Што остана од социјалдемократијата (2)

16.02.2010 12:21
Cityabyss-Illustrations-14-600x261.jpg

Највпечатливиот пример за овој проблем е видлив во облик кој многумина од нас ги засега само како чиста формалност: процесот на приватизацијата. За време на последниве 30 години култот на приватизацијата ги маѓепса западните ( и многу незападни) влади. Зошто? Најкраткиот одговор е оти се чини дека во периодот на буџетски ограничувања приватизацијата штеди пари. Доколку државата располага со неефикасна јавна програма или скапи јавни сервиси (хидроцентрали, автомобислки фабрики, железници), таа настојува тој товар да го пренесе врз приватните купувачи.

Природно, продажбата и’ носи пари на државата. Во меѓувреме, влегувајќи во приватниот сектор, одредената услуга или операција станува поефикасна благодарение на делувањето на мотивацијата насочена кон профит. Секој има корист од тоа: услугата се подобрува, државата се ослободува од несоодветните и слабо контролирани одговорности, инвеститорите стекнуваат заработка, а јавниот сектор стекнува еднократна добивка од продажбата.

Толку што се однесува до теоријата. Праксата изгледа поинаку. Она што го гледаме последниве децении е тоа дека јавната одговорност се префрла на приватниот сектор без видлива корист за заедницата. Како прво, приватизацијата е неефикасна. Поголемиот дел од она што владите го сметале за поволно да му се препушти на приватниот сектор работело со загуба: без оглед на тоа дали се работи за железниците, рудниците, поштенските услуги или енергетските постројки – нивната работа и одржување чинат повеќе од потенцијалната заработка.

И токму поради таа причина овие јавни добра не им беа привлечни на приватните купувачи, освен ако не беа понудени со огромен попуст. Но, кога државата продава евтино, јавноста губи. Пресметано е дека приватизацијата во Британија во времето на Маргарет Тачер – кога долгогодишните јавни добра му беа препуштени на приватниот сектор по намерно ниски цени – доведе до префрлањето на 14 милијарди фунти од даночните обврзници кон акционерите и другите инвеститори.

На оваа загуба треба да се додадат уште 3 милијарди фунти за трошоците на банките кои ја спровеле приватизацијата. Така, државата му платила околу 17 милијарди фунти на приватниот сектор за да ја олесни продажбата на добрата за кои, во спротивно, немало купувачи. Ова е значаен износ на пари – приближна вредност на годишниот бруто општествен производ на Парагвај или Босна и Херцеговина. Ова тешко би се сметало за ефикасна употреба на јавните ресурси.

Како второ, се наметнува прашањето за морална штета. Единствена причина поради која приватните инвеститори сакаат да купат навидум неефикасни јавни добра е таа што државата ја елиминира или ја намалува нивната изложеност на ризик. Во случајот со лондонското метро, на пример, компаниите што го купија добија гаранции дека, без разлика што и да се случи, тие ќе бидат заштитени од сериозни загуби – на тој начин поткопувајќи го класичниот економски мотив за приватизација – стекнување добивка како мотив кој ја поттикнува ефикасноста. Штетата за која станува збор се гледа во тоа што приватниот сектор, под вакви повластени услови, ќе се покаже барем исто толку неефикасен како и јавниот сектор – собирајќи ја заработката која може да се стекне, а префрлајќи ги загубите врз државата.

Третиот, и веројатно највпечатливиот аргумент против приватизацијата е следниов: нема сомнеж дека многу добра и услуги од кои државата се обидува да се ослободи стојат лошо – поради несоодветното управување, недоволните финансиски потпори и сл. Па сепак, колку и да е лоша работата на поштенските служби, железницата, старечките домови, затворите или другите услуги и служби чија цел е приватизацијата, тие остануваат одговорност на владата. Дури и ако се продадат, тие не можат да бидат целосно препуштени на чудата на пазарот. Тие по природа се вид активност која некој мора да ја регулира.

