и за личен интегритет да не зборуваме. Софијанова, од морални причини (!?), ќе се повлечела од Комисијата. Веројатно од истите причини не кажува од кое ниво паднала смртоносната одлука.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња