Што всушност се случи во станот на семејството Кирковски

17.02.2015 01:43
Што всушност се случи во станот на семејството Кирковски

Јозеф К., или поточно Јозеф Кирковски, важеше за мирен и чесен човек. Своето име го имаше добиено по истоимениот лик на Франц Кафка. Неговата мајка Милена Ј. (или поточно Милена Јанкуловска) беше професорка по светска книжевност. Кога имаше дваесет и пет години Милена Ј. страсно се вљуби во Франц Кафка и како последица на љубовта, ги изгуби сите врски со реалноста. Годината кога се роди Јозеф К. зимата траеше по руски, а за да биде парадоксот уште поголем, неговата мајка Милена Ј., која баш и не ја сакаше руската литература, умре на породување како што обично бидува во руските романи.

Јозеф К. целиот свој живот живееше со чувството на вина, не затоа што неговата мајка почина за да го донесе на свет, туку просто само затоа што го носеше тоа проклето име – Јозеф К. Вистински немаше направено ништо лошо за да чувствува вина, иако чувството како темна сенка постојано се влечеше по него, како да беше дел од неговата суштина и кога некој ќе го видеше од него како да се очекуваше да се чувствува виновна. Тоа постојано го мачеше.

Едно августовско попладне Јозеф К. седеше со својата жена и двете ќерки во дневната соба. Гледаа документарец за панди, кога Јозеф К. не можејќи повеќе да го издржи товарот на вината, стана и од плакарот во спалната соба, од купот алишта, извади стар пиштол кој го имаше наследено од својот прадедо. Пиштолот беше стар, уште од Разловечкото востание и Јозеф К. не беше сосем сигурен дали работи. Со пиштол во рака се врати во дневната и повлекувајќи се во аголот, на своите, кои пак, кога го видоа со оружјето во рака, се здрвија и се прегрнаа, им рече: „Немојте да се плашите! Нема ни да ве допрам, ќе испукам неколку куршуми во таванот, а кога ќе дојде полицијата ќе им речам дека сум се обидел да ве убијам. Тие ќе ме приведат, ќе ме пикнат во затвор и така ќе помине сè, така ќе бидам вистински виновен за нешто и ќе го отплатам тоа еднаш засекогаш.” Кога го слушна тоа, неговата жена ги остави децата зад себе и се фрли да му го одземе пиштолот, но Јозеф К. беше побрз од неа и уште во истиот миг испукаа три куршуми во таванот. Децата почнаа да плачат.

Не поминаа ниту десет минути, а зградата беше опколена со припадници на специјалната единица и со возила на брза помош и пожарна. Набргу дојдоа и новинарски екипи. Во меѓувреме Јозеф К. и неговото семејство седнаа повторно пред телевизорот и почнаа да го следат директниот пренос од пред нивната зграда.

Припадниците на специјалната единица постојано повикуваа Јозеф К. да се предаде, во спротивно ќе мора да употребат физичка сила. На телевизијата постојано се зборуваше за лудакот кој ја убил својата жена и двете деца. Постојано повторуваа како Јозеф К. одамна ѝ е познат на полицијата и како важел за проблематичен граѓанин.

Јозеф К. седеше и конечно се насладуваше. Ја прегрна жена си, но таа здрвена и преплашена се свиваше во себе. На некои телевизии дури почнаа да зборуваат дека Јозеф К. и порано бил приведуван и дека тој случај во полицијата бил познат како случајот „Процес”. Но поради магловитата изјава на полицијата за случајот, се разгори жестока дебата околу тоа и за да се разбрка маглата околу изјавата на началникот на полицијата, во студиото беа повикани неколку правни експерти, бидејќи самиот тој беше недостапен. Но наместо да ја разјаснат работата, експертите уште повеќе ја замаглија ситуацијата и сега веќе никој не знаеше за што всушност бил виновен Јозеф К. во случајот „Процес“. И додека се очекуваше полицијата да преземе акција и да го извади злосторникот надвор, некој од експертите во емисијата праша: „А од каде знаеме за што е виновен сега? Вистина е, се слушнале три куршуми, но немаше никаков вресок, никаков доказ дека некој е убиен, нити пак убиецот се појави, ниту пак некој го виде. Што ако пукал, онака, од ќеф, а ние овде како магариња зборуваме?“ Сите замолкнаа одредено време. Водителот повика во студиото да дојдат сите експерти кои се слободни и во близина, за да се реши дилемата, а полицијата реши да причека и да види како ќе резултира дебатата.

Јозеф К. за сето тоа време мирно седеше и гледаше, сè до изјава на експертот која го разоткриваше во целост. За да не се случи да го прогласат за невин, истрча низ вратата и реши сам да се предаде. Неговата жена истрча по него, а кога излегоа од влезот на зградата, десетици новинари ги обиколија.

„Дали е вистина дека ги убивте вашата жена и двете малечки деца?“

„Господине Јозеф К. кој сте всушност вие?“

„Господине, за што бевте виновен првиот пат? Што е случајот „Процес“?“

Јозеф К. молчеше и нервозно го пробиваше патот низ толпата. Неговата жена го држеше за рака и се влечеше по него.

„Дали е вистина дека вашата мајка се самоубила?“

„Господине К. зошто го направивте тоа?“

„Господине дали сте нихилист?“

Но сè престана наеднаш, кога неговата жена безнадежно застана и извика: „Ме уби проклетнику! Срам да ти е! Ме уби!“

Сите новинари наеднаш се завртеа кон неа.

„Вие сте жената на Јозеф К.? Зарем не ве уби?“

„Ме уби!“ извикуваше таа и се бесеше по него како бедник.

„Вие сте мртва?“

„Жив мртовец!“ викаше таа.

Новинарите се возбудија и наеднаш ѝ го пресекоа патот и заборавија на Јозеф К.

„Каков е задгробниот живот?“

„Постои рај и пекол?“

„Дали постои Бог!?“

„Како се вративте од мртвите?“

„Која е смислата на животот?“

Јозеф К. исфрлен на маргините од толпата, која сега ја сочинуваа новинари, случајни минувачи, полицијата и разни експерти, стоеше зачуден. Сите заборавија на него во миг. Дури и полицијата сега ја опколуваше неговата жена и збунето гледаше. Го гледаше целиот тој циркус и повторно му се враќаше старото чувство на вина. Погледна кон толпата, која сега ја расчеречуваше неговата жена со прашања и се упати назад кон станот, да провери дали случајно останал уште некој куршум во пиштолот.

Слики: David Lyle

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото