Граѓаните да не се греат ако сакаат чист воздух?!

19.02.2015 02:12
Граѓаните да не се греат ако сакаат чист воздух?!

Загревањето на домовите загадува повеќе отколку индустријата, посочија од Министерството за животна средина и просторно уредување на вчерашната дебата за загадувањето, организирана од Инбокс 7.

Според Министерството, интензивно се работи за решавање на проблемот со ПМ10 честичките, иако граѓаните велат дека тоа не го гледаат.

- Интензивно се работи на решавање на проблемот. Донесовме Закон за квалитет на амбиентален воздух и 16 подзаконски акти, исти како оние што ги имаат земјите од Европската унија. Честичките ги следиме интензивно, а тоа може и да се види на нашиот портал - рече претставничката на Министерството за животна средина и просторно уредување Анета Стефановска.

Според неа, државата презема многу, но тоа не се долгорочни мерки, а нагласи дека е потребна гасификација, што нема да биде готово ни во наредните две-три години.

Од 365 дена во годината, Тетово беше загадено точно 300 дена во 2014 година, нагласи на дебатата Адријант Џефери од невладината организација „Екогерила“. Тој додаде дека точно 45 дена од оваа година живееме во загадена средина, а државата не презема ништо за тоа. 

- Организиравме протести, реагиравме на секој можен начин, но не добивме никаква повратна реакција. Не сме задоволни затоа што никој не помага. Иако со законите се споредуваме со Европа, ние сме како Африка - рече Џефери.

Џефери додаде дека загадувањето е над 50 отсто и дека заболувањата од рак растат од година во година. На крај, како што заклучи тој, во Тетово нема никакво подобрување во квалитетот на воздухот и покрај сите напори.

Според претставниците на невладините организации што работат на полето на заштитата на животната средина, државата не презема речиси ништо, но од друга страна се задоволни со тоа што луѓето почнале да гледаат на загадувањето како на проблем. 

- Загадувањето е над дозволените параметри, а особено ми е драго што луѓето веќе почнаа да го гледаат тоа како проблем - рече претставничката на „Фронт 21/42“, Александра Бујароска. 

Според неа, загадувањето не е само од домаќинството и од индустријата, туку е од повеќе фактори истовремено. Таа додава дека не треба да се чека на временските прилики и дека државата треба да преземе повеќе мерки против загадувањето. Таа додаде дека казните што се доделени на фирмите, не сме ги виделе до ден-денес и дека сме први во донесување закони, а последни во нивно имплементирање.

Претставничката на „Еко-свест“, Јасмина Саид, пак, рече дека РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ испуштаат сулфурдиоксид 6 до 7 пати над дозволеното. Таа нагласи дека над 90 отсто од загадувањето се должи на овие термоелектрани. 

Според Ненад Коцев, претставник на велешкото еколошко друштво „Вила Зора“, Велес е во топ 5 најзагадени градови, и додава дека државата не ја научила лекцијата и дека продолжува по старо.

На дебата новинарите не требало да поставуваат прашања?!

На крајот на дебатата новинарите имаа можност да им поставуваат прашања на претставниците на Град Скопје и на Министерството за животна средина и просторно планирање. На прашањето која е причината да не се купи инструмент што ќе помогне да се намали загадувањето на воздухот и кој чини 20.000 евра, пари што се трошат на многу други и нелогични работи, Анета Стефановска, претставничка на Министерството за животна средина, рече дека неговото имплементирање чини многу повеќе, додека, пак, претставникот на Град Скопје, Никола Јовановски, посочи дека прашањата од новинарите треба да се постават за време на прес-конференциите и дека ова е само дебата.

Извор: Слободен печат
Слика: Leon Zernitsky