Изложба на Филип Јовановски и групата ОПА во Риека

13.02.2015 01:57
Изложба на Филип Јовановски и групата ОПА во Риека

Македонските уметници Филип Јовановски и групата ОПА Опсесивно-посесивна-агресија (Слободанка Стевческа, Денис Сарагиновски) се дел од групната изложба „Сè е вечност (кога сме опседнати со победата)“ која се отвори вчера (12 февруари) во Галеријата СИЗ во Риека. Во изложбата, која е курирана од Агата Рогош од Полска, учествуваат и уметниците: Немања Цвијановиќ од Риека, Лана Чмајчанин од Сараево и Албан Муја од Приштина.

Текст на кураторката Агата Рогош:

Стравот е безначајно чувство. Смртта е процес кој му припаѓа на оној Другиот. Постојат работи кои се многу поважни од смртта. Таму каде што никој не умира постои едно пресудно правило: живеј и ќе те мразам, умри и ќе те оплакувам.
Но, како да го правам тоа, ако никогаш не умреш?

Изложбата реферира на јазикот на современата пропаганда, земајќи ги предвид историските прашања и настани. Суштинското прашање на овој проект е преземено од еден од филмовите на Вим Вендерс: и што научивме од тоа? Ништо! Како културната меморија се користи за политички прашања? Кој е односот на авторитетот и отпорот? Кој и како го обликува колективното памтење и колективниот заборав и кои се последиците?

Уметниците и уметничките, низ реферирање на различни системи и уредувања како и на некои универзални или локални приказни, ќе постават суштински прашања поттикнати од феноменот на играта, феномен кој е очигледно сеприсутен во јавниот дискурс и ќе се земе предвид и односот меѓу националното, странското и потиснатото.

Ќе се постават и прашања за присутноста на Другиот/ите и Едното/ната од Нас, баш како и правилата според кои се повикани во играта. Прашањето е кој ќе победи. Сепак, нема сомнеж дека опседнатоста со победата е присутна како и неизбежна, без разлика на општествениот, политичкиот или културниот контекст.


Филип Јовановски (1979, Битола) е визуелен уметник и активист. Mоментално ги завршува постдипломските студии на Академијата за ликовни уметности на одделот за сликарство во Скопје. Живее и работи во Скопје. Насловот на неговото дело кое се претставува на изложбава е „Мртва природа: од колекцијата Работничката класа заминува во рај“, кое е триканална видео инсталација.

ОПА е основана во 2001 година од страна на визуелните уметници Слободанка Стевческа (1971, Скопје) и Денис Сарагиновски (1971, Скопје). И двајцата студирале на Академијата за ликовни уметности во Скопје, а работат на граница меѓу уметност, медиуми и перфоманс. Насловот на нивното дело кое се претставува на изложбава е „Вечно тело“, кое е триканална видео инсталација.

ОкоБоли главаВицФото