Интервју со Велимир Стојковски

16.02.2015 14:03
Интервју со Велимир Стојковски

Кој е вашиот став за протестите на студентите и окупацијата на универзитетот?

Не е еден, повеќе се. На студентите им велам дека ги разбирам, ги поддржувам во борбата за нивните права. А потоа, кога давам изјава за медиумите, велам дека не гледам потреба од окупација на универзитетот. Бидејќи сте медиум, земете го предвид второво.

Можеби во прашање се само хормони? Знаете, студентите се склони кон младешки бунт.

Секако, и тоа има удел во однесувањето на Студентскиот пленум. Но, јас имам разбирање и за младешкиот бунт.

А што велат студентите на ова?

Дека имаат разбирање за мојот старечки конформизам и опортунизам.

Се шпекулира дека има незадоволство меѓу студентите затоа што академската година одамна не започнала со богослужба. Дали е тоа точно?

Секако, само Студентскиот пленум се плаши да го наведе во официјалните барања. Ако ја прочитате листата со продукти што им се потребни на студентите, ќе видите дека е наведен и зејтинот, а баш зејтин се носеше на богослужбата со која почна еднаш академската година. Сето тоа е поврзано.

Студентски пленум не сака дебатата за Законот за високо образование да се одвива надвор од универзитетот. Што мислите за тоа? Кој би бил идеалниот простор за дебата?

Сега за сега, немам ништо против кој било простор. Само барам да се исполни еден единствен услов: потребна е просторија со висок таван, да можам да земам поголем залет со главата кога ќе кимам додека зборува премиерот. Подоцна, кога студентите ќе се согласат да пегламе неколку спорни членови од законот, дебатата може да се одвива покрај Вардар или на брегот на Охридското Езеро, за полесно да ги превесламе.

А колку пати му кимнавте на Никола Груевски кога дебатиравте со него во парламентот? Ќе се пријавите ли во Гинисовата книга на рекорди?

Некогаш сигурно ќе се пријавам, но рано е. Верувам дека можам да го надминам рекордот што го постигнав на таа дебата. Можам јас и повеќе.

Според вас, на што се должи наглото менување на ставот на власта, за која не постоеше Студентскиот пленум, и која го донесе Законот за високо образование во раните утрински часови?

Се должи единствено на мудроста, добрината и широкоградоста на неговото премагистерство, премиерот Никола Груевски, кој најдобро знае дека образованието е сила, образованието е моќ.

А знае ли премиерот, како еминентен економист, да ги спореди буџетите за научни истражувања на Македонија и земјите во регионот и светот?

Не сум сигурен. Но знам дека знае да го спореди бројот на научни трудови на македонските и словенечките професори. Се разбира, без да ги коментира нивните буџети. А споредбата покажува дека нашиве се за никаде, со што се согласив кимајќи на славната дебата.

Во колку часот би сакале да се донесат евентуалните измени постојниот закон?

На изгрејсонце. Најрано во 4 сабајле. Претходниот закон се донесе во 3, па се покажа дека имавме проблеми.

За крај, што би им порачале на студентите?

Да не го попречуваат образовниот процес и да не го загрозуваат правото на образование на оние студенти и професори кои ги заболе за универзитетската автономија и партизацијата на високото образование. И онака сè е урнисано и поклопено од партијата, па да не ситничариме за едно високо образование... И уште една работа: понекогаш е подобро да прифатите државен испит со заокружување, за да не ве заокружуваат на протести. Со протестирање кариера не се гради...

Слики: Свирачиња