Конкурс за најдобар панграм

14.02.2015 14:21
Конкурс за најдобар панграм

На иницијатива на Ласко Џуровски, а со голема поддршка на групата „Пуздер правам... од македонскиот јазик!“, деновиве на социјалните мрежи се рашири предизвикот на составување панграми.

ПАНГРАМ е реченица што ги содржи СИТЕ букви од азбуката. Вакви реченици постојат во многу светски јазици, исто така и во македонскиот. Идеален панграм би била онаа реченица која ги содржи сите букви употребени само по еднаш, а сепак да има некаква смисла. Ова е многу веројатно невозможно да се постигне, но ајде да се обидеме да склопиме панграм реченица составена од најмал број букви.“, напиша Ласко Џуровски објавувајќи го предизвикот на Фејсбук.

Затоа што станува збор за прилично креативна јазична игра, Окно реши да отвори конкурс за панграми, кој ќе трае до крајот на месец февруари.

Нема ограничување во однос на бројот на панграми што еден учесник може да ги испрати. Бројот на искористени букви за еден панграм го ограничуваме на максимум 70. Панграмите што ќе содржат повеќе од 70 букви нема да ги разгледуваме. Потсетуваме: македонската азбука содржи 31 буква.

Нашите критериуми при оценувањето на панграмите ќе бидат: краткоста (колку помалку букви тоа подобро), креативноста (јазична и друга), поетичноста, музикалноста, имагинативноста...

Ќе бидат избрани пет најдобри панграми. Најдобриот ќе биде награден со 10 книги од издавачката куќа Темплум, а останатите ќе добијат по 5.

Панграмите ќе ги оценуваат уредниците на Окно: Никола Гелевски, Јана Колева и Иван Шопов.

Пријавување на мејл: templum.skopje@gmail.com

Оние кои имаат потреба, можат да добијат и техничка помош за составување панграми, преку специјалниот ПанграмМК бројач, софтвер изработен од Џејсон Стит, а прилагоден во македонска верзија од „Кома“ и „Битсиа Системи“.

Во продолжение претставуваме 10 примери за панграм (дизајнирани од Ласко Џуровски).

ОкоБоли главаВицФото