***

Овој полуприватен, полујавен карактер во основа на колективната одговорност нè враќа на една стара приказна. Доколку вашите даночни пријави денес се проверуваат во САД, и доколку владата е таа која решила да ве провери, многу е веројатно дека самата проверка ќе ја спроведе некоја приватна компанија. Државата ја ангажира да ја изврши оваа услуга, слично како што ангажира и приватни агенти во Вашингтон да работат за безбедноста и трансферот на техничкото знаење во Ирак и на други места. На сличен начин британската влада денес ангажира приватни претприемачи за пружање услуги поврзани со сместувањето на старите лица – што е обврска која некогаш беше во надлежност на државата.

Накратко, владите ги пренесуваат своите обврски на приватните фирми кои тврдат дека ги исполнуваат поевтино и подобро од самата држава. Во 18-от век ова се нарекуваше оданочување преку посредник. На првите модерни влади често им недостасувале средства за собирање даноци и затоа распишувале тендери за приватни поединци кои ќе ги извршуваат овие работи за нив. Работата ја добивал оној со највисока понуда. Таа личност имала слобода – кога еднаш ќе го платела договорениот износ – да собере колку што може и да го задржи вишокот. На тој начин владата, во замена за готовина, однапред ги добивала предвидените, но намалени приходи од данокот.

По падот на монархијата во Франција, широко било прифатено мислењето дека оданочувањето преку посредници е крајно неефикасно. Пред сè, тоа ја дискредитира државата која е претставена преку приватници желни за заработка. Второ, на овој начин се собираат многу помалку даноци од ефикасно водениот владин систем за собирање даноци, ако ништо друго тогаш барем поради износот на добивката која ја собира приватниот собирач на даноци. И трето, така добивате бесни даночни обврзници.

Денес во САД имаме дискредитирана држава и недоволни јавни ресурси. Интересно е дека немаме бесни даночни обврзници – или се бесни поради погрешни причини. Па сепак, проблемот кој го создадовме во основа е случен на оној со кој се соочуваше ancien régime.

Како и во 18-от век, така и денес: со намалување на одговорноста и капацитетот на државата го намаливме и нејзиното јавно значење. Последица од тоа се „изолираните заедници“ во вистинска смисла на зборот: сегменти на општеството кои се истакнуваат како функционално независни од колективот и неговите јавни вработени. Ако единствено, или претежно, имаме работа со приватните агенции, тогаш постепено го ослабнуваме јавниот сектор кому не сме повеќе потребни. Овде не е толку битно дали приватниот сектор подобро или полошо ја прави истата работа, поевтино или поскапо. Во секој случај, сме ја намалиле нашата врска со државата и сме изгубиле нешто битно кое би требало да го делиме – и што често сме го делеле – со другите граѓани.

Тој процес добро го опиша една од најголемите заговорнички на таа метода: Маргарет Тачер. Таа наводно тврдела дека не постои никакво општество. Постојат само поединци, мажи, жени и нивните семејства. Ако не постои никакво општество, туку само поединци и државата како ноќен чувар – која оддалеку ги надгледува активностите во кои не игра никаква улога – што тогаш ќе нè одржи заедно? Веќе го прифативме постоењето на приватните милиции, приватните поштенски услуги, приватните агенции кои ја снабдуваат државата во војна, и многу други нешта. Ги приватизиравме токму оние одговорности за кои едвај ја натеравме модерната држава да ги преземе на себе за време на 19-от и раниот 20-ти век.

Што тогаш ќе послужи како тампон зона меѓу граѓаните и државите? Секако не општеството, кое е тешко притеснето да го преживее сакатењето во јавниот домен. Бидејќи државата сè уште нема да одумре. Дури и ако и’ ги одземеме сите нејзините услужни атрибути, таа сè уште ќе биде со нас – барем како сила на контрола и угнетување. Меѓу државата и поединците нема да постојат посредни институции: ништо не би останало од пајаковата мрежа взаемни услуги и обврски кои ги поврзуваат граѓаните преку јавниот простор кој колективно го населуваат. Сè што би останало би биле приватните поединци и претпријатија кои се натпреваруваат во киднапирањето на државата за своите сопствени потреби.

