Серија фотографии за општествената деклинација

18.02.2015 02:40
Серија фотографии за општествената деклинација

„Болници“ на Дијана Богдановска - серија фотографии за општествената деклинација

Уметницата Дијана Богдановска во својот најнов проект - серија фотографии концпирани околу насловот „Hospitals“, го детектира и естетизира гнилежот во локалното (па и поширокото) секојдневие. Деконструктивизмот и симболиките на трулост и изветвеност кои провејуваат скоро во секоја фотографија, ефектно се вклопени во магловита и скоро сонлива атмосфера натежната со меланхолија.

Среде сета сценографија на старудии, лекови, завои и други симболични експонати, Богдановска го става и сопственото тело како елемент во болничката приказна. Поставувајќи се неретко себеси пред објективот, таа преку своите фотографии испишува една своевидна женска приказна за симболичното болничко лекување од сè она што нè гуши и затвора во прангите на апатијата и макар краткотрајно, чувство на безизлезност.

Хамлетовото „Нешто е труло во државата Данска...“ е сосема применлива формулација и за државата Македонија, па можеби и за „секаде и секогаш“ во општеството со сите фалинки и гнилежи кои му се инхерентни. Дијана Богдановска очигледно ги детектира таквите вибрации од својата непосредна околина и вградувајќи ги во својата уметност, ги прави подносливи. На некој начин дури и го анихилира грдото ставајќи го во служба на уметноста и естетиката.

Инаку, Дијана Богдановска е уметница која преку своите досегашни дела го истражувала интердисциплинарниот пристап на традиционалните и новите медиуми. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности (отсек -сликарство, насока - конзервација и реставрација), образованието го продолжува на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје, каде што изучува родови студии. Токму од интересот кон општествените прашања, ја издвојува појавата на сиромаштија, поттикната од корпоративизмот како феномен.

Понатаму, како женски уметник ги истражува поимите субјективитет, тело, род, сексуалност и феминистичкиот дискурс во уметноста.

Можеби токму оваа свесност и интерес за вкоренетоста на уметноста во општествениот контекст е идејниот катализатор на концептите кои ги разработува во своите најнови уметнички проекти.

До сега учествувала на повеќе групни изложби, работилници и колонии во Македонија како и надвор од нашите граници (САД, Австрија, Турција, БиХ, Прага, Косово, Италија Србија). Кон крајот на 2013 година, ја постави самостојната изложба во Отворено графичко студио, насловена како „Постчовечки коски“, преку која комбинирајќи најразлични материјали и техники во амбиентална инсталација, ја долови идејата за постхуманизмот како современ тренд.

Дијана Богдановска вели дека во последно време се дистанцирала од традиционалното сликарство и претежно се занимава со концептуална фотографија и инсталација. Ги одбрала овие медиуми не поради помодна претенциозна тенденција, туку поради субјективната манифестација која може да се изрази преку одреден медиум, во зависност од ставот кој се зазема и потребата да искаже одредена состојба.

За концептот на делата кои ќе бидат прикажани на неколку нејзини претстојни изложби во Австрија и Македонија, позборувавме малку со неа.

Насловот на твојата најнова серија фотографии кои наскоро ќе бидат изложени е „Болници“. Од каде инспирација за ваков концепт, што е она што сметаш дека треба да биде „излечено“?

Атмосферата што се креира на ова поднебје одамна ги има затворено границите за развој и прогрес на младиот човек. Страдањето е секојдневие, а кој негира дека е така, го прави тоа само поради срамот да признае дека не ги издржува камшиците на невидливиот апокалиптичар. Ако премногу зборуваш, патетичен си. Ако премногу молчиш, молкот е послушност на модерниот фашизам. Тој мал фашизам што се манифестира врз мала послушна маса плашиви луѓе, кои својот маскуларен ефект го донираат во погрешни акции.

Во денешната светска современа фотографија, застапена е струја на уметници што професионално се посветува на разработување на овие специфични теми, како пост-воена естетика или апокалиптични визии. Тие теми се доста популарни кај младиот човек. Моментално зборуваме за уметноста на овој правец само преку фотографија, а тематикава се појавува и во Библијата - во откровението, како и во во белетристиката, додека пак визуелно е најискажана преку филмот.

Тематиките се малку претенциозни, бидејќи колку што е посилен развојот на технологијата и науката, толку сме поблиску до отсликување на соновите и визиите преку овие помагала. За овие теми уметниците напорно работат во студио, на визуелна висока пост-продукција. Можеби во тие високоразвиени општества е само тренд, бидејќи многу од нив гледам дека постираат музика која не го опфаќа овој правец и не читаат книги, туку само следат социјални мрежи кои секогаш не се релевантни за добра уметност. Мислам на онаа низ историјата на уметноста. Сè е тоа во ред, имам и јас таква амбиција, но јас сум во Македонија и моите очи ја гледаат оваа слика.

Ова се болници во филозофска, а не навредлива смисла. Човекот е болен, но се поставува прашањето кој ја сноси одговорноста на таа состојба? Како се јадеме помеѓу себе, модерен канибализам, модерно ропство. Па болката, не онаа од поезијата, не болката по изгубената љубов, туку болката на колективот... Нè тераат да размислуваме под преса на ситните улоги, да се реплицираме во масата, да размислуваме само за задоволството.

Болници ќе биде само еден фрагмент од новите серии, новите претстави за новиот човек. А тие претстави би се концентрирале околу тоа како артифициелноста ќе ја доживуваме во иднината и кон што ќе се стремиме, а кон што ќе пружаме отпор. Мојата инспирација доаѓа од sci-fi струите и жанрот Industrial metal.

