Честа не може да се мрда назачки ко рак!

18.02.2015 13:05
Честа не може да се мрда назачки ко рак!

Толку ми се згади текстот на Дарко Митревски некни во „Нова Македонија“ што му оставив на бесот да преспие неколку дена. Така што, еве, сега одново го читам со ладна глава делот што ме збесна и предизвика гадење:

„И затоа, деца драги, од името на сите нас од седумдесет и некоја, ви испраќам една искрена порака: баталете нè! Сите нас, без исклучок. Нема помеѓу нас ниту еден доволно чист за да ви биде идол, ниту, пак, достоен за да ви биде противник. Од нас можете да наследите само долгови и тажни приказни. Во нашите животи нема ништо што ќе одекнува во вечноста – и затоа гледајте некако такви животи да не живеете. Фрлете ги сите рецепти што ние сме ви ги запишале, па отворете нов лист хартија врз кој ќе си ја исцртате својата иднина. Во таа иднина ќе растат децата на мојата генерација. Во отсуство на биолошки татковци со кои ќе се гордеат, вие ќе бидете нивните духовни татковци – вашата одговорност е голема колку што беше голема нашата неодговорност. Поправете сè што сме расипале, залепете сè што сме искршиле, а нас затворете нè во некоја вселенска сонда каде што ќе раниме кучиња и ништо друго нема да можеме да пипнеме. И секој мој врсник со трошка чесен образ нека се потпише под оваа колумна, драги мои млади непознати пријатели. Или да парафразирам една битолска поговорка: нам ни е вам да ви е убо, а за нас ‒ кој ве ебава!“

Ете, го прочитав ‒ и пак сум бесен! Олку подло и демагошко парче текст одамна не сум сретнал во нашиот ионака со демагогии и гадости претрупан јавен простор! Парчево на Митревски треба да се изучува и по политика и по книжевност и по спинување! Љубиша Георгиевски, неприкосновениот децениски локален крал на демагогијата, конечно го доби својот брилијантен наследник! Дарко, ти симињам капа за подлоста и нискоста!

Најпрвин за мртвите. Тие први ми паднаа на памет, можеби како спас пред гадењето над бедотиите на Дарко. Роберто Беличанец и Игор Исаковски беа мои блиски пријатели. Обајцата родени на почетокот на седумдесеттите. Роберто почина пред година и пол. Игор пред два месеци. Би можел овде да се спомне и Никола Младенов, моја генерација, шеести, и тој е тука негде, меѓу луѓето што лешинарски ги колве Дарко. И Никола е мртов. Сите тројца на некој начин се жртви на отровниот облак во кој груевизмот ја потопи Македонија.

Дарко Митревски, значи, за тројцата мртовци, пред замислениот амфитеатар полн со ангелски призраци од студенти, вели: „Баталете ги! Нека ранат кучиња по вселенски сонди! Тие не се достојни да бидат не само идоли, туку ни ваши противници! Кој ги ебава!“ Ете, токму тие зборови за моите пријатели ги употреби Дарко Митревски, скриеното куче на најгнасниот политички режим што го имала Македонија од бугарско навака!

Се разбира, мора да се каже: овие тројца луѓе направиле за ова смачкано племе толку колку што Дарко нема да може да направи да проживее уште десет животи, и тоа со можноста паралелно да ги живее те ко партизан те ко фашист! И да му даат ‒ јал црните јал црвените, зар некад тоа му било битно на Даре?! ‒ уште многу многу пари за да ги прави своите упикувачки филмови, тој пак нема да може да се приближи до „сондите“ во кои пловат Роберто, Игор, Никола (блажени што веќе не мора да се расправаат со моралните гнаси)...

Разбирам јас, почитувани читатели: Дарко не вика дека Беличанец, Исаковски, Младенов (но и илјадниците луѓе „од седумдесеттите“ кои во едно предаторско општество сепак избрале да не бидат пизди) се пизди, туку вели дека тој самиот е епохален, неспоредлив шупак! Го разбирам тоа. И секоја му чест на Дарко за „аутирањето“, за излегувањето од шифоњер. Ниеден единствен груевист досега не излегол (сеуште, а се очекуваат) со толку жестоко самочеречење. Но, Дарко не застанува тука! Ако Даре е необикновена и непоимлива грамадна пизда ‒ тоа значи, аутоматски, по неговата памет, дека сите ние барабар сме исти такви! А и дабетер, се разбира, оти Даре сепак барата со слаткоречивост, естетика & демагогија (за разлика од грото на шупците и пиздите од седумдести, не?).