Последиците од овој процес не се помалку страшни од оние пред настанокот на модерната држава. Навистина, поттикот за изградба на државата каква ја знаеме потекнува од јасниот увид дека ниедна група поединци не може долго да преживее без заеднички цели и институции. Самиот поим приватен напредок кој би изродил општ напредок беше крајно апсурден уште за либералните критичари од индустрискиот капитализам во настанување. Според Џон Стјуарт Мил: идејата за општество кое го одржуваат само односите и чувствата кои произлегуваат од материјалните интереси е крајно одбивна.

***

Тогаш, што треба да правиме? Мораме да почнеме од државата како инкарнација на колективните интереси, колективните цели и колективните добра. Ако не можеме да научиме одново да ја „промислуваме државата“, нема далеку да стасаме. Но, што точно државата би требало да прави? Таа треба да биде минимална, не треба непотребно да ги удвојува функциите. Како што Кејнз пишуваше: Важно е владата да не ги прави работите кои поединците веќе ги прават, само малку подобро или полошо; туку да ги прави работите кои моментално не ги работи никој. А од горчливото искуство од минатиот век знаеме дека постојат некои работи кои државите сосем сигурно не би требало да ги прават.

Приказната за напредната држава во 20-от век се заснова на арогантното убедување дека Историјата е на наша страна, при што ние сме реформисти и социјалисти, и дека нашите проекти, според Бернард Вилијамс, „ќе ги слави целиот универзум. Денес немаме толку убедлива приказна. Штотуку го преживеавме векот на доктрини кои со вознемирувачка сигурност проповедаа што државата треба да прави, и притоа ги потсетуваа поединците – ако е потребно и со сила – дека државата знае што е добро за нив. На тоа не можеме да се враќаме. Според тоа, ако сакаме повторно да ја промислиме државата, подобро би било да почнеме од свеста за нејзините ограничувања.

Од слични причини би било бескорисно оживувањето на реториката на социјалдемократијата од почетокот на 20-от век. Тие години демократската левица се појави како алтернатива за нефлексибилниот марксистички револуционерен социјализам и подоцнежните негови комунистички наследници. Во таа смисла социјалдемократијата беше малку параноична. Додека со сигурен чекор маршираше во подобрата иднина, непрекинато нервозно се вртеше преку левото рамо. Ние, како што велеше, не сме авторитарци. Ние сме за слобода, не за угнетување. Ние сме демократи кои веруваат во социјалната правда и регулираниот пазар.

Сè додека првичната цел на социјалдемократијата беше да ги убедат гласачите дека тие се респектабилна напредна алтернатива во рамките на либералното крило, овој одбранбен став имаше смисла. Но денес таа реторика не е кохерентна. Не случајно демохристијанката Ангела Меркел ги доби изборите во Германија против своите социјалдемократски противници – на врвот на финансиската криза – со политика која битно ја подражава социјалдемократската програма.

Социјалдемократијата, во еден или друг облик, е општо место за современите европски политики. Малкумина се оние европски политичари, а уште помалку се оние навистина влијателните, кои би отстапиле од основите на социјалдемократските начела поврзани за должностите на државата, без разлика колку и да не се сложуваат меѓусебно во поглед на тие должности. Но социјалдемократите во денешна Европа немаат да понудат којзнае што: во Франција, на пример, дури и нивната склоност кон фаворизирање на државната сопственост тешко дека ги разликува од деголовската десница. Дојде часот кога социјалдемократијата треба да си ја преиспита сопствената цел.

Проблемот не лежи во социјалдемократските политики, туку во јазикот со кој тие се претставуваат. Откако престана авторитарниот предизвик од лево, нагласокот на демократијата стана излишен. Сите ние денес сме демократи. Но социјалното сè уште има некое значење – денес веројатно повеќе отколку пред неколку децении, кога улогата на јавниот сектор беше преиспитувана од сите страни. Тогаш, што е толку посебно за тој социјален и социјалдемократски пристап кон политиката?

***

Замислете железничка станица, на пример, Ватерло во Лондон, Gare de l'Est во Париз, бомбајскиот драматичен терминал Викторија или берлинската Hauptbahnhof. Во овие величествени катедрали на модерниот живот, приватниот сектор совршено добро функционира: киосците за весници или кафулињата не треба да бидат во надлежност на државата. Секој кој ќе се присети на сувите сендвичи спакувани во пластика од кафулињата на англиските железнички станици ќе признае дека во оваа област треба да постои конкуренција.