Фотографиите се работени во домашни услови, со сопственото тело како дел од сценографијата во кадрите. Колку фотографијата како медиум ти беше погодна/проблематична од аспект на време и ресурси за конкретниов проект?

Да се поставиш како субјект значи да застанеш одговорно зад ставот којшто го искажуваш преку својата работа. Не многу уметници го користат перформансот во фотографија, кој се роди дури во седумдесеттите години. Како на пример контроверзниот Гинтер Брус, а од женските уметници Valie Export, којашто се постави како првата феминистичка авангарда. Нешто подоцна се јавува и Франческа Вудман, и сè она што влече како авангарда, сè до денешниот век кога употребата на субјектот премина во масовна продукција и ескплоатација за целите на индустријата.

Новите времиња и новиот човек имаат различно поле на гледање, но во суштина проблемот на телото-субјект е ист. Анализите на многуте современи европски философи го потврдуваат тоа. Во функција на уметноста сè уште немаме надминато некои предрасуди, при што поставеноста на телото како медиум се смета за проблем и речиси многу малку уметници се поставуваат како перформери во своите дела. Уметноста секогаш била предвесник, а не следбеник. Во груби или фини маниризми.

Да се гледа само убавото низ кадар е површен агол. Но, тоа не значи и дека сега само општествено ангажирана уметност е актуелна, па мора да постои политички проблем, бидејќи во тој случај само би ѝ се потчиниле на диктатурата на актуелноста.

За уметник во развој нема критичка дистанца да се погледне творештвото во длабокиот пресек на делата. Па така сега сите наеднаш спектакуларно брзаме некаде, брзаме во подем да ги стекнеме вештините на модерните технологии во македонски услови.

Да, човек денеска не треба да има ни образование за да се нафати да уметникува со овој медиум, т.е. фотографијата. Дури немам ни јас, кога преминувам во расправии прво за условите. Да, на моменти стана проблематично, иако на почетокот мислиш дека го имаш инструментот в раце и си ја купил уметноста во дел од секунда. Како што повеќе навлегуваш во техниките, како што сликарите го проучувале светлото преку пигмент, сега и снопот светлина станува најголем проблем. Потребни се еден куп ресурси: софтбоксови, чадори, објективи, триподи, фулфрејмови... ќе одиме до крај, или ќе се вадиме дека ги немаме и дека ако сме доволно добри мајстори ќе се извлечеме од трешот?

Понатаму се поставува прашањето - каде е просторот? Во оваа широка земја владее клаустрофобија, создаваме во тесни простори од 4 метри квадратни, се бориме со менталитетот и околината. Се бориме со социјализацијата и начинот на живот. Исто така и со сите оние дневни политики коишто треба да се избегнат. Собираш пари за реквизити, се брцаш како скитник по разни фабрички отпади, продавници од втора рака, железарии. Работиш, штедиш, одново и одново. Рачно изработуваш, лепиш, кроиш, шиеш, врзуваш. Сите тие процеси треба физички да се прикажат во идејата за да се искреира еден фотореализам. Мојата идеја е за македонската естетика, бидејќи јас не познавам друга.

А времето, никогаш доволно. Одиш на терен и правиш околу триста кадри без солидна опрема за еден ден, коишто ти даваат само мал прогрес на концептот.  Мислам дека со „Болници“ до сега најдолго се задржав од кој било проект што сум го реализирала во друг медиум. Затоа и го работам уште оваа година, но кренав раце и ќе морам да побарам екипа што ќе соработува со мене во студио. Ако треба да се одбрани уметноста солидно, нема друго решение. Домашните услови изнудуваат идеја која ќе се „замачка” во фотошоп, но таа не може да конкурура на посериозни простори.

Најпрво серијава фотографии ќе биде претставена надвор од нашите граници. Кога домашната публика ќе ја има можноста да ги погледне изложени?

Галеријата „Aa collections“(локација: Burggasse 68, 1070 Wien, Austria) е колектив на многу симпатична банда на уметници, кои се тотално треш и воопшто не ги интересира новата технологија освен за практична употреба. Тие се опседнати со проблемите на европскиот човек, сексуалноста и политиката. Исмеваат преку нивната уметност, доста се отворени, но и вредни работници, кои покрај оваа иницијатива, имаат и свој урбан фестивал  ART-UN-ANCHORED.

Прво си помислив, па што ќе барам јас таму со македонска уметност, нив сигурно не ги интересираат проблемите на југоисточниот уметник?! Но бев повикана бидејќи покажав особен впечаток минатата година како уметник во резиденција, „Култур контакт“. Заедно со главниот виновник Марко Тирнанич, кој имаше свое претставување во истата галерија со изложбата „Перспектива“, остваривме контакти и се чекаше околу година дена за конкурсот. Доста долго време, но шансите се секогаш тешки кога е во прашање туѓина.

Изложбата беше одбиена во рамките на годишната програма за 2015 на Министерство за култура. Поднесов приговор. И покрај високите препораки од БКА-Австрија, сè уште не добив одговор. На некој начин јас сум посрамена, очекував дека ќе бидат покриени барем дел од патните трошоци и транспортот на дела. Но изложбата ќе патува во Кичево во локална установа. Таму некако се провлече низ конкурсите и мило ми е за тоа. Низ целата 2015 имаме групни реализации, кои се резултат на работа во последните неколку години. Една од нив ќе биде изложбата „Нераскажаните приказни на суперхероините -2“ во КИЦ, која ќе биде поставена околу 6 март.

Исто така, во 2016 година се спремам повторно да аплицирам во Националната установа Мала станица, со која соработувам веќе 3 години и ид нивна страна сум ангажирана за неколку интернационални и домашни проекти.