1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 10:14
Кога некој, во блиска иднина, ќе се обиде да дознае какво било општеството во Македонија во првите децении на дваесет и првиот век, веројатно ќе остане затекнат, доколку главен извор на информации му е документацијата од денешните медиуми.
Но, и без да ги консултира медиумите, ќе дознае многу за состојбата на општеството од други извори. Пред сè, од барок фасадите, доколку, се разбира, дотогаш остане нешто од овој инстант ужас. На лице, со империјална помпезност, од заднината руина, тие објекти на најдобар начин ја отсликуваат состојбата на духот во нашево општество. Тие се лажни како што се лажни сите други нешта кои во текот на оваа последна, деценија-две, се етаблираа и започнаа да стануваат дел од менталитетот на голем дел од популацијата. Ако се прифати тезата дека медиумите се такви какво што е општеството, тогаш запоседнатите, диригирани медиуми, сè тоа уредно го прикажуваат и покажуваат. Главно без згрозување, без критика, без повик на разум. Некои од нив го третираат како дострел, а некои како нужно зло. Но, најголемиот број учествуваше во овој злостор или карикатура.
Откако на власт дојде оваа, последнава булумента острастени политичари, алчни за власт и за пари особено, неуки и примитивно дрски – се направи пресврт кој не се памети. Лагата ја усовршија до перфекција, ја подигнаа на пиедестал. Лажните ветувања станаа нивни програмски цели (или чекори како што велат), неправдата стана систем, а понижувањето главна алатка против цели слоеви население, главно кон оние кои не се нивни симпатизери. Од социјалните десперадоси направија партиски активисти кои за бедна дневница и сендвич, уценети со некое ветено вработување, во секој момент се подготвени да им послужат за некоја контра акција, за да исплукаат некого, да протестираат за нешто за што најчесто немаат поим што е.
ИСТОРИЈАТА НА ШУТРАЦИ
Историјата беше првата на удар и од тој удар се создаде нова, лажна, маскирана историја. Платија историчари без интелектуална доблест криминалците и шутраците да ги преиначат во историски личности. Сега и улици добиваат имиња по нив, добија и споменици. И сè тоа помина скоро без револт или противење.
Се закашкаа цели општествени сектори, а сега истите кои тоа го направија, се јавуваат како средувачи на кашканиците. Кога се создаваа приватните универзитети скоро никој во јавноста не изнесе некоја сериозна сомнеж за нив. Откако, со поддршка на власта, се создадоа тие погони за производство на лажни академски титули, а партиските милитанти стекнаа инстант дипломи, истите тие се јавуваат како незадоволници со квалитетот на образованието. Го соголија и деградираа јавното здравство, сега се обидуваат да го исправат. И тоа повторно лошо го прават.
Странските инвестиции ги ставија на сметка на народот. Вложувањата се компензирани и преплатени само за да се создаде фалсификатот наречен зголемено вработување, стопанска активност. Кога и тоа не им беше доволно, прибегнаа кон лажна статистика, го намалија бројот на невработените на административен начин. Бегството на младите во странство се крие за да не се открие лагата.
Една лага раѓа други. Сме имале, велат, стопански растеж, а паѓањето сите го чувствуваме. Никој не се прашува како тоа да има повеќе десетици илјади вработени повеќе, а личната потрошувачка паѓа!
НОЌНИ ГАДОСТИ
Во медиумите инсталираа типуси кои по ниеден критериум немаат нешто заедничко со новинарството – разни трговци со вистината, полукриминалци, полициски доушници. Новинарски шутраци од најпроблематично ниво станаа коментатори, ноќни шоумени на кои им се дозволуваат секакви гадости во служба на политиката и во одбрана на власта. Заштитени од највисоките личности на официјалната политика, ја воведоа вулгарноста во медиумите. Простотилакот го ставија во служба на политиката. А, таа, власта, гостува во овие ноќни гадости и станува рамноправен соучесник и поттикнувач на злото.
Спорадично во јавноста и медиумите ќе пробие некоја информација за некаква сомнителна трансакција со градежно земјиште. Никаде не сретнавме анализа за тоа дека веќе неколку години функционира една масивна криминална контрабанда со градежно и друго земјиште. Проценките се дека се работи за криминал кој по вредност ќе го надмине оној направен за време на приватизацијата на стопанството! Кога за некоја година ќе започнеме да го откриваме овој криминал, сите ќе се згрозуваме над сознанието – „дали е тоа можно?!“
И кога деновиве ги слушаме записите од прислушувањата, остануваме згрозени од она што го слушаме, од нивниот начин на говор, примитивизмот и манифестацијата на сила. А медиумите, оние диригираните (гледај перверзија), се концентрираат на тоа дека се работело за „странски упад“. Како тоа да е најважното морално прашање.
ГРАДИНАРСКИ ЏУЏИЊА
Во списокот на новите лажни вредности, кои здраво котираат, секако ќе останат забележани бројните пастрмајлијади, ракијади, сармијади, чорбијади, пивофести, сите тие фестивали и карневали на преждерувањето, пијанството, простотилакот и кичот. Истражувачот во иднина ќе утврди дека најголемите уметници на нашето време биле силиконските Цеца, Брена, Северина и други главно цицлести или газлести фолк ѕвезди. Тие во медиумите се далеку поприсутни од сликарите, добрите музичари и писатели.
Ќе останат и (не)делата од проектот Скопје 2014. Ќе остане инфлацијата од оние скулптури и споменици, штанцани сериски во некоја ливница по ист калап. Историските дејци, уметници, патриоти, немаат ништо на нив што би ја одразило или изразило нивната историска заслуга или домет, нивната личност. Тие ја играат улогата на градинарски џуџиња кои треба да го илустрираат, да го анимираат, да го доистакнат избликот на невкусот и лудилото.
Тешко ќе му биде на истражувачот од иднината да ја најде вистината за нашето тотално срозување. Секако ќе се запраша: „Што правеле оние кои не се согласиле да бидат зафатени од оваа чума?“
Можеби ќе наиде на податок дека некаде околу 2015 година се случил некој пресврт, некое колективно освестување, кога народот рекол – ДОСТА ЛАГИ! Но, ние тоа не го знаеме!
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Слики: Захари Годријо-Рој