Ама не можете да бидете конкурентни во управувањето со возовите. Железниците – како и земјоделството и поштите – истовремено се и економска активност и клучно јавно добро. Всушност, железницата не можете да ја направите поефикасна така што ќе поставите два воза на шините и ќе чекате да видите кој ќе има поголем ефект. Железниците се природен монопол. Англичаните ја воведоа ваквата конкуренција во услугите на автобускиот превоз и добија парадокс: тој сообраќај стана подобар, но помалку ефикасен.

Експрес автобуската линија, за оние кои можат да си ја дозволат и која не вози до оддалечените местенца во кои ќе се симне само по некој пензионер, ќе му носи повеќе пари на својот сопственик. Но некој друг – државата или локалната општина – и понатаму мора да ја обезбеди оваа неефикасна локална услуга која не носи заработка. Без неа, краткорочната економска корист од укинувањето на услугата ќе предизвика долгорочна штета за локалната заедница во целина. Затоа не изненадува тоа што како последици на „конкурентните“ автобуси – со исклучок на Лондон, каде има доволно потреба за нив – се јавува порастот на трошоците кој е префрлен во јавниот сектор, високиот раст на цените кој е префрлен кај превозот, како и атрактивната заработка која е префрлена кај компаниите кои имаат експрес автобуски линии.

Возовите, како и автобусите, пред сè, се социјална услуга. Секој може да управува со железничка линија која носи заработка, ако сè што треба да направи е да обезбеди експрес линија од Лондон до Единбург и назад, од Париз до Марсеј, од Бостон до Вашингтон. Но што е со железничките врски до и од местата на кои луѓето се возат само повремено? Ниеден поединец нема да издвои доволно пари за да го плати економскиот трошок за таквата услуга за оние ретки прилики кога ќе ја користи. Само заедницата – државата, владата, локалните власти – можат да го обезбедат тоа. Потребните финансиски субвенции секогаш ќе изгледаат неефикасно за некои економисти. Се разбира, би било поевтино да се искорнат шините и да се пушти секој да се вози со својата кола.

Во 1996 г., кога британските железници беа приватизирани, British Rail имаше најмала јавна финансиска помош од сите европски железници. Таа година Французите планираа да вложат во својата железница 21 фунта по жител, Италијанците 33 фунти, а Англичаните само 9. Овие контрасти јасно се одразија и на квалитетот на услугите кои овие национални системи ги пружаа. Тие исто така објаснуваат зошто британската железничка мрежа можеше да биде приватизирана само придружена со голема загуба, бидејќи нејзината инфраструктура беше толку лоша.

Овој контраст во вложените износи го илустрира она што сакам да го истакнам. Французите и Италијанците долго ги третираа своите железници како социјална услуга. Со обезбедување на железничкиот превоз во оддалечените региони, колку и да е неисплатлив, се овозможува опстанок на локалните заедници и се намалува загадувањето на животната средина со пружање на алтернативи на патничкиот превоз. Железничката станица и услугите кои таа ги пружа така стануваат симптом и симбол на општеството како заеднички стремеж.

Претходно споменав дека обезбедувањето возови во оддалечените подрачја има општествена смисла, дури и кога економски е неисплатливо. Но ова, се разбира, наметнува едно сериозно прашање. Социјалдемократите нема далеку да стигнат ако предлагаат возвишени општествени цели кои самите ги сметаат за поскапи од алтернативните. Исходот би бил признавањето на добрите страни на социјалните услуги, жалењето поради нивните трошоци и одбивањето нешто да се преземе. Потребно е одново да ги разгледаме критериумите на пресметувањето на сите трошоци: социјалните и економските.

Еве еден пример. Поевтино е да се обезбеди хуманитарна помош за сиромашните отколку да им се гарантира цел спектар социјални услуги како нивно право. Под хуманитарна ја подразбирам црковната помош, приватната или независна иницијатива, дополнителниот приход во облик на бонови за храна, социјалното сместување, помош во облека и сл. Но крајно понижувачки е да се биде примател на тој вид помош. Means Test (испитување на имотната состојба) кои британските власти ги применуваа над жртвите од економската криза во 1930-те сè уште предизвикуваат гнасење и гнев кај постарите поколенија.