Дарко оди толку далеку во перверзното (хипернеодговорно!) самобичување (замислете го утре Груевски со истиот текст?!) што на беатифицираните студенти им вели (јебига, жалам што ќе го слушате пак, но ова е за едукациски потреби): „Во отсуство на биолошки татковци со кои ќе се гордеат, вие ќе бидете нивните духовни татковци – вашата одговорност е голема колку што беше голема нашата неодговорност. Поправете сè што сме расипале, залепете сè што сме искршиле.“ Еј, Дарко! Нормален ли си, пријателе!? Готово, а, договоривте?! Овие 5‒6 на курчење спискани милијарди евра (меѓу кои се и неколкуте милиончиња за твоите евтини националистички историско‒филмски фалсификати) ќе ги враќаат твоите татковци кои истовремено се твои деца?! Уз пут и пелените ќе треба да ти ги мењаат, не, у року службе?! Па нели викаш дека најважно е ним да им е „убо“?! Па, како ќе им биде убо на децата, батка, ако од сеа па надаље следниве децении ќе треба да ти го превиткуваат усраниот гз и патем да ги враќаат парите што ги скемба Фамилијата?!

За да се смирам, земав да го читам Рејмонд Чендлер, кралот на ноарот (секој е крал за нешто, јебига), еден од моите гуруа, кому се навраќам. Значи, кај Чендлер, во мрачно доба налик на груевизам, еден фраер отворено му признава на друг фраер: „Ја сум голема битанга, Марлоу. Многу заработувам. Морам многу да заработувам за да можам да ги цедам оние типови што морам да ги цедам за многу да заработувам и за да морам да ги цедам типовите што морам.“

Зборот ми е: секој си има свое оправдање. Та така и Даре Маже. Тој некогаш талентиран хуморист, писател и (не најнакрај) режисер (за жал, истата ем бескрупулозна ем поданичка малограѓанска структура на демагошката школа на Трендота, Венкота, Милчота итн.), тој значи некогаш надежен скопски дечко отиде толку далеку во себеоцрнувањето што не сопирајќи се патем истури цели кофи гомна (велам, сè полевајќи се себе) врз цели генерации луѓе, особено оние родени, ко него, во седумдесетите (Еден лик кај Чендлер вели: „Имаше добри шеес; поточно, лоши шеес“).

Сите тие фаци со четириес, пеес и јаче, според Дарко, критички немилолосрдниот режимски режисер кој ферски и витешки почнуе од себе ‒ биле корумпиран човечки отпад и историска брука и срамота. А кај сите ‒ тука и мали Дарко! Како први - така други! А на крај - папала маца сè! Чича мича готова прича! Резимиравме кој бил крив кој прав, дајте сеа да напраиме еден партизански филм, не?! Пак дое тоа време, а?! Можда: како се ослободуевме од Грујота?!

Притоа, чуј, ова е најтрогателно, освен што Дарко знае кој е демонот (самиот тој, но, да потцртаме, топтан со сите), знае и кој е ангелот: студентите! Него како! Звучи ко песна. Песна од прљава када. Бљак, бе, Дарко! Препреден си ко Ришеље зад завеса! На допир ладен ко жабји стомак! Каква лигава фарса! Недостајно ни за турска сапуница! (Дијалог кај Чендлер: „Евтино? Нас нè чини 100 долари по литар.“ „Па, мене ми смрди на десет долари за еден тон.“)

Ех, Даре, и мене ми смрди на десет долари по тон – толку баздат овие безвредни огномети на твојата демагогија за почетници. Сите сме биле криви, а?! Сите бедници, сите недостојна стока? А како знаеш дека студентиве – наши исцедоци се, така?, вака ил онака – не се истата стока ко што си ти?! Кај пишуе тоа?! Како одгатнуеш, лебати, кажи, за да знам за у иднина, да не се заебуем со политичките и генерациските проценки?!

El honor no se mueve de lado como les congrejos, му вели еден кримос на еден детектив, кај Чендлер. Честа не може да се мрда назачки ко рак.

П.С.
Фуснота, него како! Резервен крај! Оживуе Дарко, остај ти тоа, вечниот малограѓанин не умира!

Значи, викаш, честа не може да се мрда назачки ко рак?! Не биди наивен, баче! Не ми продаај шашми и басми! Оти, едно знам, Македонија ме научила: во басните животните се луѓе, ама во животот е обратно!

И така, пак Дарко би победил. Не кај Чендлер, се разбира (таму гнасите лежат у кал, на крају баладе), ама во животот ‒ Даре е победник, многу веројатно. Макар и у фуснота.

Фотографиите се од филмот Murder, My Sweet, направен според роман на Рејмонд Чендлер

 

ОкоБоли главаВицФото