Преку алтернативни методи, истражувања и настави до поквалитетно образование!

17.02.2015 02:27
Преку алтернативни методи, истражувања и настави до поквалитетно образование!

Студентското движење е автентично случување, нова креативна енергија, идеја и структура во македонското општество. Формата која сега ја има тоа движење, таква каква што е заокружена од нив самите, е О.К., како гешталд систем добро функционира. Но големиот јаз кој постои меѓу нив и институциите во државата (МОН) не мислам дека баш тие треба да го премостуваат. Барем не сега кога државава ни е во абнормална состојба. Бидејќи студентите сега се занимаваат со градење ткиво и не можат да премостуваат јазови кои се многу сложени во едно вакво разорено општество / држава какво што е нашето.

Значи таа задача во премостувањето и/или антагонизирањето мислам дека ја имаат преземено професорите. Врската меѓу студентското движење како феномен и нашето општество се остварува преку професорите. Алтернативна настава треба да исполнуваат нивните професори и во неа да се вклучат во што поголем број. Така заедно ќе прераснат во силна структура: ако студентите се јадрото и клеточната плазма, нивните професори се органелите кои ја хранат клетката и мембраната која дава компактност. Бидејќи сега не се случува само бунтување на студентите, туку и на професорите, бунтување кое се одвива паралелно со, а и самото донесува, суштински, квалитативни промени во нашето општество.

Алтернативните методи/ истражувања во наставата помагаат да се открие она што не чини во образовниот систем, што треба потоа да се отстрани (Д. Малески, Некои задници заслужуваат клоца). За да се направи добра слика на платно, претходно се прават скици – цртежи - истражувања - импровизации, за потоа да не се задушува платното со непотребни потези.

За да се ослободиме од непродуктивниот стереотип, се прави рез, потполно се излегува од него и од растојание се прави анализа (истражување ).

Студентите и професорите градат целина и едни со други се надополнуваат: студентите придонесуваат со свежата енергија, еланот и оригиналните идеи, професорите со знаењето и повеќегодишното искуство. Потоа таа здрава клетка - ткиво – структура, компактна, силна и како автентично движење, станува битен фактор во политичкото дејствување.

Кога сме веќе кај клетката, (да се надоврзам на она за што зборував во текстот „Бори се!“, каде што опишувам три нивоа: ментално, витално и физичко ниво) големото „чудо“ што се случува на физички план е во клетката.

Во интегралната јога (уште еднаш Браво! за студентите бидејќи ја прифатија Јогата) а и воопшто во денешното поимање на здравјето, стресот се смета како главна причина за болестите, а позитивниот став и чувство, ведрата мисла, радоста ја хранат, односно ја штитат клетката како здрава единица, спречувајќи стресот да не направи хаварија во нејзината структура, на ниво на хемиски елементи и соединенија.

Друго што сакам да посочам што се однесува до здравјето, а тоа патем ќе го поврзам со поддршката од бугарските студенти (обрнете внимание колку поддршката од бугарските студенти кои поминале низ слични искуства е суштинска и длабока во мислата!) е многу едноставнaтa (елементарна) здравствена превентива од Петар Данов. Тој препорачува пиење топла вода како лек. Зовриена вода и малку оладена се разбира, е спој на два елементи, вода-оган, кои кога истовремено ги внесуваме во организмот прават вистинско моментално обновување на организмот („чудо“ во организмот). Ова се некои практични совети како да се сочува здравјето во овие многу стресни моменти. Така да се препорачува газираните сокови да се заменат со ова „чудо“.

Ако сакаме да ја продолжиме битката, треба да бидеме здрави, а за да бидеме здрави, пред сè , треба да мислиме позитивно и да сме со ведар поглед (и покрај тоа што овој потфат ни изгледа скоро невозможен денес, сепак да се обидеме...)