Од друга страна, не е понижувачки да се биде примател на некое право. Ако имате право на приходи како невработено лице, право на пензија, инвалидска пензија, општинско живеалиште или некој друг облик на јавна помош – при што никој не проценува дали сте доволно потонати на дното за да ја заслужите помошта – тогаш ни вам нема да ви биде непријатно да ја примите. Но ваквите универзални права и повластици се скапи.

Но што би било ако понижувањето би го третирале како трошок, сметка поднесена на општеството? Што ако решиме да ја квалификуваме штетата нанесена на луѓето кои се посрамотени од страна на своите сограѓани пред примањето на она што им е неопходно за живот? Со други зборови, што ако во нашата пресметана продуктивност, ефикасност или добробит ја внесеме и разликата меѓу понижувачката милостина и помошта како право? Би можеле да заклучиме дека пружањето на универзални социјални услуги, јавно здравствено осигурување или повластен превоз е всушност економичен начин да се остварат заедничките цели. Таквата вежба сама по себе е контроверзна: Како се мери понижувањето? Што е мерлив трошок за скратувањето на ресурсите на еден велеград кон маргинализираните и изолирани граѓани? Колку сме подготвени да платиме за пристојно општество? Тоа не ми е јасно. Но сè додека не ги поставиме ваквите прашања, како можеме да се надеваме на нивен одговор?

***

Што подразбираме под пристојно општество? Од нормативна перспектива, би можеле да почнеме со моралната приказна која би ги определила нашите колективни избори. Таквата приказна потоа би ги надоместила стручните економски термини кои го ограничуваат нашиот разговор. Но да се одредат нашите цели на тој начин воопшто не е едноставно.

Социјалдемократијата во минатото несомнено се занимаваше со прашањата за правилно и погрешно, со тоа што го наследи пред-марксистичкиот етички речник надополнет со христијанскиот отпор кон екстремното богатство и обожавањето на материјалните нешта. Но таквите размислувања често беа оптоварени со идеолошки испитувања. Дали капитализмот е осуден на пропаст? Ако е, дали одредена политика ја поттикнувала неговата очекувана пропаст или ризикувала да ја одложи? Ако капитализмот не е осуден на пропаст, тогаш изборот на политика треба да се осмисли од поинаква перспектива. Битните прашања долго време се однесуваа на перспективата на системот, отколку на инхерентните доблести или недостатоци на предложената иницијатива. Таквите прашања повеќе не нè преокупираат. Оттаму директно се соочуваме со етичките импликации на нашите избори.

Што е тоа толку одбивно во финансискиот капитализам или комерцијалното општество од 18-от век? Што е тоа што инстинктивно го чувствуваме како погрешно во нашите сегашни аранжмани? Што е за нас неправедно? Што е тоа што ја навредува нашата смисла за пристојност кога ќе се соочиме со неограниченото лобирање на богатите на штета на сите останати? Што изгубивме патем?

Одговорите на овие прашања би требало да се дадат во вид на морална критика на недостатоците на неограничениот пазар или некомпетентната држава. Потребно е да разбереме зошто тие ни го навредуваат чувството за правда или еднаквост. Накратко, потребно е да се вратиме на прашањето за целите. Социјалдемократијата овде е од ограничена помош, бидејќи нејзиниот одговор на дилемите на капитализмот беше само задоцнет израз на просветителскиот морален дискурс применет на социјалното прашање. Нашите проблеми, сепак, се поинакви.

Мислам дека влегуваме во нов период на несигурност. По последниот таков период, кој Кејнз незаборавно го анализираше во своето дело Економските последици од мирот од 1919 г., следеа децении на напредок и драматичен пораст на интернационализацијата на животот: глобализација на сè. Како што опиша Кејнз, пазарната економија го освои светот. Трговијата и комуникациите се развија со неверојатна брзина. Пред 1914 г. беше општоприфатено дека логиката на мирната економска размена ќе претежне над националната себичност. Никој не очекуваше дека на сето тоа ќе му дојде ненадеен крај. А тогаш се случи токму тоа.

