Сон на студентската ноќ

14.02.2015 12:20
Сон на студентската ноќ

Македонија, конечно, се буди: студентите претходната ноќ преспаа во просториите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, првпат во неговата историја. Претходно го „окупираа“, го прогласија за слободна зона и најавија дека окупацијата ќе трае сè додека владата не го повлече Законот за високо образование, што го донесе преку ноќ (непријателот никогаш не спие).

Тие сега се големата надеж, кон нив се свртени очите на сите други што останаа во големата спална, во остатокот на земјата, и полека но сигурно се будат од деценискиот сон, поточно даваат знаци дека излегуваат од кома. Дури и оние што сè уште цврсто спијат на тоа уво дека оваа власт нема никогаш да падне, почнаа да се расонуваат, да им станува се појасно.

Па, време беше. Речиси една деценија државата е во мрак, под окупација (без наводници) на актуелните властодршци. Ја присвоија, ја прогласија за партиска, за приватна, за фамилијарна, само не за слободна зона. Окупаторот влезе во сите институции - од законодавниот до приватниот дом на секој. Завладеа страв, зашто владетелите беа сурови и безмилосни, беа и закон и обвинител и судија. Мнозинството одбиваше да го види грдото јаве, а ни во сон не се решаваше да се спротивстави. Беше преокупирано како да ѝ угоди, да ѝ искаже верност, да се понижи. Лично и професионално. Ѕвоното на студентскиот будилник најавува крај на овој кошмар.

Извор: Слободен печат
Фотографија: Ванчо Џамбаски