И ние живеевме во ера на стабилност, сигурност и илузии на неограниченото економско подобрување. Но сега сето тоа е зад нас. Во блиска иднина ќе станеме економски несигурни како што денес сме културно несигурни. Денес сме помалку сигурни во нашите заеднички цели, нашата еколошка добробит или нашата лична безбедност отколку што бевме во периодот по Втората Светска војна. Немаме претстава за тоа каков свет ќе наследат нашите деца, но не можеме повеќе да се залажуваме дека претпоставуваме дека тој сигурно ќе наликува на овој.

Мораме да се вратиме на начинот на кој поколението на нашите дедовци одговори на сличните предизвици и закани. Социјалдемократијата во Европа, како и New Deal и Great Society овде во САД, беа директни одговори на несигурноста и нееднаквоста на своето доба. Малкумина на Запад се доволно стари за да знаат што значи тоа да се гледа светот како се урива. Тешко ни е да замислиме целосен крах на либералните институции, колапс на демокиратскиот консензус. Но токму таков еден колапс доведе до дебата меѓу Кејнз и Хајек од која настанаа кејнзовскиот консензус и социјалдемократскиот компромис: консензус и компромис на кои израснавме и чија привлечност беше токму во нивниот успех.

Ако социјалдемократијата има иднина, тогаш тоа е социјалдемократијата на стравот. Наместо да се обидуваме да го вратиме јазикот на оптимистичкиот напредок, треба да се обидеме повторно да се запознаеме со неодамнешното минато. Првата задача на радикалните дисиденти денес е да ја потсетат својата публика на достигнувањата на 20-от век, заедно со можните последици на нашето брзање да ги укинеме.

Левицата, да бидеме отворени, има што да понуди. Тоа е нејзино право наследено од амбициозните модернисти кои нè навикнаа на иновации во име на универзалниот напредок. Социјалдемократите станаа скромни, во стилот и аспирациите, но ќе мораат поагресивно да нè потсетат на своите успеси од минатото. Подемот на социјалната држава, стогодишниот процес на создавањето на јавниот сектор чии добра и услуги го илустрираат и промовираат нашиот колективен идентитет и заеднички цели, институцијата социјална помош како човеково право и општествена обврска – тоа не се мали достигнувања.

Не треба да нè загрижува тоа што овие успеси се само делумни. Ако не научивме ништо друго од 20-от век, тогаш би требало барем да разбереме дека претензијата кон совршенство доведува до морничави последици. Ограничените подобрувања под неповолни услови се најмногу на кое можеме да се надеваме и веројатно сè што можеме да очекуваме. Другите ги поминаа последниве три децении во систематско разградување и дестабилизирање на тие подобрувања и тоа би требало да нè налути. Исто така би требало и да нè загрижи, макар само на здраворазумско ниво. Зошто толку побрзавме да ги урнеме браните кои нашите предци ги кренаа со тешки маки? Дали сме толку сигурни дека нема да има поплави?

Социјалдемократијата на стравот е нешто за кое треба да се бориме. Да се отфрлат напорите значи да се предадат оние кои биле пред нас, но и идните поколенија. Би било убаво – иако погрешно – да се тврди дека социјалдемократијата, или нешто слично на неа, ја претставува нашата идеална иднина. Таа повеќе не е ни нашето идеално минато. Но тоа е најдоброто што ни се нуди денес. Со зборовите на Орвел, искажани во Пофалба на Каталонија, по искуството во револуционерна Барселона:

Имаше многу нешта кои не ги разбрав, во одредена смисла не ги ни сакав, но веднаш препознав дека е нешто за кое вреди да се бориш.“

Верувам дека ова важи и за сите социјалдемократски идеи кои го преживеаја 20-от век.

Овој текст претставува преработена верзија на предавањето кое авторот го одржа на New York University, на 19.10.2009 година.

За првиот дел, кликнете овде.

Слики: cityabyss


Извор: The New York Review of Books

ОкоБоли главаВицФото